Не е никаква тајна дека сме огромни фанови на ММОRPG играта на ArenaNet и ја користиме секоја прилика за да ги искусиме најновите надополнувања. Верувале или не, играта пали и жари уште од 2012-та година, а, до сега има пет садржајни експанзии и неброени значајни надополнувања во огромниот свет.

Најновата експанзија за Guild Wars 2, насловена Visions of Eternity, ве носи во досега неистражени делови од светот на Тирија, фокусирајќи се на мистериозниот остров Кастора. Приказната започнува со вознемирувачки гласини за тајни експедиции на злогласната организација Inquest, која, исто така, се обидува да стигне до островот. Оваа трка со времето ги поставува темелите за авантура со висок интензитет, која девелоперите ја опишуваат како нивната „акциона филмска експанзија“, инспирирана од класици како Tomb Raider и Indiana Jones. Како и секогаш, вие сте тие што ќе бидат во центарот на акцијата, откривајќи заговори и истражувајќи предели исполнети со древна магија и чудни суштества. Експанзијата ветува две нови пространи мапи за истражување при самото лансирање, додека уште две дополнителни зони ќе бидат отворени во текот на следната година, обезбедувајќи континуиран прилив на содржина и развој на приказната.

Се очекува Visions of Eternity да воведува значајни новини и подобрувања. Секоја професија ќе добие нова елитна специјализација, која отклучува свежи вештини, особини и, подразбирливо, целосно нови начини на играње. Благодарение на ова, ветераните ќе може да ги редефинираат нивните омилени класи. Покрај тоа, се воведуваат и нови реликвии кои се тематски поврзани со авантурите на Кастора. Експанзијата вклучува и три нови патеки за усовршување, од кои едната е посветена на Skimmer суштеството за јавање, давајќи му нови способности за навигација низ водените и копнените предели. За најистрајните колекционери и ентузијастите за опрема, се најавени шест нови легендарни предмети: три оружја, прстен, аксесоар и легендарен апарат за дишење под вода, кој доаѓа со уникатни визуелни ефекти.

Доколку барате предизвици на највисоко ниво, Visions of Eternity носи значителна количина на нова содржина. Имено, во текот на 2026 година, планирани се две големи ажурирања кои ќе воведат нови Raid Encounters, вклучувајќи и потешки верзии како Challenge и Legendary режими. Заедно со ова, се најавуваат и системски промени кои треба да ги направат рациите подостапни за поширок круг на играчи, што е одличен потег за заедницата. Исто така, ќе биде додаден и нов Fractal со свој Challenge Mode, како и нов тип на групен настан наречен Convergence. За оние кои уживаат во персонализацијата, експанзијата носи нови оклопи, оружја, рецепти за изработка и емоции. Системот за персонализација на домот, Homestead добива значајно проширување со можноста за зачувување, вчитување и споделување на распоредот на декорациите преку новата функција Layouts, давајќи им на играчите невидена креативна слобода.

Visions of Eternity е експанзија која не само што додава нова територија, туку и го освежува духот на Guild Wars 2, поплочувајќи го патот за моќна комбинацијата од содржина која ќе биде забавна за сите типови на играчи – од соло истражувачи па се до хардкор групи за рации и фрактали. Згора на ова, како што беше докажано и со претходните експанзии, имате долгорочен план за објавување на нови содржини. За да навлезете во новото поглавје нема да чекате многу. Новиот промислен чекор напред кој го почитува минатото на играта додека храбро чекори кон иднината ќе започне од 28 октомври.








