7 коментари 4 мин. читање

Што мора да знаете пред да купите Xbox One или Series S/X

Постојат многу PC гејмери кои никогаш не ја имаат проверено конзолата на Microsoft. Но, со оглед на тоа што Xbox Series S и X се исклучително квалитетни конзоли, уште повеќе поради феноменална Xbox Game Pass услуга, голем дел од таквите гејмери конечно размислуваат дали да купат S или поскапата алтернатива X. Во случај и вие да размислувате на овој потег, ова се прашањата кои сигурно сте си ги поставиле.

Колку се јаки Series S и X?

Ако разговараме само во поглед на графичката карта, во Series S има графичка карта која најблиску доаѓа до GeForce GTX 1060 3 GB, додека во Series X графичката е посилна од RTX 2080 Super. Кога ќе ги споредите конзолите, тогаш X е значително помоќно животно, но S никако не е за потценување, затоа што, потпомогнат од брзиот SSD и уникатните оптимизации, вчитувањето на игрите е екстра брзо, а многу наслови без проблем можат да се играат со 60FPS, па дури и 120FPS.

Сите оние што сакаат да ги искусат најновите игри во цела 4К слава и со значително подобра графика и овозможен Raytracing би оделе со поголемиот брат. Series X е одлична и, пред се, запрепастувачки моќна конзола, која ретко кого ќе разочара.

Xbox Series X и S станаа најбрзо продавани Xbox конзоли - info.mk

Може ли да се купат Series S и X во Македонија, и по која цена?

Со месеци и месеци, Series S се продава во Анхоч, односно Техномаркет, но по значително повисока цена од препорачаната, вадејќи се првенствено на трошоци поврзани со дистрибуција и гаранција. Поради тоа, наместо препорачаната цена од 17000 денари, тие ја продаваат конзолата по 22000 денари. Но, преку бројни огласи, може да се најде Series S и за 19000 денари, па дури и за илјадарка поевтино.

Што се однесува за Series X, оваа конзола и понатаму исклучително тешко се наоѓа во Македонија, а кога ќе се најде на најразлични огласи, обично цената е значително повисока и никој не ја продава под 750 евра, иако препорачаната цена ѝ е 500 евра.

Има ли некакви рестрикции во Македонија при користење на конзолата Xbox One, Series S или X?

Да. И не. Имено, откако ќе создадете акаунт, а ви препорачуваме да создадете US акаунт, можете да ги внесете податоците во вашата картичка и без проблем да купувате најразлични игри или да се претплатувате на бројни услуги.

Добро е тоа што, не мора да купувате од трети сајтови ваучери, па да ги активирате во акаунтот, туку се си купувате директно.

Доколку се претплатите на Game Pass Ultimate, можете да ги преземате и играте сите игри кои се дел од огромниот каталог, но нема да можете да играте преку облак. Cloud Gaming е единствената работа која нема да можете да ја користите во Македонија, што доколку нас не прашувате, не е никаков проблем, со оглед на тоа дека се бара исклучително добар интернет.

Xbox Cloud Gaming (Beta) with Xbox Game Pass | Xbox

Дали да се претплатите на Game Pass Ultimate и од каде?

Да, но не директно од конзолата. За 15 долари месечно, Game Pass Ultimate нуди неверојатна вредност. Ви дава да играте стотици и стотици квалитетни игри, како и бројни други предности, како бесплатни игри, дополнителни попусти, мрежно играње и многу повеќе. Но, три месеци е 45 долари, а има бројни сајтови како Gamivo, кои ви продаваат код за околу 25 долари, што, ќе се сложите е значително поевтино. Исто така, Microsoft ви дозволува да ја проверите услугата еден месец бесплатно, така да немате потреба од брзање.

Microsoft Xbox Game Pass Ultimate 3 Month Membership [Digital] QHX-00002 -  Best Buy

Дали и што да купите?

Xbox One го препорачуваме само доколку го најдете за исклучително ниска цена и за вашите дечиња. Доколку веќе земате нешто, Xbox One тргнете го веднаш од радарот – конзолата е стара, спора и тешко се справува со поновите наслови. Е, кога тоа го тргнавме од патот, време е да размислите дали да одите со Series S или X. Верувајте дека апсолутно нема да погрешите која и да купите од овие две конзоли. Како за почеток и вовед во гејминг преку конзоли, S e шампион и, со Game Pass, нуди феноменална вредност. Повеќето игри предат и одлично изгледаат!

Но, доколку сте за 4К гејминг со активирани напредни графички детали, кога веќе давате пари, навистина вреди да додадете уште некој денар и да земете Series X. Разликата е огромна! Само уште да се најде некаде каде што не e болно скапо.

Што ако имам уште прашања?

Пишете нѝ во коментарите и со задоволство ќе ви одговориме! :)

Напишано од

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Коментари

Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.

Најави се и отвори тема

Напишаното ќе остане зачувано во овој прелистувач.

7 постари WordPress коментари
Мени
Заедница
Изглед
To top