Сите оние кои се по акциони, но едноставни игри со хорор елементи, би можеле да ја проверат Secrets of the Witch House, но само доколку чедото на Demon Zoo Games се нуди со значителен попуст. Од нашето дружење со играта забележавме дека Secrets of the Witch House нема доволно разновидни механики за да гарантира забава на подолг период.
Демо или игра?
На прв поглед, би можеле да помислите дека Secrets of the Witch House не е ништо повеќе од сиромашна демо верзија која само алудира на незаборавна акција која никогаш не доаѓа. Тоа е затоа што треба да сте навистина добри во играта, како би можеле да издржите доволно долго, да го поминете левелот и да навлезете подлабоко во проклетата куќа.
Во играта играте со девојка која има за задача да користи огнени оружја за да се спротивстави на бранови и бранови од непријатели. Како игра која се темели на roguelite елементи, Secrets of the Witch House знае да биде исклучително предизвикувачка игра, принудувајќи ве да се навраќате на рандомно генерираниот левел одново и одново.
Авторот ветува дека секој ран е поразличен од претходниот, но ние немавме таков впечаток и секој ран ни беше доста сличен со претходниот – мала мапа во која има еднолични соби, ограничен избор на оружја и уште поограничен избор на способности, како и непријатели кои се опасни само затоа што доаѓаат во поголема бројка и секој удар нанесува драстично оштетување на вашето здравје.
Secrets of the Witch House нема што многу да понуди. И поради тоа, се труди да ве убие што побргу, принудувајќи ве да се навраќате на едни исти сиромашни левели одново и одново, се додека новитетот од таквото нешто не исчезне целосно. Доколку преживете доволно долго, ќе можете да купувате оружја или пак да играте на пачинко машините за да видите како оружје би добиле по случаен избор.
Лоуполи графиката има одреден шарм, особено уништувањето на околината, но движењето и анимациите делуваат неприродно успорени, со што дополнително се намалува имерзијата.
Во случај да наидете на играва со значителен попуст, би можеле да ја проверите Secrets of the Witch House, чисто за да видите колку сте добри во игра која никако не сака да бидете добри.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Demon Zoo Games LLC
- Издава: Demon Zoo Games LLC
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows