Живееме во време кога креативноста зазема најразлични димензии и се печали на крајно неочекувани начини, креирајќи запрепастувачко чудни трендови во процесот.
Еден таков тренд е NPC Livestream Trend каде секојпат кога на креаторите ќе им се купи „подарок“ преку платформата TikTok, тие (креаторите) ќе прекинат што и да работат за да кажат одредена фраза како да се NPC лик во видео игра.
Какво и да е вашето мислење, трендот е крајно профитабилен и сите сакаат дел од колачот!
За TikTok креаторот PinkyDoll ова се покажа како исклучително профитабилен тренд. За време на нејзините преноси во живо, ако и купите сладолед, таа ќе каже Ice cream so good. Ако и купите каубојска капа, таа ќе каже Yeehaw, yes. Звучи чудно, банално и на граници на невиден идиотизам но, од одреден аспект е и исклучително фасцинантно да гледате како ѝ се подарува сладолед по сладолед, а таа реди: Ice cream so good, Ice cream so good, Ice cream so good.
Претпоставуваме не би го можеле сите ова и многу зависи од техниката, изведба, но и изгледот на креаторот. Кога овие три точки одлично се совпаѓаат една со друга, се создаваат услови за ситуација каде им се дава одредена моќ на гледачите да го контролираат нивниот омилен креатор… за одредена цена!
Некои би можеле да гледаат на ова како на патетичен, срамотен и потценувачки обид во стилот: „еве ти банана мајмунче, сега играј за нас“, но другите би можеле да кажат дека се работи за многу подлабок однос каде го наградувате креаторот, му пружате услови за понатамошно создавање содржини, а креаторот ви се заблагодарува така што кажува програмирана реплика во зависност од вашиот подарок. Како и да е, трендот излегува од контрола, а пари буквално паѓаат од небо.
Колку може да се печали од ваквиот NPC Livestream тренд?
Многу! Претходно споменавме дека еден од подароците кои можете да ги купите е сладолед. Ако сакате да и купите на PinkyDoll дигитално сладоледче за да ја чуете фразата Ice cream so good потребно е да платите 75 денари ($1.30). Дел од овие пари си ги зема платформата TikTok, а дел и се даваат на креаторката. За минатиот месец, креаторот PinkyDoll изјави за New York Times дека печалела од 2000 до 3000 долари од само еден пренос во живо. Или 7000 долари дневно!
Се чини дека сите сакаат да зграпчат дел од овој профитабилен колач. Па така, само во јули, креаторите го искористиле хаштагот #NPC во скоро 50000 видеа кои биле прегледани 835 милиони пати.
Ни Ники Минаж не седи со скрстени раце и од пред некој ден и таа си го започна истиот тренд. Неделава, на 13 август, си седна, си започна пренос во живо и почна да си реагира со NPC фрази за планината од дигитални подароци во форма на капи, срциња, микрофони и рози. Едвај се избори да излезе во пресрет на сите подарови и да ја повтори истата фраза постојано и постојано. И постојано. Ники Минаж не е ниту првата ниту последната славна личност која со раширени раце го прифати овој тренд, приклучувајќи се и на другите рапери како Lil Pump.
Живееме во време кога креативноста зазема најразлични димензии и се печали на крајно неочекувани начини, креирајќи запрепастувачко чудни трендови во процесот. Се чини дека социјалните мрежи се како златен рудник кој константно дава, независно од тоа за каква изведба се работи.
Како ви на вас изгледа овој тренд? Интересен? Или уште еден пример за тоа дека човештвото има достигнато ново дно? Кажете ни во коментарите!
Како нас ни изгледа? Ни изгледа ко лудница без надзор и не се знае кој чиви апчиња зел од сабајле :( Не знам дали некој при здрав разум може ова да го есапи за “content creation”.