И покрај изобилството од талент и амбиција, стартап сцената во Источна Европа се соочува со сериозни предизвици, пред сè поради скоро постојаниот недостаток на капитал и претприемачко искуство. Додека земји како Унгарија и Хрватска бележат значителен напредок, останатите земји во регионот сѐ уште се борат со ограничено финансирање и недостиг на споделување на знаење. Унгарскиот инвеститор Петар Балог смета дека за надминување на овој јаз, потребни се не само инвестиции, туку и едукација и менторство.
Како основач и извршен директор на STRT Holding, една од водечките инвестициски фирми за инвестиции од рана фаза во регионот, Балог игра клучна улога во обликувањето на унгарскиот стартап екосистем. Познат како една од “ајкулите“ во унгарската верзија на „Shark Tank“, тој во моментов е посветен на давање поддршка на основачите и забрзан раст на нивните бизниси. ИТ.мк разговараше со Балог за време на Money Motion 2025 конферецијата во Загреб, каде тој ни го раскажа неговото патување од технолошки претприемач до влијателен инвеститор и ментор на идните стартап лидери во Унгарија и поширокиот регион.

Преминавте од основање и успешна продажба на компанија до инвестирање во целосно други компании. Што ве натера да го изберете овој пат?
Петар Балог: Долго време, мојата цел беше да изградам меѓународно успешна софтверска компанија. Почнав млад, работев напорно, и на крајот успеав во тоа. ННГ стана голем играч, со значителни приходи, силен профит и тим кој порасна од 4 на над 800 вработени. Потоа, откако ја продадов компанијата, се најдов себеси како размислувам за идните чекори – што понатаму?
Ми требаше некое време да сфатам дека ми се потребни нови цели, нешто поголемо од мене. Тогаш ја препознав мојата страст кон стартапите и претприемачите. Тие се оние кои ја движат иновацијата и економскиот раст. Сакав да им помогнам да успеат, не само во Унгарија, туку и низ целиот регион. Тоа ме доведе до менторство, инвестирање и, на крајот, до откривање како да се скалира влијанието на ангелските инвестиции.

Колку е значајно успешните основачи да придонесат кон стартап екосистемот?
Петар Балог: Во Источна Европа, стартапите се соочуваат со два големи проблеми: недостаток на капитал и недостаток на искуство. Капиталот е проблем, но според мене поголем предизвик е знаењето. Многу од овие земји беа под комунистичко владеење не толку одамна, и сè уште постои јаз во претприемачкиот начин на размислување и образование.
Па така, еден унгарски извршен директор кој поминал 30 години градејќи глобална компанија често се двоуми да ги сподели своите сознанија. Можеби ќе рече: „Не сум сигурен дали моето искуство вреди да се сподели.“ Во меѓувреме, во САД, основач кој ја започнал својата компанија пред две недели веќе објавува долги постови за своите научени лекции. Сметам дека дури и малите сознанија можат многу да му помагаат на некој што штотуку почнува.
Затоа се фокусираме многу на споделување на знаење. Минатата година, обучивме над 3.100 претприемачи како да станат подобри извршни директори и лидери. Веруваме дека ова движење – комбинирање на образование, градење на заедница и инвестиции – може да го промени пејзажот за стартапите во регионот.
Многу млади основачи учат од ризични капиталисти или од ресурси од странство. Кое е Вашето мислење за тоа?
Петар Балог: Проблемот е што многу од советите за стартапи од САД или Западна Европа не се директно применливи во Источна Европа. Околу половина од нив се корисни, но другата половина не одговара на нашата реалност.
Деловната култура, правните рамки, оданочувањето, па дури и однесувањето на потрошувачите се различни. Не можете само да го копирате сценариото на Силиконската долина. Затоа локалното знаење е клучно – треба да развиеме и споделиме наши сопствени стратегии за градење стартапи кои функционираат во оваа средина.

Слушнав како му зборувате на еден основач за „убавината на едноставноста“. Дали источноевропските стартапи мака-мачат со ова?
Петар Балог: Да, тоа е чест проблем. Секој стартап има внатрешна сложеност – без разлика дали е во софтвер, биотехнологија или друга област. Таа сложеност е местото од каде доаѓа вредноста. Но, проблемот е што многу основачи се борат да го преточат искуството во едноставна, убедлива приказна.
Ја користам аналогијата со цреша. Внатрешната сложеност е тврдата семка, но пазарниот успех доаѓа од слаткиот, едноставен плод околу неа. Во Источна Европа, имаме тенденција да измислуваме цреши без плод – само семка. Во САД, понекогаш прават цреши без семка – стартапи кои се фокусираат повеќе на продажба отколку на длабока иновација.
Ричард Фајнман еднаш рече: „Ако не можете да објасните нешто едноставно, не го разбирате доволно добро.“ Основачите овде често се одлични во градење на производот, но се борат да ја пренесат вредноста јасно. А ако не можете да го објасните едноставно, не можете да го продадете.

На кои типови стартапи и индустрии се фокусира STRT Holding?
Петар Балог: Во моментов, 80% од нашите инвестиции се во Унгарија, но се шириме регионално и глобално. Околу една третина од нашите инвестиции се во B2B софтвер. Особено сме силни во едтек (образовни технологии) и медтек (медицински технологии), а неодамна почнавме да инвестираме и во финтек (финансиски технологии).
Верувам дека банкарството станува инфраструктурен слој, слично на тоа како што вмрежувањето стана инфраструктурен слој со интернетот. Вистинската иновација нема да биде само во нови банкарски решенија, туку во целосно нови услуги изградени врз оваа инфраструктура – исто како што онлајн игрите, стриминг и е-трговијата се појавија од темелите на интернетот – па така следните неколку години ќе бидат фасцинантни за следење.







