Добредојде Disney+ во Македонија

во ИТ.МК

На почетокот на април Disney+ најави дека на 14-ти јуни доаѓа во Македонија. Од денес платформата е веќе достапна за сите љубители на Marvel и Star Wars. Со оглед на тоа дека веќе ја знаевме датата, пристигањето на Disney+ не е изненадување, но доаѓањето на уште еден голем стрим сервис секако е добредојдено.

Висината на претплатата е 8 евра месечно или 80 евра за годишна претплата. Претплатникот преку прелистувач, паметен телевизор или мобилен уред ќе добие пристап до над 500 филмови, 15000 епизоди од серии и над 80 оригинали кои се достапни исклучиво на Disney+. Тука спаѓаат новите Star Wars и Marvel серии: The Falcon and The Winter Soldier, The Mandalorian, Obi – Wan Kenobi, Ms. Marvel… Квалитетот на стримот зависи од содржината, а платформата нуди: FullHD, 4K UltraHD, HDR10, Dolby Vision и IMAX Enhanced. За жал, за разлика од Netflix на пример, Disney+ не нуди пробен (trial) период.

Што е Disney+

Disney+ е американски „video on demand“ сервис кој на корисниците им овозможува да гледаат различни серии и филмови. На сервисот се достапни содржини кои ги продуцираат The Walt Disney Studios and Walt Disney Television. Содржината е поделена во Disney, Pixar, Marvel, Star Wars, National Geographic и Star.

Сервисот не е врзан за платформа и е достапен за сите паметни телефони, таблет компјутери, конзоли, телевизори и компјутери.

Официјално започна со работа од 12 ноември 2019 година во САД, Канада и Холандија. Во април 2022 Disney+ имаше 137,7 милиони претплатници на пазарите на кои беше достапен.

Со претплатата на корисникот му е достапно и преземање на содржината на поддржани преносни уреди. Ова ќе овозможи да ги гледаме содржините офлајн или на локации на кои нема достапна квалитетна интернет врска. Како функционалност Disney+ нуди и групно гледање со „GroupWatch“. Оваа функционалност му овозможува на еден корисник да синхронизира содржина која може заедно да ја гледаат најмногу 7 пријатели.

Најголемата предност на Disney+ пред традиционалната телевизија е „наследена“ од стримингот. Disney+, а и останатите стриминг сервиси ја нудат својата содржина на телевизор, телефон, лаптоп, па дури и на гејминг конзоли PlayStation или Xbox во било кое време. Овие сервиси веќе поодамна не се новитет, па единствена разлика помеѓу различни платформи е содржината и цената.

Според цената Disney+ може да се спореди со Netflix, иако предност е што нема ограничување на квалитетот на стримот. HBOMAX е нешто поевтин, но најголема предност која ja има HBO не е цената туку преводите на секоја содржина, ова не е случај со Disney+.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk