
Во далечната 2005, F.E.A.R. го револуционизира FPS жанрот со тоа што искомбинира хорор елементи со адреналинска акција. До ден-денес играта е за многумина вистински акционен спектакл. Чедото на Monolith се истакнува со впечатливи пукачки секвенци и со задоволителен систем за успорување на времето каде куршуми, искри и искршено стакло ползи на сите страни. Дали Trepang2 успева да ја модернизира препознатливата акција и да воведе нова свежина во „ходничките“ пресметки?
Враќање на корените
Доколку сте гејмери кои уживаат во пукачки игри и акциони филмови кои доминираа во 2000-те, тогаш Trepang2 ќе ја доживеете како кога се враќате дома по долг печалбарски период. Играта на Trepang Studios се одликува со едноставна, но крајно забавна формула каде се движите од една до друга точка и елиминирате бројни непријатели. На располагање имате арсенал од огнени оружја кои дополнително се наградуваат во посупериорни верзии, а, доколку сакате, можете да се прикрадувате, да земете непријател и да го искористите како штит или пак да активирате граната и да го џитнете кон непријателите.

Тука некаде и ќе трчате, ќе скокате и ќе удирате со нога, ќе се лизгате на подот за да зашеметите непријатели со штит и ќе извршувате ред други акробатски способности. Trepang2 е една од ретките игри кои целосно ја дефинираат фразата „флуидност во движење“, особено кога ќе ја искористите натприродната моќ за успорување на времето, боите ќе започнат да се развлекуваат, а вие редите хедшoт по хедшoт. Оружјата имаат посебна тежина, а непријателите веродостојно реагираат на секој погодок, особено кога ќе искористите сачмарка за грозоморна ликвидација од непосредна близина.

Хаотична акција
А, кога работите ќе станат предизвикувачки, можете да активирате привремена невидливост и да се скриете од нишаните на непријателите. И двете моќи се мајсторски реализирани; од почеток до крај беше интересно да ги користиме, да гледаме како непријателите збунувачки се движат, нè бараат испаничено или пак пукаат на слепо. Сево ова е интегрирано низ најразлични тврдини кои кријат клаустофобични ходници, морничави соби или пак визуелно импресивни пространства.

Што се однесува до приказната, играте како 106 – супер војник со импресивни борбени способности, но со никакви сеќавања за минатото. Откако ќе бидете ослободени од мистериозна група, ја започнувате вашата невозможна мисија да се провлечете низ брановите на платениците, да извлечете жива глава, но и да дознаете кој се стои зад ситуацијата во која се наоѓате. Споредено со F.E.A.R., приказната не е баш јака страна кај Trepang2 и иако тензијата е доволно густа за да можете да ја сечете со нож, недостасуваат бројни филмски моменти и комплексна приказна. И покрај ова, она што ќе го најдете е сосема доволно за исполнителни и адреналински сесии каде акцентот е на акција, акција и само акција!

Целосно пакување!
Trepang2 е убава и гласна игра која целосно се посветува на класиците од пред добри 15-20 години. Ние не сме единствените што се импресионирани од линеарната осум-часовна кампања; играта на Steam ужива во 94% позитивни рецензии, а од пред три дена излезе закрпа која искоренува познати багови, но и додава нови мапи и скинови, како за играчите, така и за оружјата. Доколку сте фанови на игра како DOOM и F.E.A.R., тогаш сега е одлично време да ја проверите и Trepang2!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Trepang Studios
- Издава: Team17
- Жанр: FPS, акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 21 јуни 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 8.75
- Приказна: 8
- Гејмплеј: 10
- Графика: 8
- Звук и музика: 9







