Една од првите ултра-популарни видеоигри за паметни телефони – Angry Birds, ќе добие нов сопственик. Јапонскиот гејминг гигант Sega ќе плати 706 милиони евра за финската компанија Rovio.
Sega ќе плати 9,25 евра по акција, 19% над пазарната цена на акциите на Rovio од минатата недела. Двете компании во заедничко известување ја потврдија веста.
Sega е основана во 1960 година и е најпозната по Sonic the Hedgehog и Total War серијалот, но во минатото беа препознатливи и по своите Sega Genesis/Mega Drive конзоли.
„Пораснав играјќи го Sonic the Hedgehog, воодушевен од неговиот современ дизајн. Подоцна, кога за првпат ja играв Angry Birds, знаев дека гејмингот еволуираше во вистински мејнстрим феномен, со моќ да ја обликува модерната култура“, вели Александре Пелетиер-Норманд, директор на Rovio.
„На брзорастечкиот пазар за видеоигри, пазарот на мобилни игри има исклучителен потенцијал. Долгорочна цел на Sega беше да го забрза своето проширување на ова поле“, вели Харуки Сатоми директор на Sega Sammy Holdings, компанија во чија сопственост е Sega.
Angry Birds е најуспешната игра на Rovio
Rovio Entertainment Oyj е финска компанија, основана во 2003 година од Никлас Хед, Јарно Вакеваинен и Ким Дикерт. Компанијата е најпозната како креатор на играта за мобилни Angry Birds.
Angry Birds беше издадена за iOS и Android во декември 2009 година. Играта брзо стана хит и постигна огромен успех. Набрзо по издавањето беше најсимнуваната мобилна игра во светот. Во мај 2012 играта дојде до бројката 1 милијарда симнувања, и според некои тврдења е првата серија видеоигри која надминала 1 милијарда преземања. Игрите на Rovio се преземени над 5 милијарди пати.
По успехот на оригналната верзија на играта, Rovio продолжи да развива нови игри во франшизата, вклучувајќи проширувања на оригиналната игра, но и нови наслови, како Bad Piggies, Angry Birds Space и Angry Birds Star Wars.
Компанијата ја прошири франшизата надвор од светот на видеоигрите, вклучувајќи анимирани серии и филмови. Досега имаше два филма кои излегоа во 2016 и 2019 година.
Видеоиграта е добитник на наградата Best Casual Game на MWC 2010. Следната година на британските Appy Awards играта освои награда за најдобра видеоигра и најдобра апликација. Истата година на Webby Awards, оваа видеоигра беше прогласена за најдобра за преносни уреди.