Меѓународна полициска акција, позната под кодното име Operation Deep Sentinel, ја затвори илегалната продавница за наркотици Archetyp Market. Оваа координирана операција, предводена од германската полиција со поддршка од Европол и Евроџаст, претставува значајна победа во борбата против криминалот на интернет.
Archetyp Market беше озлогласен онлајн пазар кој функционираше од мај 2020 година. Продавницата беше вистински супермаркет за наркотици, нудејќи им на своите клиенти пристап до огромни количини на дрога. Дел од понудата беше кокаин, амфетамини, хероин, канабис, МДМА и синтетички опиоиди како фентанил. На продавницата имаше 3 200 регистрирани продавачи и повеќе од 17 000 огласи, што го правеше еден од најголемите центри за дистрибуција на дрога на даркнет (Dark Net).

Над 612 000 купувачи и трансакции од 250 милиони евра
За време на својата петгодишна активност продавницата ја користеа повеќе од 612 000 купувачи, трансакциите надминаа 250 милиони евра во Monero криптовалута.
Операцијата „Operation Deep Sentinel“ беше резултат на прецизно планирање и беспрекорна меѓународна соработка помеѓу шест држави. Во Холандија, истражителите успеаја да ја пронајдат и да ја затворат инфраструктурата на продавницата. Во Барселона, Шпанија, беше уапсен 30-годишен германски државјанин, осомничен како главен администратор на „Archetyp Market“. Акцијата продолжи со апсење во Германија и Шведска. Уапсени се еден модератор на продавницата и шесте најголеми продавачи, пишува, Bleeping Computer.
Во рамките на оваа операција, запленети се 47 паметни телефони, 45 компјутери, значителни количини наркотици и имот во вредност од 7,8 милиони евра.
„Помеѓу 11 и 13 јуни, низ Германија, Холандија, Романија, Шпанија, Шведска се одржа серија координирани акции, насочени кон администраторот на платформата, модераторите, клучните добавувачи и техничката инфраструктура. Околу 300 полицајци беа распоредени за спроведување мерки за спроведување и обезбедување критични докази.
Со ова органите за спроведување на законот елиминираа еден од најдолготрајните пазари на дрога на дарквеб, прекинувајќи ја главната линија на снабдување со некои од најопасните супстанции во светот“, вели Жан-Филип Лекуф, заменик-извршен директор за операции на Европол.
Борбата не завршува
Иако една од најголемите и најпопуларни продавници на дарквеб е затворена, борбата не завршува. Речиси веднаш со затворањето на една продавница се појавува нова, па акциите на полицијата мора да бидат постојани.
Operation Deep Sentinel следи по уште една значајна акција од мај, позната како „Operation RapToe“. Во акцијата, во меѓународна заедничка операција насочена кон продавачи и купувачи на даркнет од десет држави, беа уапсени 270 осомничени. Во рамките на таа акција полициски службеници од Европа, Јужна Америка, Азија и САД запленија повеќе од 2 тони дрога, над 184 милиони евра во готовина и криптовалути и повеќе од 180 парчиња огнено оружје.
„Таткото“ на продавниците на дарквеб ослободен во јануари
Додека европските полициски сили, предводени од Европол откриваат криминал на „dark web“ во САД се случуваат поинакви поместувања. Само неколку месеци пред акцијата „Deep Sentinel“, американскиот претседател Доналд Трамп, веднаш по враќањето во Белата куќа на 21 јануари 2025 година, донесе одлука да го помилува Рос Улбрихт, попознат како „Dread Pirate Roberts“, основачот на озлогласениот Silk Road.
Оваа одлука е поздравена во либертаријанските кругови. Тие ја сметаа неговата двојна доживотна казна за престрога. Одлуката сепак, предизвика бура од реакции. Критичарите изразија загриженост дека ваквото помилување може да испрати погрешна порака и да ги охрабри другите да започнат слични нелегални активности на интернет.







