Rogue Waters е невообичаена игра од неколку аспекти. Од една страна, се работи за пиратска игра, нешто што ретко или невешто се разработува во игрите. Од друга страна, развојното студио
Ice Code Games имплементира забавна смеса од turn base со roguelite RPG елементи. Како резултат добивате наслов во кој управувате и со брод и со екипаж во процедурално осмислени сценарија, соочувајќи се со моќни суштества од најдлабоките понори на морињата.
Бездна без дно
Rogue Waters не е лесна игра. Уште во самиот старт ќе бидете предупредени дека не ги држите сите конци во раце; вашиот екипаш може да се претрпи критични повреди, играта прави автоматско сочувување на напредокот, а одредени одлуки имаат последици. Имено, што повисока тежина, толку повеќе добивате искуствени поени, нацрти и стакло (за ова повеќе, подоцна), така да ризикот игра огромна клучна улога во играта. Со став дека сме спремни на чести порази, ја започнавме нашата прва партија, на нормална тежина и со по 10% од овие три работи.

Како turn-based roguelite, Rogue Waters имплементира неколку уникатни елементи. Вашите единици ги управувате како и во сите други игри со запазување ред, но, со една мала разлика. Пред да го финализирате вашиот ред, можете одново да поминете низ сите единици и, доколку увидите некоја грешка во имплементираната стратегија, да направите исправка. Покрај водење битки со вашите пирати, можете да го користите екипажот за директни напади на напријателските бродови, односно преку користење ваши топови за уништување на непријателските единици, топови, и опрема. За време на ваквите битки со бродови имате само три реда. По завршување на редовите, го напаѓате бродот и започнувате напади со вашите пирати.

Вашите единици ги купувате со валутата стакло. Секоја од единиците која ја поставувате собира искуствени поени и се наградува во зависност од битките во кои учествува. Битките знаат да бидат исклучително димамични и да ви дозволат да ја користите околината околу вас за нанесување поголема штета. Имено, доколку со вашата единица нападнете непријателска, таа единица може да биде турната кон друг непријател, во некој предмет во позадина, претрпувајќи дополнително оштетување во процесот. Во ситуации кога единицата има многу малку здравје и се наоѓа на ивицата од бродот, ќе можете да зададете критичен удар и да го фрлите непријателот во водата.

Rogue Waters е преубаво осмислена игра, не само во поглед на мапите, туку и во поглед на единиците со кои управувате или против кои се спротивставувате. Благодарение на нивните уникатни способности, битките имаат огромна и крајно непредвидлива стратешка вредност, принудувајќи ве често да внимавате за вашата поставеност на полето и на правилно имплементирање клучни способности. Рејдовите кои ги започнувате и водите знаат да бидат предизвикувачки, особено во последната фаза. Иако умирањето е често кога ќе бидете опколени со голема бројка непријатели и иако знаете дека поразот е загарантиран, сепак не можете, а да не уживате во хаотичното клупче кое се одмотува пред вас. А, тука е и помошта од вашиот пријател кракен (оставаме на вас да откриете на што мислиме).

На крај на денот, Rogue Waters е феноменална игра која ви дозволув да почнете скромно, а веродостојно да напредувате и да ја зголемувате вашата моќ, особено преку бројните нацрти со кои отклучувате способности и надградби. Во случај да сте фанови на пиратското опкружување со предизвикувачка тежина и roguelite механики имплементирани во силен turn-based систем, ова е игра со огромна вредност на преигрување.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Ice Code Games
- Издава: Tripwire Presents
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 30 септември 2024







