Добри вести за огласувачите, маркетинг агенциите и компаниите кои сакаат да го претстават својот бренд на една од најпопуларните друштвени мрежи во моментот. Instagram, третата најголема друштвена мрежа во светот, со над половина милион корисници на Балканот, сега ја отвори платформата за огласување и за локалните девелопери и агенции. Тоа што го прави Instagram уникатен е што користи фотографии наместо текстуални постови, и поради тоа што е попопуларен на мобилните телефони отколку на десктоп. Повеќето регионални брендови веќе ги конвертираа своите профили во визуелни рекламни табли, но сега со пристап до платформата за огласување ќе може да допрат до поширока и потаргетирана публика.
Instagram најави дека ќе ја отвори својата платформа за сите огласувачи уште на почетокот на септември, но се чини дека од пред некој ден е активна за балканските огласувачи. На партнерите-огласувачи им се понудени сите форми на реклами – реклама со фотографија, реклама со повеќе фотографии, видео реклама и мобилна click-to-install реклама, пренесува Netokracija. Претпоставките на аналитичарите се дека Instagram може за две-три години да генерира скоро 1 милијарда долари приходи од реклами, пишува Wall Street Journal.
Тоа што е интересно е што со отварање на платформата, им беше дозволено на девелоперите и огласувачите да ги погледнат бројките на корисниците во регионот. И да бидеме искрени, бројот на корисници во Македонија е фантастичен!, како што открива Горан Угриновски на својот Facebook пост.
Instagram стартуваше во 2010-та година, но му требаше само две години да стигне до 100 милиони корисници и да извлече 1 милијарда долари од Facebook. Но, иако е во сопственост на компанијата на Марк Закерберг, сепак тој вети дека Instagram ќе продолжи да работи независно, што беше добар потег бидејќи Instagram едноставно не престанува да расте, надминувајќи го Twitter со 400 милиони корисници.









