Ова е гостински текст од Бојан Кордалов, виш експерт за комуникации, застапување и дигитална писменост. Кордалов има 20+ годишно искуство во кампањи за односи со јавноста и стратешко советување.

Дигиталните револуции никогаш не доаѓаат со упатство за користење. Точно се сеќавам на моментот кога социјалните медиуми го освоија светот пред две децении. Доминираше еуфорија кај нас кои бевме во помал број – главно млади луѓе, желни за брзо поврзување на светот, брз пристап до информации, нови можности за комуникација и намалување на секоја дистанца. Можноста да се објави нешто во реално време, но уште побрзо да се даде или добие фидбек и развива вистинска двонасочна комуникација беше нешто револуционерно и предизвикувачко.
Но, реалноста беше дека стравот и недовербата преовладуваа кај мнозинството луѓе, плашејќи се дека ќе бидат извадени од својата конфорт зона и ќе треба да се менуваат. И беа во право, но сеуште тврдам дека корисноста ја надминува штетноста, која дополнително можеме да ја намалиме ако се фокусираме на регулирање, образование, отпорност и сојузништва во овие процеси на сите засегнати страни.
Да бидеме реални, фактите многупати покажаа и дека многу брзо по својата популаризација, без адекватни регулативи (ниту пак со оспособеност да се примени постоечкото законодавтсво од страна на институциите во однесувањето во дигиталната сфера) и со недоволна свесност за ризиците, видовме случаи каде „алгоритмите“ почнаа да ја обликуваат јавната дебата, да ја поттикнуваат поларизацијата и често да ја поткопуваат довербата во фактите.
Денес, многу очекувано и реално, истата дилема ја имаме и со вештачката интелигенција (ВИ) па сметам дека треба да се постави логичното прашање дали ќе чекаме повторно да нѐ престигнат последиците пред да дејствуваме?
Од еуфорија до криза: Кои се научените лекции од социјалните медиуми?
Социјалните медиуми се една од најреволуционерните појави во историјата на човештвото кои дадоа можности во комуникациска, образовна, работна и поврзувачка смисла какви што не ни помислувавме дека е можно да постојат. Но, игнорирањето на нивната перспективност и моќ, понатаму недостатокот на медиумска и особено неусогласената дигитална писменост на ниво на поединци, како и задоцнетата регулација и неподготвеноста на институциите доведоа и до огромни општествени последици: дезинформации, злоупотреба на лични податоци и влијание преку разни обиди за манипулација со јавното мислење.
Сега сме во слична ситуација со ВИ – технологија што веќе менува како работиме, комуницираме и учиме. Но, клучната разлика е што овој пат имаме шанса да постапиме паметно и навреме. Прашањето е: ќе научиме ли од сопствените грешки, односно дали брзо, навремено и во целосна демократска процедура ќе регулираме, едуцираме и превенираме или, пак, повторно ќе чекаме работите да почнат во одредени делови да ни излегуваат од контрола за да преземеме нешто? Но, ако овој пат задоцниме, може да биде невозможно нештата да ги вратиме на вистинскиот колосек!
ЕУ како глобален лидер – но дали тоа е доволно?
Како виш експерт за комуникации, застапување и дигитална писменост, ангажиран од Европскиот центар за извонредност во Брисел, ја следам дебатата во „EU bubble“ круговите за ВИ. Европската унија веќе презема значајни чекори преку Актот за вештачка интелигенција, поставувајќи стандарди за етичка и безбедна употреба. Но регулацијата, колку и да е важна, не е доволна ако корисниците не разбираат како ВИ функционира и како ги обликува нивните одлуки.
Без јакнење на дигиталната и медиумската писменост, постои ризик ВИ да стане нова алатка за дезинформации, манипулација и губење на контрола врз податоците. Ако алгоритмите на социјалните мрежи нè научија нешто, тоа е дека неинформираноста води кон хаос.
Етичко користење на ВИ – клучот кон одговорна дигитална иднина
За разлика од социјалните мрежи, каде што регулацијата дојде откако веќе се создадоа проблемите, со ВИ имаме можност од почеток да поставиме етички рамки. Но, етиката во ВИ не е само прашање на регулатива – тоа е индивидуална и општествена одговорност. А, за да зборуваме за индивидуална и општествена одговорност, мораме да се вратиме на основното прашање: каква е врската помеѓу граѓаните и институциите и дали постои задоволство кај граѓаните, организациите и компаниите од јавните услуги кои институциите на локално, регионално и европско ниво ги нудат?
