Што е Prime и зошто вашите деца лудуваат по овој пијалок? 

Сакале да признаете или не, живееме во свет презаситен од социјалните медиуми, а истакнатите креатори на содржина, т.н. инфлуенсери, од ден на ден имаат сѐ поголемо влијание врз нашите животи – на директен, или индиректен начин. Во последно време, откако платформите како YouTube станаа поскржави при поделбата на заработка од реклами со овие инфлуенсерите, кај истите се забележа тренд на поагресивен маркетинг и продажба преку алтернативни продукти, со цел враќање на некогашните профити и месечни заработки кои ги имаа во златните денови на социјалните медиуми.

Барајќи чаре за заработката, едни од најпознатите јутјубери во светски рамки лансираа свој бренд во светот на пијалоците, поточно спортскиот сегмент на оваа индустрија. Станува збор за Американецот Логан Пол, Logan Paul (кој во овој момент има 23,6 милиони претплатници) и Британецот Олајиде Олајинка Вилиамс Олатунји, со прекар KSI (24,1 милиони претплатници), кои во 2022 го креираа брендот Prime.

Земајќи ја предвид големината на публиката на двајцата јутјубери, овој пијалок за брзо време се проби на пазарот и се продава најмногу помеѓу тинејџерите и малолетните лица, во својата прва година брендот Prime оствари глобална продажба од над 250 милиони долари. Цената на овој пијалок варира во просек од 2 до 30 евра, зависно од достапноста и популарноста на пазарот.

Во Македонија, според наши извори, производот може да се најде по некои трафики, а цената според она што видовме онлајн достигнувала и до 2.000 денари по шише.

Кои се Логан Пол и KSI?

Логан Пол (28) – јутјубер, актер, боксер – првично славата ја стекна преку платформата Vine, за потоа да стане една од најгледаните личности на YouTube. Олајиде Олајинка Вилиамс Олатунји (30), со прекар KSI е јутјубер, рапер и боксер, а стекна слава преку видеа поврзани со гејминг на YouTube. Двајцата се едни од најплатените јутјубери на планетата и претставуваат идоли на многу тинејџери и малолетни деца. Како и во многу други случаи, популарноста и скандалите одат рака под рака, па така и овие двајца јутјубери не изостануваат. Покрај милионските прегледи, големите суми на заработка, тие имаат и низа контраверзни видеа.

Фамилијарен бизнис

Интересно е дека и Логан и KSI имаат браќа кои се во истиот бизнис – Deji (26) и Џејк Пол (26). И двајцата по стапките на постарите браќа се и едни од најпознатите инфлуенсери и боксери.

Deji и Џејк Пол додаваат дополнителни 30+ милиони следбеници на постоечките 45+ милиони, што ја прави иницијалната публика на Prime Hydration на неверојатни над 70 милиони следбеници (претежно тинејџери) само од примарните канали каде што се рекламира овој продукт.


За слава и пари се прават многу работи, па така тие се соочија еден против друг во меѓусебен боксерски меч во текот на 2019 година. Секако, и браќата го следа примерот и исто организираа и свој дуел истовремено.


Дополнително, Логан Пол, во рингот во 2021 година во спектакал за пари се соочи и со неприкосновениот боксер Флојд Мејветер, иако мечот го загуби, заработи неколку милиони. Мечевите беа претставувани како вистински спектакли со милионски гледања преку pay-per-view модели, по цена од 49.99 US долари.

Што е Prime Hydration?

Prime се спортски пијалоци кои што ги комбинираат кокосовата вода со електролитите, без притоа да содржат шеќер или кофеин. Се конзумира при најразлични спортски активности.

На пазарот прво беше претставен спортскиот пијалок Prime Hydration:

…а потоа и контраверзниот енергетски пијалок Prime Energy:

Зошто Prime Energy е контровезен? 

Prime се проби на пазарот навистина брзо благодарение на публиката на инфлуенсерите, профитот вртоглаво растеше, за да набрзо стане и официјален спонзор на UFC, фудбалските клубови Арсенал, Барселона, Баерн Минхен и автомобилистот Тими Хил. Покрај овие партнерства, Prime се соочи и со многу забрани. Односно забранет е во Нов Зеланд, Холандија и во некои училишта во Австралија, САД, Канада, Данска, Велика Британија и Јужна Африка.

Накратко, Prime Energy е енергетски пијалок кој не содржи шеќер и е вегански, достапен е со повеќе вкусови, но за сметка на сето ова содржи многу кофеин… ама, навистина многу!


Главната причина за кревањето на прашина околу овој пијалок е тоа што содржи 200mg кофеин во едно шише (330ml). Колку за споредба, шише од иста големина Coca Cola содржи 34mg кофеин, а пак лименка Red Bull содржи околу 116mg кофеин, што е половина од количината на кофеин во Prime Energy. Ова беше доволна причина за Американската агенција за храна да биде повикана за да го истражи овој пијалок.  

Влијанието на јутјуберите врз својата млада публика 

Нашето секојдневие е незамисливо без социјални мрежи, тоа ни носи бројни бенефити, но кога станува збор за децата, веројатно негативните последици преовладуваат. Децата ги следат јутјуберите секојдневно и сакаат да прават работи кои што ги гледаат на нивните видеа. Од друга страна јутјуберите се тие кои што се трудат секој нов ден, да излезат со ново поинтересно и поспектакуларно видео од претходното, и така кругот се врти и си тера… без некој сериозен родителски надзор.

Кога публиката е десетици милиони, а поголемиот дел се тинејџери, не е ниту чудно, ниту неочекувано продуктот за брзо време да стане вирален и посакуван. На рекламите јасно е наведено дека пијалокот е наменет за полнолетни лица, но доколку зад тој пијалок стојат двајца добро познати светски јутјубери чија публика е примарно тинејџерска, малолетните лица се постојано изложени на маркетингот за Prime и би направиле скоро сѐ за да дојдат до пијалокот – со кој ќе се сликаат за да добијат некој вид на социјален статус во своето друштво.

Кога некој тренд преовладува на социјалните мрежи, најчесто TikTok и YouTube, здравиот разум и логиката се сѐ помалку застапени. Денес, родителите треба да бидат повнимателни од било кога – особено кога е-болестите се во подем, поради тоа што пристапот на секаква содржина не бил никогаш подостапен, а влијанието на креаторите на содржина никогаш не било посилно.

Ризици врз здравјето 

Максималната количина за внес на кофеин на дневнa основа е 400mg за возрасни и 100mg за деца. Количината на кофеин во едно шише е 200mg, па од тука е јасно дека овој пијалок не е наменет за лица помлади од 18 години.

Зголемениот внес на кофеин води кон:

  • анксиозност,
  • несоница,
  • дигестивни проблеми,
  • забрзан пулс,
  • зголемен крвен притисок и слично, повеќе информации на следниов линк.

Статистики од повеќе извори укажуваат на тоа дека поголемиот дел од следбениците на социјалните мрежи на овие двајца јутјубери се помлади од 24 години, а сличен е случајот и со Instagram сметката на Prime.

Сето ова укажува на тоа дека родителите треба да превземат поголема контрола околу тоа каква содржина конзумираат нивните деца на интернет, како да ги користат своите финансии, што е инфлуенсерско влијание за пари и уште поважно што е конзумација на нездрави продукти и храна.

П.С. Го пробавме Prime Hydration, и се согласуваме со Гордон Ремзи дека има вкус на парфимирана вода и заслужува оценка 0 од 10.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
2 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
Bot
Bot
1 year ago

Пак PR текст :)

123
123
1 year ago

WOW. RETARDED.

види ги сите огласи на kariera.it.mk