0 коментари 7 мин. читање 19 јули, 2024

Microsoft со глобален прекин, засегнати и локални банки и Wizz Air

Голем проблем со Blue Screen of Death (BSOD) на Windows денес остави илјадници компјутери офлајн. Пропустот зафати банки, авиокомпании, телевизии, супермаркети и многу други бизниси низ целиот свет. Во Македонија прекин на електронското и мобилно банкарство има ПроКредит Банка, а проблеми имаат и Wizz Air.

Кои сервиси се зафатени во Македонија

Досега за прекин или проблеми со услугите известија ПроКредит Банка и Wizz Air.

Wizz Air

Во соопштението кое ни го испрати Wizz Air авио превозникот вели дека „се соочуваат со екстремни технички предизвици со прекинот на глобалните ИТ системи од трета страна“. Дополнително патниците на Wizz Air може да забележат прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб-страницата на и мобилните апликации привремено се недостапни.

За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот.

ПроКредит Банка

„Почитувани,
Се соочуваме со глобален технички проблем и поради тоа електронското и мобилното банкарство на банката се привремено недостапни. Непречено може да ги користите картичките и банкоматите на банката. Работиме напорно и посветено на решавање на проблемот. Ви благодариме на разбирањето.“, пишува во пораката која ПроКредит Банка ја испрати до своите корисници.

Причини за проблемите

Проблемот е предизвикан од лоша надградба од компанијата за сајбер безбедност CrowdStrike. Пропустот предизвикува грешка кај зафатените компјутери која ги исфрла компјутерите и серверитe. Машините потоа влегуваат во „recovery boot“ циклус од кој не може да се подигнат правилно.

Првите извештаи за проблемот дојдоа од Австралија. Компјутерите во повеќе банки, авиокомпании и телевизиски радиодифузери се исклучиле. Проблемот со почетокот на работниот ден е забележан и во Европа. Британскиот канал Sky News не успеа да ги емитува своите утрински вести, наместо ова прикажува порака со извинување за прекинот.

Прекин пријави и компанијата Ryanair која ги извести корисниците дека ИТ-проблем од трета страна е причина за одлагање на летовите.

Проблемот го потврди и CrowdStrike. Компанијата во порака издадена во 7:20 објави:

 „Добиваме многу извештаи за BSOD на Windows хост, кои се јавуваат на multiple sensor versions. CrowdStrike ja идентификуваше и ја врати неисправната надградба, но тоа не ги решава проблемите за машините кои веќе се погодени.“

CrowdStrike го потврди проблемот и преку снимена телефонска порака на бројот за поддршка, пренесе SkyNews.

CrowdStrike е безбедносна компанија која обезбедува заштита на крајни точки (endpoint) и други сервиси. Компанијата редовно го надградува својот софтвер познат како „sensors“ кој е инсталиран на машините на клиентите за да ја обезбеди оваа заштита, но последната надградба има проблем со csagent.sys. Проблемот ги зафаќа Windows 10 и Windows 11 оперативните системи кои ја користат заштитата на CrowdSource за заштита на крајни точки. Корисниците кај кои „поминала“ последната надградба известуваат за „DRIVER_OVERRAN_STACK_BUFFER“ грешка.

„Влијанието на оваа надградба е особено сериозно за деловните клиенти, при што некои организации известија дека биле погодени илјадници уреди, вклучително и критичните производствени сервери и SQL нодови.“, јави Cyber Security News.

ИТ администратори од целиот свет го дискутираат проблемот на Reddit. Дел од корисниците ги споделуваат своите искуства. На пример во Австралија поради проблемот не работат банките и супермаркетите. Еден коментар вели „Седумнаесет оддели ни паднаа наеднаш“.

Веројатно најдобриот коментар доаѓа од Ek1Er1f кој вели „Среќен петок“.

Влијание врз глобалните бизниси и услуги

Прекинот доведе до приземјени авиони и прекини на емитувањето на ТВ-програмата. Во Обединетото Кралство, скенерите за бординг на аеродромот во Единбург не работат, а слични проблеми се пријавени и на аеродромите во Германија и Шпанија. Во САД, авионите на American Airlines, Delta Airlines и United Airlines се приземјени поради ИТ дефектот.

Зафатен е и железничкиот сообраќај во Обединетото Кралство. Поради проблемите не може да се пристапи до дијаграмите за возачи на неколку железнички линии, дополнително зафатени се системите кои овозможуваат податоци за патниците.

Sky News и натаму не може да емитува програма, а Microsoft вели дека преземаат „мерки за ублажување“ на проблемот од полноќ (македонско време).

Проблемот ја зафати и Лондонската берза за хартии од вредност. Ако ја посетите веб-страницата на берзата во моментов ќе ве пречека порака за техничка грешка која ги спречува RNS/REACH објавите.

Во САД поради пропустот не функционираат 911 линиите во Алјаска.

Неупотребливо решение

За компаниите со мал број на уреди веќе постои решение. Подигање на машините во „Safe Mode“ и бришење на C-00000291*.sys фајловите или само преименување на CrowdStrike фолдерот од „Windows\System32\drivers\CrowdStrike“.

Ова секако не може да се користи во компании со стотици уреди и крајни точки. Дел од Reddit коментарите зборуваат за мрежи со илјадници, па и десетици илјади уреди.

Развој на ситуацијата

По развојот на оваа ситуација, изгледа дека ќе биде тежок ден и викенд за ИТ администраторите и засегнатите бизниси ширум светот. Како што се „будат“ останатите делови од светот се јавуваат нови проблеми. Последно, британскиот Национален здравствен сервис (NHS) објави дека има проблеми со закажувањето на прегледите во дел од клиниките.

 Индија потврди дека проблемите ги зафатиле нивните авио превозници. Во Азија се зафатени и малезискиот железнички оператор KTMB, аеродромот Changi во Сингапур, аеродромот во Хонгконг.


Оваа актуелен настан ќе додаваме повеќе информации кога ќе бидат достапни.

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top