Сите оние кои ужуваат во комплексни детективски игри би требало да ги насочат нишаните кон најновата игра на ColePowered Games. Shadows of Doubt е феноменално гејмерско истражување кое ве поставува во sci-fi мрачен свет кој како да е направен во Minecraft. Наметнувајќи ви улога на приватен детектив, ќе можете да решавате најразлични случаи преку макотрпно собирање и анализирање докази.
Noir блаженство
Со вклучување на оваа мрачна игра, ќе добиете опција да го започнете случај The Dead of Night. Се работи за случај кој е специјално осмислен правилно да ве воведе во играта и да ви ги објасни механиките. Во моментот кога ќе го завршите The Dead of Night случајот, ќе можете да навлезете во главниот Sandbox мод, каде што ќе можете да го истражувате целосно градот и да решавате најразлични случаи.
Независно од избраната опција, ќе можете да навлезете во еден од три претходно-изградени градови, или пак да создадете целосно нов град според претходно-дефинирани параметри. Студиото се има потрудено да понуди поголема слобода во овој поглед, нешто што е очигледно и при креирањето на вашиот лик.
Првиот моќен елемент во играта е атмосферата. Minecraft инспирираната графика, во комбинација со вознемирувачката музичка подлога, допринесува до градење впечатлив и уникатен свет кој со задоволство го истражувате. Во собата во која се наоѓате го слушате бесот на ветрот и грмотевиците, удирањето на дождот во прозорецот, далечни гласови и еден куп други суптилни работи кои се замислени да го направат искуството што е можно поверодостојно.
Уште на самиот почеток, ќе забележите дека Shadow of Doubt е комплексна детективска игра која бара од вас остро око за забележување детали и остар ум за поврзување на деталите. Само вашата спална соба вдомува сеф кој не се отвора без код, кутијата која не се отвора без комбинација, и компјутер кој одбива послушност се додека не ја внесете соодветниот код. Ништо од ова не знаете, туку е потребно да пронаоѓате и листате бројни документи, надевајќи се дека ќе го најдете бараното. Во процесот да откриете една работа, меѓутоа, вие откривате десет други, полека пополнувајќи бројни дупки поврзани со светот кој ве опкружува и случајот кој ве презема.
Осмелете се да преминете во другата соба и ќе откриете телефон. Секој телефон во SoD има посебен број, на секој број можете да завртите, за секој број можете да дознаете кој вртел претходно, како и да повикате да дојде извршителски одред. Сите телефонски броеви што ќе ги видите и сите документи што ќе ги пролистате може да се прикачат на еден вид пренослива табла до која имате пристап во секоја време. Со овие вака-прикачени податоци можете да стапувате во најразлични интеракции, да ги проверувате, да ги поврзувате и слично. Страшна работа. А, не сме ни пет минути во играта.
Осмелете се да излезете од собата и ќе видите град полн со луше, секој од нив се одликува со посебни секојдневни рутини и карактери. Ваша задача е да се движите низ градот, да стапувате во најразлични интеракции, да собирате докази со помош на најразлични алатки и да ги користите доказите за да решите предизвикувачки детективски случаи. За решавање на случаите имате огромна слобода. Можете насилно да влезете и да пребарувате станови, да хакирате системи, да листате документи или извештаи поврзани со безбедносните системи. Никој нема да ве спречи ни да пробате да подмитите некого, да пробивате брави, да избришете безбедносни извештаи и ред други работи. Во моментот кога ќе решите некој случај и ќе бидете финансиски наградени, ќе можете да купувате дополнителни алатки, како и да си го уредувате вашиот стан.
Shadows of Doubt е комплексна детективска игра и доколку барете огромен свет со бројни комплексни механики, тогаш ова е игра за вас. Иако се работи за игра во прво лице, акцијата не е ниту во прв, ниту во втор или трет план. Се работи за релативно пасивна игра каде акцентот е на истражување на градовите, разговарање со луѓето и собирање и анализирање докази на различни начини. Детектив, а не акционен херој.
Повеќе детали за играта
- Произведува: ColePowered Games
- Издава: Fireshine Games
- Жанр: истражување
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 26 септември 2024