По долгогодишно чекање и серија наслови кои не успеаја да ги исполнат очекувањата на заедницата, NASCAR франшизата конечно се враќа на големата врата. Со преземањето на развојот од страна на iRacing, NASCAR 25 пристигнува на PlayStation 5 во форма на целосна преродба. Преку користење на моќта на Unreal Engine 5, iRacing ја имаат искористено нивната неспоредливата експертиза за да постават силни темели за иднината и да создадат искуство кое е и автентично и пристапно. Дали е можно дека NASCAR фановите конечно ја добија играта што ја чекаа со децении?

Физика и механика на возење
За првпат во една конзолна NASCAR игра, секоја патека и секој автомобил се прецизно изработени со помош на технологија за ласерско скенирање. Покрај визуелно подобрување, ова се користи и како фундаментална компонента на гејмплејот. Секоја нерамнина, пукнатина во асфалтот и агол на патеката се реплицирани со милиметарска прецизност, што директно влијае на физичкиот модел.
Како резултат, возилата реагираат на овие суптилни промени, принудувајќи ве да размислувате како вистински возач и да ги учите нијансите на секоја локација. Бројните модели се развиени во соработка со инженери од врвни тимови како Joe Gibbs Racing. Благодарение на ова, добивате подлабоки и поавтентични концепти поврзани со абење на гумите, управување со тежината и аеродинамиката поврзана со drafting.
Особено е за пофална начинот на кој е изградено скалабилно искуство. Имено, со исклучени сите асистенции, играта се доближува до хардкор симулација, додека со вклучени помошни средства, насловот станува достапен и забавен дури и за целосни почетници. Токму од оваа причина, играта може да ја привлече најшироката можна публика без да го компромитира својот симулациски кредибилитет.

Од убаво – поубаво
NASCAR 25 е, без сомнени,е најубавата NASCAR игра создадена досега. Моделите на автомобилите се фотореалистични, со рефлексии кои верно го отсликуваат опкружувањето, додека ласерски скенираните патеки оживуваат со детали кои претходно беа незамисливи. Системот за осветлување создава неверојатно реалистична атмосфера, особено за време на трките кои се одвиваат на зајдисонце или под рефлектори. Звуците на моќните V8 мотори се преземени директно од iRacing, нудејќи длабок и автентичен татнеж кој ја доловува сировата сила на овие машини. Чкрипењето на гумите и звуците од околината служат како важни индикатори за состојбата на возилото и патеката. Ваквата аудио-визуелна амбиција сепак доаѓа со одредени компромиси на PlayStation 5. Имено, иако играта цели на 60 FPS, забележителни се одредени нестабилност и падови, особено во моменти кога на екранот ќе се појават многу автомобили.

Динамичен и непредвидлив предизвик
Во NASCAR 25, наместо да се движат по една идеална линија, ВИ контролираните противници покажуваат динамично и човечко однесување. Па така, за брзо време ќе забележите како користат повеќе тркачки линии, се борат за позиција, прават грешки под притисок и интелигентно ги користат аеродинамичките принципи како страничен и директен drifting. Благодарение на ова, се наоѓате втурнати во адреналински битки кои ем се чувствуваат ем органски ем непредвидливи.
Во поглед на вистинската иновација, NASCAR 25 нема да потфрли ни во неверојатното ниво на прилагодување. Играта ви овозможува да го подесите речиси секој аспект од однесувањето на ВИ – од нивната агресивност и вештина, до тоа колку брзо им се трошат гумите или колку гориво трошат. Оваа длабочина го трансформира искуството за еден играч во динамични мулти-функционални сценарија, каде што можете да создавате сопствени сценарија и наративи.

Игра направена од тркачи за тркачи.
Откако ќе се земат предвид сите аспекти, станува јасно дека не треба многу за да бидеме убедени да ја играме NASCAR 25. Играта е одличен избор и за почетниците и ветераните. Од една страна, се воспоставува нов, досега невиден стандард на автентичност. iRacing максимално ја почитуваат комплексноста на спортот и вашата интелигенцијата. Поради тоа, за успех се бара вистинска вештина, стратегија и познавање на патеките за да се постигне успех.
Од друга страна, наидувате на совршен баланс помеѓу длабочината и пристапноста. Преку широкиот спектар на асистенции и опции за прилагодување, NASCAR 25 ви овозможува да го скроите предизвикот според вашите можности и желби, наметнувајќи се како идеална влезна точка за почетници, односно длабоко наградувачко искуство за ветераните.
И покрај почетните технички недостатоци, играта успешно ги балансира горе-споменатите работи. NASCAR 25 е дел од почетокот на една нова, возбудлива и долгоочекувана ера за NASCAR гејмингот.








