Неодамна излезе The Spirit of the Samurai. За играта на развојното студио Digital Ming Games се очекуваше многу, особено поради преубавата графика која се заснова на дводимензионалната stop-motion техника. Арно ама, надвор од графиката, The Spirit of the Samurai некако не успеа да ги импресионира фановите ниту со приказната, ниту со борбениот систем.
Падот на воинот
Најголемата причина поради која издржавме долго во играта е, како што напоменавме, графиката. The Spirit of the Samurai изгледа апсолутно прекрасно, принудувајќи не да посакуваме многу повеќе игри да користат stop-motion. Згора на тоа, приказната вешто не вовлече во богатиот свет и универзум. Но, она што почнува како супер кул идеја, завршува како смеса од лошо реализирани идеи.
Од една страна, The Spirit of the Samurai ви дозволува да играте со самурај и да се соочите со бројни непријатели преку side-scrolling систем од напади од близина (меч), или далечина (лак и стрела). Од друга страна, има моменти каде играте со маче и вашата задача е да се прикрадувате и провлекувате покрај најразлични чудовишта, давајќи платформска димензија на целата игра.
Нема никакво сомневање дека многу знаење и внимание е посветено во The Spirit of the Samurai. За жал, многу од новитетите не траат долго, особено делот со едноличните битки. Борбениот систем се труди да воведе одредени новитети со отклучување способности и комбо напади. И покрај ова, за брзо време ќе се најдете во еден вид транс на механичко форсирање од една до друга точка, често превртувајќи ги очите кога ќе се соочите со нереспонзивни контроли, како при блокирање, тркалање или изведување на одредени напади. Ова е двојно полошо кога играте со мачето и имате за задача да скокате и преминувате низ најразлични препреки или провалии. И овие активности само фрустрираат со нереспонзивноста и лошата изведба.
За жал, графиката не е доволно силно лепило и никако не може да ги држи останатите механики заедно. На самиот почеток, The Spirit of the Samurai ветува огромна и незаборавна авантура, но она што останува во нашето сеќавање е ветување за неисполнет потенцијал и игра која можела да биде одлична, а не е.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Digital Mind Games
- Издава: Kwalee
- Жанр: авантура, акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе на: 12 декември 2024