Би споменал само неколку аспекти:
Транспарентност: Секој од нас мора да биде свесен дека кога комуницира со ВИ, дали текстовите, сликите и видеата се генерирани од алгоритам и кои се изворите на информациите, односно дали се релевантни, точни и веродостојни.
Одговорност: Компаниите, медиумите и јавните институции треба да се грижат за етичка употреба на ВИ, без манипулација и злоупотреба. Ова е особено важна одговорност за компаниите кои работат во сферата на софтвери и платформи базирани на ВИ, како и масовно користените социјални медиуми и нивните сервиси.
(Не)пристрасност: ВИ се обучува на основа на податоци што може да бидат субјективни или пристрасни. Ако не се контролира, може да ги репродуцира и засили постојните нееднаквости во општеството. Дополнително, кој е изворот на информацијата, чии се авторските права, но и колку сме заштитени од различни радикални форми како што се deep fake видеата?
Лична етика: Секој од нас како личност кој користи ВИ (за работа, комуникација или креирање содржина) има одговорност да ги провери информациите, презема обврска да се осигура дека не шири манипулации и да не дозволи алгоритмите да носат одлуки наместо него. Особено, не финални одлуки, бидејќи одговорноста останува на човекот, а не на компјутерот, алгоритамот или роботот. Барем засега!
Како да не го повториме истиот циклус?
Едуцирање наместо страв: Наместо да гледаме на ВИ како на закана, треба да ја третираме како алатка што бара знаење за правилна употреба. Основите на дигиталната писменост мора да бидат дел од образовните програми, но и од континуираното учење на возрасните. Да се потсетиме и дека кога прв пат доаѓаме во допир со некој за нас непознат технолошки уред, прво го читаме упатството, гледаме туторијали, па започнуваме со негово користење. Да го примениме тоа и во односот со ВИ.
Применлива регулатива: Не е доволно да имаме убаво и правилно напишани правила и законодавтсво – тие мора да бидат разбирливи за секого, достапни и применливи во сите сектори. Но, секако, неопходно е да започнеме со квалитетна регулација која се фокусира на на зачувување на слободата и правата на поединците, истовремено продлабочувајќи и заштитувајќи ја демократската рамка во која живееме.
Активна јавна дебата: Наместо да дозволиме ВИ да се развива надвор од очите на јавноста, неопходно е да имаме вклученост на граѓанското општество, медиумите и експертите во обликување на политиките. Овој совет е особено важен да се примени од страна на креаторите на политики, носителите на власт и одлуки ширум Европа, бидејќи прилагодувањето на АИ на потребите на луѓето е единствено можно ако се прави во еден инклузивен процес каде секој чувствува дека има удел и позитивен придонес. Во спротивно, ако одлуките и регулативите се носат во кабинетски услови и зад затворени врати, многу е можно брзо луѓето да ѝ слугуваат на ВИ, што ќе биде најголемиот пораз за човештвото!
Лична одговорност: Секој од нас мора да развива критичка свест – ова значи освен да проверуваме извори, да разбереме како алгоритмите работат, како секојдневно се развиваат и менуваат и да не дозволиме машините да носат одлуки наместо нас. Ова е многу важно за сите оние кои воспитуваат или едуцираат деца и млади бидејќи основата на дигиталната писменост се стекнува во домот и во образовните институции.
Дали ќе чекаме уште криза за да реагираме?
Социјалните медиуми беа можност што ја искористивме без доволно критичка анализа, и затоа денес наместо само да уживаме во придобивките на најголемата технолошка револуција, светот се справува со последиците. Со ВИ, немаме изговор да го повториме истото сценарио. Европа поставува регулаторни темели и се движи на вистинскиот пат, но суштинската битка ќе се води во сферата на знаењето, свесноста и подготвеноста. И тука сме потребни сите како сојузници и поддршка.
Овојпат, наместо да губиме време во страв и реактивни политики, дефинитивно е време да ја искористиме ВИ како алатка што ќе работи за нас, а не против нас.







