Македонија не е една од државите во кои ќе биде достапна Netflix претплата со реклами. Ова секако може да се промени во иднина, но за почеток новото ниво на претплата е достапно во Австралија, Бразил, Германија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Мексико, Обединетото Кралство, САД, Франција, и Шпанија.
Поевтина цена доаѓа благодарение на рекламите, и ќе биде ново ниво на претплата кое ќе биде додадено на веќе постоечките. Така, од ноември корисниците ќе можат да одберат некоја од четирите претплати: Basic with Ads, Basic, Standard и Premium. Она што веројатно е интересно е инсистирањето на Netflix и натаму да нуди различен квалитет на стримот во различни претплати. Останатите стрим сервиси како HBO MAX или Disney+ немаат вакво ограничување, барем кога квалитетот на стримот е во прашање.
Како ќе изгледа Netflix со реклами
Заедно со најавата за сега најевтината претплата Netflix сподели и детали како ова ќе изгледа. Должината на рекламите ќе биде помеѓу 15 и 30 секунди. Рекламите ќе бидат емитувани пред и за време на „програмата“. Ова се однесува и на сериите и на филмовите. Во просек Netflix ќе прикажува помеѓу 4 и 5 минути реклами во секој час содржина.
Претплатниците во овој пакет ќе можат да гледаат содржина единствено кога се онлајн. Преземање на филмови и серии во оваа претплата нема да биде достапно.
Конечно квалитет на стримот е ограничен на 720р (HD) исто како и во Basic претплатата.
За огласувачите Netflix ќе овозможи таргетирање по содржина и по региони. Содржината за оваа потреба ќе биде поделена жанровски; на пример, акција, драма, фантастика. Огласувачите ќе можат да одберат дали сакаат да ограничат рекламирање надвор од содржини со секс, голотија и графичко насилство.
Колку ќе чини Netflix
Веројатно ова е најинтересното прашање за кое за Македонија нема одговор. Она што е поинтересно е дека висината на претплатата е различна за различни региони. За илустрација, во САД претплатата со реклами ќе чини 7 долари, во Франција 6 евра, а во Германија 5 евра.
Претплата со реклами на одбраните пазари ќе биде достапна од 3-ти ноември.







