Dead Take: Психолошки хорор за мрачните тајни на Холивуд

Студиото Surgent Studios, веќе познато по наградуваната игра Tales of Kenzera: ZAU, во соработка со издавачот Pocketpair Publishing, неодамна ја лансираше нивната најнова креација, Dead Take. Станува збор за психолошки хорор во прво лице, дизајниран во стилот на escape room игрите. Ваквата поставка ветува длабоко и вознемирувачко патување низ мрачните ходници на една холивудска вила, привлекувајќи огромно внимание поради својата уникатна премиса и импресивна актерска екипа.

Абубакар Салим, креативниот директор на студиото, изјави дека со оваа игра не правеле компромиси. „Решивме да бидеме храбри, да ризикуваме и да ангажираме неверојатни актери кои ја разбираат визијата. Амбициозно е, но со оваа тема не можевме да бидеме плашливи.“

Потрага по вистината во напуштена вила

Приказната на Dead Take ве става во улогата на Чејс Лори (глас позајмен од Нил Њубон), актер кој пристигнува во луксузна, но изолирана вила на Холивуд Хилс. Причината за неговото доаѓање е потрагата по неговиот пријател, Вини Монро (Бен Стар), кој исчезнал по гламурозна забава одржана претходната вечер. Наместо остатоци од прослава, Чејс затекнува морничава тишина и чувство дека нешто страшно се случило. Вилата, која воедно служи и како напуштен филмски сет, станува лавиринт од тајни, а вие мора да ја откриете вистината зад исчезнувањето на Вини.

Спојување на реалности

Во Dead Take имате за задача да се фокусирате на истражување и решавање на загатки кои црпат огромна инспирација од escape room формата на забава. Од вас се бара да обрнувате внимание на секој детаљ во опкружувањето, да решавате сложени предизвици и да ги отклучувате тајните на вилата. Еден од најиновативните аспекти е механиката со пронаоѓање на USB-стикови и мемориски картички кои содржат оштетени видео датотеки. Ваша задача е да ги споите овие фрагменти за да реконструирате што навистина се случило. Овие секвенци се снимени во живо, додавајќи уникатен слој на реализам и хорор. Транзицијата и скокот од едната кон другата форма е направена мајсторски и впечатливо ја замаглува границата помеѓу играта и филмот. Како што напредувате, меѓутоа, чувството дека куќата ве набљудува станува сѐ посилно, создавајќи постојана тензија.

Графика, звук и атмосфера

Иако се работи за инди-проект, Dead Take се истакнува со својата визуелна презентација. Луксузната вила е дизајнирана со големо внимание на детали, а играта на светлината и сенките создава постојано чувство на нелагодност и страв. Напуштениот филмски сет и скршеното домашно кино дополнително ја засилуваат морничавата атмосфера. Звучниот дизајн е клучен елемент – од угнетувачката тишина, преку суптилните звуци во позадина, па се до вознемирувачката музика – сите овие елементи работат заедно за да ве целосно вовлечат во светот на играта. Сепак, најсилниот адут е, како што кажавме, врвната гласовна глума. Покрај главните актери Нил Њубон и Бен Стар, во играта се појавуваат и Џејн Пери (Baldur’s Gate 3), Алана Пирс (Cyberpunk 2077), како и камео улоги од легенди како Лора Бејли, Метју Мерсер, Сем Лејк и Тревис Вилингем. Само ова, гарантира врвно наративно искуство кое не би требало да го заобиколите.

Dead Take не е само игра која е замислена да ве исплаши. Приказната ќе се потруди и да понуди длабока критика на индустријата за забава – нејзината суровост, валканите озборувања, неуспешните аудиции и мрачните фигури кои имаат моќ да создадат или уништат кариера. Играта се залага да истражи како креативниот талент може да биде издигнат, но истовремено и како душата зад него може да биде уништена.

Dead Take е интелигентно искуство кое ги поместува границите на жанрот. Ако уживате во мистерии што ве тераат да размислувате, ќе бидете воодушевени од комплексните загатки и иновативната механика на спојување видеоснимки. Доколку ве привлекуваат длабоки, повеќеслојни приказни, критиката на мрачната страна на Холивуд ќе ве заинтригира и ќе ве натера да се запрашате за цената на славата. Со врвна гласовна глума која го оживува секој лик и атмосфера која ве држи на работ на седиштето од почеток до крај, Dead Take е задолжително искуство за секој љубител на психолошки трилери и игри кои оставаат силен впечаток долго откако ќе ги завршите.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments