Samsung Galaxy S26 & S26 Ultra: Моќта не е во бројките, туку во деталите

Од најновата Samsung флегшип серија, во наши раце пристигнаа Galaxy S26 и S26 Ultra и можеме слободно да кажеме дека сме позитивно изненадени. Двата телефони носат реални подобрувања таму каде навистина има значење, односно батерија, перформанси, екран и AI, па во продолжение детален преглед на двата модели.

Samsung Galaxy S26

Galaxy S26 е еден од ретките компактни флагшипи на пазарот денес, и за уште една година Samsung испорачува одлична надградба која не е само козметичка. Поголема батерија, понов процесор со значително подобрени AI перформанси, подобар екран, подобрена камера и се ова во формат во кој секој андроид корисник би уживал.

Спецификации

КатегоријаДетали
Димензии149.6 × 71.7 × 7.2 мм, 167 г
Екран6.30″ Dynamic LTPO AMOLED 2X, 120Hz, 2600 нити, 1080×2340px
ЧипсетSnapdragon 8 Elite Gen 5 (САД/Кина) / Exynos 2600 (остатокот од светот)
Меморија12GB RAM; 128GB / 256GB / 512GB
Главна камера50MP f/1.8 + 10MP f/2.4 3x + 12MP f/2.2 ултрашироко
Предна камера12MP f/2.2
Батерија4.300 mAh; 25W жично, 15W безжично
ОСAndroid 16, One UI 8.5, 7 години ажурирања

Дизајн и материјали

Samsung Galaxy S26 за разлика од претоходната година нема некакви радикални промени, но тоа не претставува никаков проблем. Рамен преден панел, рамен заден дел, рамна страничната рамка, формулата е тестирана и докажана. Единствената видлива промена оваа година е испакнувањето кај камерите, односно наместо трите камери да бидат одделно поставени, Samsung ги обедини во еден заеднички бамп кој е позабележителен отколку претходно, но му дава посовремен и пофутуристички изглед.

Кога станува збор за материјалите истите остануваат на врвно ниво, така што доаѓа со добро познатиот Gorilla Glass Victus 2 напред и назад, Armor Aluminum 2 рамка и IP68 сертификат кои гарантираат издржливост во секојдневна употреба. Телефонот е само 7.2 мм во дебелина и тежи 167 грама, а во рака се чувствува лесно и удобно, дури и ако го користите подолго време.

Galaxy S26 е достапен во шест бои: Cobalt Violet, Sky Blue, Black, White, Silver Shadow и Pink Gold. Нашиот тест уред беше во Sky Blue боја, за која можеме да кажеме дека отпорна на отпечатоци, со суптилен сјај кој изгледа беспрекорно. На страничната рамка се наоѓаат копчето за вклучување и регулаторот за јачина на звук, кои се лесно достапни поради компактните димензии. Ултрасоничниот читач на отпечатоци под екранот работи брзо и прецизно дури и ако имате влажни прсти.

Екран

Екранот на Galaxy S26 е зголемен на 6.3 инчи (од 6.2 кај претходникот) и носи нова технологија за обработка на слика: mDNIe, овозможена благодарение на новиот Exynos 2600 чипсет.

mDNIe ги измазнува боите за попријатни и помеки тонови. Разликата е забележлива при гледање видео содржина, особено при стриминг со понизок bit rate. Максималната осветленост достигнува 2.600 нити со 10% бел панел што е сосема доволно за одлична видливост дури и на директна сончева светлина. Минималната осветленост е само 0.9 нити, која што би била идеална за употреба дури и кога сте во целосна темница без да ги напрегате очите. Рефреш стапката е адаптивна до 120Hz и паѓа до 1Hz кога на екранот не се случува ништо односно е во мирување, со што ја прави батеријата поиздржлива.

Вреди да се напомене и поддршката за Android Ultra HDR стандардот, кој овозможува посветли тонови и супериорен динамичен опсег при преглед на фотографии во Gallery, Google Photos и Chrome.

Перформанси

Под хаубата се крие Exynos 2600, изработен на 2 нм процес. Samsung оваа година ја смени архитектурата и наместо традиционалната big-middle-little конфигурација, малите ефикасни јадра се заменети со средно-ниво, со цел подобри одржани перформанси при секојдневни задачи.

NPU (Neural Processing Unit) е значително подобрен, од Samsung велат дека достигнува дури 113% поголеми AI перформанси во споредба со претходниот модел. Тоа не представува само маркетиншки број, туку Galaxy AI функциите работат видно побрзо, обработката на фотографии е поинстантна, а генеративните AI алатки реагираат без доцнење.

Со 10% подобри перформанси од својот претходник, Exynos 2600 на GeekBench 6 стои рамо до рамо со Snapdragon 8 Elite Gen 5. Ова се преточува во супериорно корисничко искуство каде телефонот прилично лесно ги извршува и најсложените задачи, вклучувајќи игри и професионална обработка на слики.

Батерија и полнење

Galaxy S26 е единствениот во серијата кој го зголемува капацитетот на батеријата, 4.300 mAh наместо 4.000 mAh кај S25. Во комбинација со софтверски оптимизации, резултатот е значително подобар, односно издржливост која ќе ви овозможи мирно да го поминете целиот ден без да посегнете по полначот.

Жичното полнење е 25W со PD3.0 и го полни телефонот до 62% за 30 минути или 6% повеќе отколку S25 за истото време. Вкупното полнење е 13 минути побрзо за разлика од претходно. Безжичното полнење е 15W со Qi2 Ready поддршка, а обратното безжично полнење е 4.5W за полнење на слушалки или паметен часовник.

Достапни се и три режими за заштита на батеријата: Basic, Adaptive или Maximum со прилагодливи лимити, за оние кои сакаат да го продолжат животниот век на батеријата на долг рок.

Камера

Дневни фотографии

Главната камера од 50MP со f/1.8 отвор и оптичка стабилизација не воодушеви во дневни услови. Сликите што ги направивме имаа исклучително природни текстури и одличен динамичен опсег, додека балансот на боите беше точно погоден во речиси секоја ситуација. Особено нè импресионираше портрет режимот, кој со голема прецизност ги издвојува луѓето од позадина, создавајќи многу пријатен и природен bokeh ефект.

Телефото камерата е 10MP f/2.4 со 3x оптички зум и дава пријатни бои, широк динамичен опсег и прифатливи детали. Ултрашироката камера е 12MP f/2.2 и во добра осветленост дава живописни бои и добри детали.

Селфи камера

Предната камера од 12MP сега доаѓа со нова, поширока леќа, а резултатите што ги добивме се одлични. Селфи фотографиите имаа импресивна острина, широк динамичен опсег и живописни бои кои веднаш привлекуваат внимание. Она што особено нè изненади е квалитетот при слаба осветленост, тука S26 даде резултати кои се далеку над просекот.

Видео снимање

Секако S26 ни нуди и навистина импресивни видео можности. Тестиравме снимање до 4K со 60fps на сите камери, вклучувајќи ја и предната, додека главниот сензор овозможува дури и 8K со 30fps. За оние со креативно око, режимот Pro Video нуди снимање со 24fps, со што се постигнува посакуваниот филмски изглед.

Особено нè израдува поддршката за 10-битно HDR10+ снимање, како и Log профилот и вградените филтри за боја (LUT-ови), кои се клучни за постпродукција. За екстремно динамични кадри, тука е Horizon Lock режимот кој ја задржува сликата совршено хоризонтална дури и при целосна ротација на телефонот од 360°.

Софтвер – One UI 8.5 и Galaxy AI 

Galaxy S26 работи на Android 16 со One UI 8.5. Samsung ветува 7 главни ажурирања на оперативниот систем и 7 години безбедносни ажурирања што представува едно од најдолгите ветувања во индустријата и сигурна инвестиција на долг рок.

Сите Galaxy AI функции се достапни без компромис: Now Brief, Now Nudge, Photo Assist, Creative Studio, Circle to Search, Audio Eraser и многу повеќе. Нема разлика во AI искуството меѓу S26 и поскапите модели, го добивате целосниот Galaxy AI екосистем.

Заклучок – Galaxy S26 

Galaxy S26 е компактен флагшип кој нуди реални подобрувања таму каде ги очекувавте. Поголема батерија, понов процесор, подобрена AI обработка, надграден екран и одлична камера, и сè ова во уред кој тежи само 167 грама и се вклопува удобно во секој џеб. За секого кој бара врвно Android искуство во компактен формат, S26 е дефинитивно едно од најдобрите решенија оваа година.

Samsung Galaxy S26 Ultra

Кога станува збор за Galaxy S26 Ultra, знаеме дека е уред кој не прави компромиси. Потенка конструкција, поголем и поостар екран со уникатен Privacy Display, побрзо полнење, напреден камерен систем и S Pen. Samsung оваа година испорача флагшип кој нуди искуства кои едноставно не можат да се најдат никаде на друго место. Покрај годишната промена на чипсетот, S26 Ultra ни носи неколку значајни хардверски и софтверски новини кои го прават поатрактивен избор од било кога!

Спецификации

КатегоријаДетали
Димензии163.6 × 78.1 × 7.9 мм, 214 г
Екран6.90″ Dynamic LTPO AMOLED 2X, 120Hz, 2600 нити, 1440×3120px; Privacy Display
ЧипсетSnapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy (3 нм)
Меморија12GB/256GB, 12GB/512GB, 16GB/1TB
Главна камера200MP f/1.4 + 10MP f/2.4 3x + 50MP f/2.9 5x + 50MP f/1.9 ултрашироко
Предна камера12MP f/2.2
Батерија5.000 mAh; 60W жично, 25W безжично (Qi2.2)
ОСAndroid 16, One UI 8.5, 7 години ажурирања

Дизајн и ергономија

Уште при првото земање во рака, Galaxy S26 Ultra остава поинаков впечаток од претходникот. Преминот од 8.2 мм на 7.9 мм дебелина се забележува веднаш, а позаоблените агли дополнително го подобруваат фатот и го прават поудобен за подолга употреба. Ова можеби звучи ситно на хартија, но кога телефонот ви е секојдневно во рака, разликата навистина се чувствува.

Предното стакло е Gorilla Armor 2 со DX анти-рефлективен слој, задното е Gorilla Glass Victus 2, а рамката е Armor Aluminum 2. IP68 сертификатот обезбедува заштита од вода и прашина. За тест ние го имавме телефонот во Sky Blue варијанта и изгледаше одлично од секој агол. Телефонот е достапен во шест бои: Black, Cobalt Violet, Sky Blue, White, Silver Shadow и Pink Gold.

Кога станува збор за ултрасоничниот читач, една од најпрактичните секојдневни предности е сигурноста на отпечатоци, така што оваа технологија работи беспрекорно и без никаков проблем, без разлика дали штотуку сте ги измиле рацете или сте среде интензивен тренинг.

Екранот со Privacy Display

6.9-инчниот LTPO OLED со резолуција 1440×3120px е еден од најдобрите мобилни екрани кои сме ги виделе. Максималната осветленост оди до 2.600 нити на 10% панел, а DX анти-рефлективниот слој значително го подобрува читањето на отворено дури и на директна сончева светлина.

Но вистинската ѕвезда оваа година е Privacy Display, хардверски вградена приватна заштита директно во панелот на екранот. Начинот на кој функционира е елегантен: пикселите се поделени во две групи. Narrow Pixels кои емитираат светлина директно напред и Wide Pixels кои емитираат светлина под поширок агол. Кога Privacy Display е активен, Wide Pixels значително се затемнуваат, со што луѓето покрај вас гледаат само затемнет екран, додека вие уживате во целосна видливост.

Она што го прави навистина корисен е флексибилноста на примената. За време на тестирањето, го поставивме да се активира автоматски во јавен транспорт преку Routines и ниту еднаш не требаше рачно да го вклучуваме. Може да се постави само за известувања, само при внес на PIN или лозинка, само за одредени апликации. Во кафич, на работа, во автобус, ова е функција која навистина прави разлика и за која нема да можете да замислите дека до сега сте живееле без неа.

Перформанси

Snapdragon 8 Elite Gen 5 for Galaxy е специјално оверклокната верзија за Samsung. Главните два CPU јадра работат на 4.74 GHz наспроти стандардните 4.6 GHz, а Adreno 840 GPU работи на 1300 MHz наспроти 1200 MHz на стандардната верзија. Резултатот е видлив во бенчмарковите: над 2.6 милиони поени во AnTuTu и 7744 поени во 3DMark Wild Life Extreme.

Во секојдневна употреба за време на тестирањето, S26 Ultra беше апсолутно течен во секоја ситуација. Мултитаскинг со десетици апликации, тешки игри, обработка на 200MP фотографии, сè работеше без никаков проблем. Редизајнираниот vapor chamber придонесе за подобрено топлинско управување дури и при подолги gaming сесии.

Батерија

5.000 mAh батерија во комбинација со нови софтверски оптимизации нуди Active Use Score од 16:20 часа, значајно подобрување над претходниот. За типичен корисник, тоа значи целосен ден и плус уште некој саат, дури и при интензивна употреба. Во нашето тестирање, телефонот доаѓаше до крај на денот со уште 20 до 30 проценти батерија при умерена употреба.

Но вистинскиот скок оваа година е полнењето. Новото Super Fast Charging 3.0 со 60W е вистинска промена во секојдневниот живот. 51% за само 15 минути, 84% за 30 минути и целосно полнење за само 43 минути. Протоколот е базиран на Power Delivery (3A/20V PPS), така секој USB-PD полнач кој го поддржува тој профил може да ги постигне овие брзини.

Безжичното полнење е надградено на 25W преку Qi2.2, значително подобрување во однос на претходната генерација. Обратното безжично полнење е 4.5W, идеално доколку користите Galaxy Buds или паметен часовник.

Камера

Главна камера и дневни фотографии

200MP главна камера со новиот f/1.4 отвор беше јасно подобрена во однос на она на кое сме навикнати. Поширокото отворање значи 47% повеќе светлина отколку претходно и резултатот е видлив во секоја ситуација, особено при слаба осветленост. Деталите се природно репрезентирани, белиот баланс е прецизен, динамичниот опсег е одличен, а бојата е добро балансирана. 50MP режимот нуди исклучителни детали на отворено.

5x телефото камерата со f/2.9 отвор ни беше особено омилена за портрети и далечински снимки. Поширокото отворање, добриот детал и потесната рамка доловуваат беспрекорни резултати. Кога станува збор за ултрашироката 50MP камера со f/1.9 отвор, дава одличен динамичен опсег, природни бои и добар детал, особено на отворено. 

Предната 12MP камера со понова и поширока леќа дозволува повеќе луѓе во кадар и дава одлична острина, динамичен опсег и бои. Дури и ноќните селфи даваат резултати кои воодушевуваат.

Ноќни фотографии

Во full auto режим, главната камера дава добро осветлени фотографии со одличен динамичен опсег и природни бои дури и во слаба светлина. 5x телефото работи добро и во потемни услови со добар детал, широк динамичен опсег и пристојни бои. Ултрашироката значително се подобрува со Night mode активиран и при нашето тестирање даде некои од најдобрите ноќни широки кадри кои сме ги виделе на смартфон.

Видео снимање

S26 Ultra нуди некои од најнапредните видео можности достапни на смартфон денес. Поддржано е снимање до 4K60 со сите камери, плус 8K30 на главната, ултрашироката и 5x камерата. Pro Video режимот додава 4K120 за главната и ултрашироката камера за беспрекорни slow-motion снимки.

Новост оваа година е APV (Advanced Professional Video) про-кодекот, кој овозможува висококвалитетно снимање со минимални загуби, идеален за сериозни видеографи кои планираат постпродукција. 

Кога сме кај снимање видео, S26 Ultra не остави вистински воодушевени со опцијата Horizon Lock. Оваа новост е ексклузивна за S26 серијата и претставува вистинска револуција во мобилната видеографија. 

Стабилизацијата го одржува видеото совршено хоризонтално дури и при целосна ротација од 360°, така што нуди искуство идентично на физички гимбал, без да носите дополнителна опрема. Идеално за снимање во движење, влогови и акциони кадри. 

S Pen

S Pen како и лани, останува вграден во телефонот и претставува уникатна карактеристика на Ultra линијата. За време на тестирањето го користевме за правење белешки на состаноци и потпишување документи, и можеме да кажеме дека секогаш работеше прецизно и природно. 

Софтвер – One UI 8.5, Galaxy AI и Bixby

Galaxy S26 Ultra стартува со Android 16 и One UI 8.5 со ветување за 7 главни ажурирања и 7 години безбедносни апдејти.

Центарот на новиот софтвер е значително подобрениот Bixby. Асистентот на Samsung сега разбира природен јазик и контекст на ниво кое навистина изненадува. Може да пребарува на интернет во реално време и да те насочи директно кон конкретна функција, без да го знаеш нејзиното точно име. Ова не е Bixby од пред неколку години, тоа е вистински корисен асистент кој во пракса навистина помага.

Samsung исто така воведе подлабока интеграција со Perplexity AI. Со „Hey, Plex” можете да ја повикате Perplexity директно за пребарување и разговор, а таа има пристап до системски и трети(third-party apps) апликации.

Now Nudge ги следи разговорите и предлага паметни дејства, на пример автоматски да додадете настан во Календар или да резервирате место за кое зборувате со пријател, додека Circle to Search сега може да препознае и пребарува повеќе предмети истовремено со еден потег. 

Audio Eraser е проширен и надвор од галеријата и функционира и во апликации на трети(third-party apps) страни како YouTube и Instagram. Новиот Document Scanner автоматски ги препознава документите во кадарот, ги острува, оптимизира и дури отстранува прсти или превиткувања од скенираниот документ.

Заклучок – S26 Ultra

Нашето време со Galaxy S26 Ultra ни покажа дека моќта не е во бројките, туку во деталите. Ова е уред кој се прилагодува на вас, без разлика дали е тоа преку дискретноста на Privacy Display или интелигенцијата на Galaxy AI.

Соработката со Perplexity го претвора телефонот во вистински дигитален асистент, а тоа што има 60W полнење значи дека повеќе не го планирате денот околу штекерот. По деталното тестирање, слободно можеме да кажеме дека ако барате паметен телефон кој навистина размислува за вас, S26 Ultra е на врвот на листата.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk