Blood of Mehran е акциона авантура која ве втурнува во еден заборавен свет инспириран од мистиката на Античка Месопотамија и безвременските приказни од „Илјада и една ноќ“. Играта ве става во улогата на Мехран, легендарен воин кој го оставил мечот и се посветува на мирен живот. Арно ама, судбината има други планови. Кога суровите амбиции на неговите непријатели ќе му го загрозат мирот, тој е принуден повторно да го земе оружјето и да се соочи со минатото од кое се обидувал да избега, поставувајќи ги темелите за една приказна за љубов, загуба и должност. Сево ова, сместено во визуелно впечатлив амбиент исполнет со песочни дини, раздвижени чаршии и грандиозни палати. Што би можело да појде наопаку?

Би можеле да помислите дека приказната и атмосферата се едни од посилните адути на играта. Наративот се обидува да изгради емотивна врска со вас преку личната трагедија на Мехран. Светот е дизајниран да биде егзотичен и привлечен, нудејќи можност за истражување на локации кои делуваат како да излегле од страниците на древните бајки. Сепак, и покрај интересниот концепт, сценариото честопати потпаѓа под влијание на клишеа, а самите дијалозите се неверодостојни и засилени со гласовна глума која и баш не успева да ги пренесе комплексните емоции на ликовите. Ако овде се потфрлува тогаш не е лошо утеха да се бара во другите аспекти, како битките.

Blood of Mehran се одликува со борбен систем кој ви нуди неколку различни пристапи. Можете да се впуштите во директна hack and slash борба користејќи комбинација од меч и штит за балансиран напад и одбрана, или пак да се одлучите за два меча за побрз и поагресивен стил. За оние кои претпочитаат борба од далечина, тука е лакот и стрелата.
Сепак, и покрај овие опции, самата механика на борбата честопати делува несмасно и застарено. Движењата на ликот можат да бидат бавни, а ударите немаат тежина, намалувајќи ја сатисфакцијата од победата. Позитивно е што некои борби, особено оние со босовите, бараат учење на нивните движења и прецизен тајминг, што додава одредена длабочина и предизвик.
За жал, обидот да се имплементира стелт систем е неуспешно изведен. Механиките се премногу основни и не простуваат грешки, па често ќе бидете забележани без разлика колку сте внимателни, што го прави овој пристап повеќе извор на фрустрација отколку одржлива тактика.

Од технички аспект, Blood of Mehran успева да ве освои со прекрасни пејзажи и детална архитектура кои верно го доловуваат духот на Античка Месопотамија. Осветлувањето и визуелните ефекти придонесуваат за создавање на автентична атмосфера. Од друга страна, моделите на ликовите и нивните анимации не се на истото ниво и често изгледаат круто. Звучната подлога е соодветна, со мелодии инспирирани од музиката на Блискиот Исток кои ја надополнуваат атмосферата. Сепак, играта страда од значителен број на технички проблеми и багови кои можат да го нарушат искуството, од помали графички грешки до проблеми кои целосно ќе ја крашнат играта.

Нема никакво сомневање дека Blood of Mehran е игра со големи амбиции, но со променлива и честопати неконзистентна изведба. Доколку сте голем љубител на светови инспирирани од „Илјада и една ноќ“ и ве привлекува идејата за истражување на егзотична древна цивилизација, можеби и ќе пронајдете доволно интересни работи. Под услов да сте подготвени да ги занемарите монотоната борба, лошиот систем за прикривање и бројните технички проблеми, светот на Мехран има што да понуди. Меѓутоа, за играчите кои бараат исполирано, модерно и флуидно акционо искуство, овој наслов би можел да предизвика горчлив вкус во устата.








