Елон Маск повторно е во фокусот на вниманието. За жал, помина многу време откако причина за ова се достигнувањата на Tesla и Space X. Во последниот период вестите со Маск често се контроверзни и речиси редовно поврзани со DOGE.
Минатата недела дознавме дека агенцијата работи на нов софтвер кој ќе им помогне за полесно отпуштање на вработените. Со софтверот AutoRIF (Automated Reduction in Force), алгоритмите ќе ја преземат улогата на извршители, претворајќи ја владината служба во систем каде што код и статистика ќе ја носат конечната одлука – дали некој ќе остане без работа или не.
Софтверот AutoRIF е развиен за потребите на Одделот за одбрана. Првата верзија излезе пред дваесетина години, и оттогаш излегоа неколку надградби. Во моментов на надградба на софтверот работи Рикардо Биасини, поранешен инженер од Tesla и The Boring Company, пишува Wired.
Дека во DOGE баш и не се сигурни што прават покажува следниот пример. Последни жртви на отпуштањата се вработените во Националната администрација за нуклеарна безбедност. Тие го одржуваат и чуваат нуклеарното оружје на САД. Дел од нивните задложенија се да проверат дали протекува радијација, дали оружјето е безбедно и нема да експлодира по грешка и дека оружјето е безбедно и во прави раце. Овие вработени најпрво беа отпуштени. По само 24 часа, откако грешката беше забележана, веднаш беа вратени на работа.
„Очигледно е дека луѓето од DOGE не разбираат како функционира нашиот систем за нуклеарно оружје. Ова е неспособност.“, вели Џим Волш, од Програмата за безбедносни студии на Технолошкиот институт во Масачусетс за Washington Post.
Засега отпуштањата и селекцијата ги прават луѓе
Во моментов не се користи алгоритам за изборот на луѓето кои ќе бидат отпуштени. Изборот на членовите на администрацијата кои ќе бидат отпуштени го прават луѓе. Претставници на одделите за човечки ресурси ги прегледуваат листите на вработени и предлозите на менаџерите. Први на листите се нововработените, вработени кои неодамна промениле работна позиција или биле унапредени. Тие се послабо заштитени и за жал е полесно да бидат отпуштени.
Дури и без користење на технологија намалувањето на вработените е ефикасно. Илјадници работници се отпуштени во релативно краток период. Со нов софтвер на кој може да му се додаде и вештачка интелигенција веројатно бројот на кратења на работни места ќе биде значително поголем.
Како работи AutoRIF
Софтверот ги анализира податоците на сите државни службеници, собирајќи информации од базите на податоци во Office of Personnel Management (OPM), вклучувајќи ја работната историја, перформансите, улогата во агенцијата, староста на работното место и статусот на заштита од отпуштање.
Кога одредена владина агенција има потреба од намалување на персоналот, AutoRIF врши автоматско рангирање на вработените според критериуми утврдени од надлежните власти. Оние што најмалку одговараат на поставените критериуми се означуваат како вишок, а системот ги вклучува на финална листа на потенцијални кандидати за намалување на персоналот. Иако официјалните правила бараат овие одлуки да бидат проверени од службата за човечки ресурси, постојат сомнежи дека во многу случаи процесот е само формалност, а одлуките веќе се донесени од алгоритамот.
Откако листата ќе биде финализирана, AutoRIF автоматски генерира откази и ги испраќа преку владините комуникациски системи, без потреба од индивидуално разгледување на секој случај. Вработените добиваат известување со рок за евентуално обжалување или барање прераспределување, но во реалноста, повеќето одлуки се неповратни.
Јазичен модел за анализа на одговорите
Неодамна DOGE испрати електронска пошта до федералните вработени во која бараат тие да наведат пет клучни постигнувања од изминатата недела. Постои сомневање дека овие информации се внесуваат во неименуван LLM-модел за да се процени неопходноста на секој вработен.
Очекувано ова предизвикува загриженост кај вработените. Употребата на вештачка интелигенција во ваков контекст може да доведе до субјективни и потенцијално неправедни оценки. Некои агенции, како што е ФБИ, ги советувале своите вработени да не одговараат на овие е-пораки, додека Канцеларијата за управување со персонал (OPM) им соопштила на агенциите дека можат да ги игнорираат овие барања. Целата ситуација ја нагласува несигурноста и загриженоста околу употребата на LLM во процесите на оценување на вработените.
Уставноста на поставувањето на Елон Маск воведена под прашање
Вообичаено, назначувањата на високи владини позиции во САД бараат потврда од Сенатот. Ова особено важи кога станува збор за секретарски или директорски улоги во федералните агенции. Процесот на потврда служи како механизам за проверка и рамнотежа (check and balances), осигурувајќи дека назначените лица се квалификувани, и дека нивните назначувања се во согласност со уставните принципи.
Во случајот со Елон Маск, назначен за ко-шеф на новоформираниот оддел од страна на претседателот Доналд Трамп, се појавија критики дека неговото назначување не поминало низ процес на потврда од Сенатот. Ова предизвика загриженост кај некои законодавци и правни експерти. Тие сметаат дека заобиколувањето на Сенатот e во спротивност со уставните процедури и принципи.
Ефикасноста не е квалитет при отпуштањето
Во оваа технолошки напредна ера, често се заборава дека ефикасноста не е секогаш клучна карактеристика, особено кога станува збор за отпуштање на луѓе. Автоматизацијата и вештачката интелигенција нудат брзина и заштеда на ресурси, нивната примена во овој процес може да има сериозни последици. Ако ефикасноста е единствениот критериум, се губи човечката димензија и се игнорираат индивидуалните околности, придонесот и потенцијалот на секој вработен.
Отпуштањето е комплексен процес за кој е потребна внимателна анализа и емпатија, а не само механичко извршување на алгоритми.







