Претседателот на САД, Доналд Трамп повика на укинување на субвенциите за производство на чипови во САД. Тој го опиша законот како „ужасна, ужасна работа“. Наместо субвенции, предложи средствата да се искористат за намалување на државниот долг.
„Вашиот закон за чипови е ужасна, ужасна работа. Даваме стотици милијарди долари, и не правиме нешто. Тие ги земаат нашите пари и не ги трошат. Треба да го укинете Актот за чипови и да ги искористите парите кои преостанале за намалување на долгот.“, вели Трамп во својот говор во Конгресот.
Законот за чипови и наука од 2022 година го донесоа заеднички претставниците на Демократите и Републиканците, а го потпиша претходниот претседател Џо Бајден. Целта на законот беше да го зајакне домашното производство на полуспроводници и да ги намали безбедносните ризици поврзани со увозот на чипови. Поддржувачите на законот, како гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, тврдат дека законот е причина за значајни инвестиции. Таа смета дека субвенциите се дел од причините поради кои компанијата Micron инвстирала 100 милијарди долари и вработила 50000 работници во Њујорк, пренесе Reuters.
Претседателот Трамп сепак сугерира дека стравот од новите тарифи ќе биде доволен за да се убедат компаниите да градат фабрики во САД. Поради ова, не се потребни други финансиски стимулации.
Изјавата на Трамп предизвика загриженост кај некои претставници, како конгресменот Грег Стентон од Аризона, кој ја опиша како „директен напад врз полуспроводничката индустрија во Аризона и десетици илјади работници“.
Укинувањето на субвенциите можеби и не е добра идеја
Во обраќањето Доналд Трамп објави дека тајванскиот производител на чипови TSMC ќе инвестира 165 милијарди долари за отворање на погони во САД. И покрај ова укинувањето на субвенциите не е добра идеја. Има две причини за ова. Градењето на фабриките во САД е два пати поскапо. За жал, истовремено трае и два пати подолго во споредба со градењето на погони во Тајван.

За споредба, во Тајван се потребни 19 месеци за градење на нова фабрика за производство на чипови. За градење на фабрика во Сингапур или Малезија се потребни околу 23 месеци. Во Европа фабрика за производство на полуспроводници се гради за 34 месеци, а во САД овој процес трае 38 месеци. Должината на градење е поделена во два дела. Во првиот се вадење на потребни дозволи и дизајн, а во вториот самото градење на погоните. Во САД и Европа и двата дела се подолготрајни. На крајот ова резултира со период на изградба кој е многу подолг.
Покрај периодот на изградба и цената е значително повисока. Во САД цената на изградба е двапати повисока отколку во Тајван, иако трошоците за опрема се слични. Главните причини се повисоките трошоци за работна сила, строгите регулаторни барања и неефикасните синџири на снабдување. Дополнително, тајванските работници се многу поискусни, што значи дека фабриките таму можат да се изградат побрзо.
За да се натпреваруваат со Тајван, САД и Европа треба да ги поедностават процесите за издавање дозволи, да ги оптимизираат градежните методи и да користат напредни алатки за планирање, како што се дигиталните двојници. Виртуелното тестирање на фабриките пред нивната изградба може да помогне во раното идентификување на проблемите, што ќе ги намали трошоците, ќе го забрза завршувањето и ќе го намали еколошкиот отпечаток, пишува Tom’s Hardware.







