Популарната онлајн енциклопедија Wikipedia сепак нема да прикажува сумирани текстови од податоците генерирани од вештачка интелигенција. Енциклопедијата најпрво ги објави плановите за почеток на тестовите, за сега да се откаже од нив. Причина за ова е силната реакција и негодувањата на уредниците на Wikipedia, пишува 404media.
„Само затоа што Google ги објави своите резимеа за вештачка интелигенција не значи дека треба да ги надминеме, искрено ве молам да не го тестирате ова, ниту на мобилен ниту на друго место“, вели еден уредник како одговор на најавата на Фондацијата Викимедија дека ќе започне двонеделна пробна верзија на резимеата на мобилната верзија на Википедија.
Предлогот беше сумираните генерирани текстови да се појавуваат на врвот на статиите за 10% од корисниците кои пристапуваат од телефон. Изборот немаше да биде случаен, туку ќе беа корисници кои ја прифатиле оваа функционалност. Планот беше тестовите да траат две недели, а потоа да се анализираат податоците.
Главната критика беше поради вештачката интелигенција, но и дополнително на исклучувањето на уредниците од фазата на планирање. Тие ја обвинија Фондацијата дека во консултациите бил вклучен само еден уредник. Дополнително и тој уредник е вработен во WMF.
Како што е наведено во најновиот пост на страницата за дискусија на заедницата, WMF моментално нема планови да го продолжи експериментот. Во моментов ги проценуваат и ги дискутираат повратните информации што ги добиле од волонтерите. На страницата за „дискусија“, организацијата објасни дека сака да ги задоволи потребите на својата публика.
„На многу читатели им е потребен поедноставен текст покрај главната содржина. Во претходните истражувања, слушнавме дека читателите сакаат да имаат можност за брз преглед на некоја тема пред да започнат со читање на целата статија.“
Иако Wikipedia не ја исклучи идната употреба на вештачка интелигенција, тие изјавија дека уредниците нема да бидат „изненадени“ следниот пат.
„Внесувањето на генеративна вештачка интелигенција во искуството за читање на Википедија е сериозен сет на одлуки, со важни импликации, и имаме намера да го третираме како такво. Немаме планови за воведување функција за резиме на Wiki без вклучување на уредниците.“, вели претставник на Wikipedia за 404media.
За разлика од Wikipedia, Google засега нема намера да забави со генерираните резултати во пребарувањето.
Google барем засега го задржува AI сумирањата
Веројатно веќе сте забележале дека AI Overviews се достапни глобално и сега најчесто на врвот на пребарувањата на Google е резултат генериран од вештачка интелигенција.
Ова е добра вест за сите кои сакаат брз пристап до информации. За едноставни прашања или кога ви треба брз преглед на некоја тема, AI Overview може веднаш да даде концизен одговор. Со ова драстично се намалува времето што инаку би го потрошиле на пребарување и отворање повеќе страници. Резултат е подобро целокупно корисничко искуство, правејќи го пребарувањето поудобно и поефикасно, особено на мобилни уреди каде брзината е клучна.
Дополнително, „AI Overviews“ можат значително да го намалат бројот на супер кратки и едноставни пребарувања. За основни прашања кои бараат директен одговор (на пример, „кој е главен град на Македонија?“), AI Overview може веднаш да го даде одговорот. Ова значи дека не мора да отворате веб-страница, да го барате одговорот и потоа веднаш да ја затворите страницата. AI Overview дава побрз пристап до бараниот одговор и брзи информации за кои не е потребна некаква деталност при истражувањето.
Проблеми со Overviews
Главните недостатоци на AI Overviews се нивната веродостојност и недостаток на деталност. Постои опасност од неточности и „халуцинации“. AI моделите можат да генерираат информации кои изгледаат веродостојно, но се неточни, понекогаш и штетни. Оваа тенденција на AI да „измислува“ податоци може да доведе до ширење на дезинформации и погрешни совети. Моделите се обучуваат на огромни количини податоци и не можат да направат разлика помеѓу веродостојни и неверодостојни извори.
Друг значаен проблем е намалувањето на критичкото размислување и проверката. Кога корисниците добиваат одговор веднаш, директно во резултатите од пребарувањето, тие не кликаат на оригиналните изворни линкови. Ова значи дека корисниците може да не ја проверат точноста на дадените информации. Дополнително, целиот систем е заснован на податоци кои Google ги собира од страниците. Колку помалку посетители одат на овие страници, толку финансиски се ослабуваат овие страници. Па системот, на некој начин се уништува.
„AI Overviews“ честопати нудат само површно објаснување. Резимеата, по својата природа, се кратки. За сложени теми, ретко ја доловуваат целосната комплексност и контекст на оригиналната содржина. Ова може да доведе до нецелосно разбирање на темата. Конечно, постои и проблем со неактуелност на податоците, особено за многу нови или брзо променливи информации. Google се обидува да ги ажурира своите AI модели, но мора да има доцнење во вклучувањето на најновите случувања, што значи дека AI Overview може да прикаже застарени информации.
Како да ги отстраните „AI Overview“ во пребарувањата за десктоп
Иако „AI Overview“ понекогаш може да заштеди време можеби не ви се допаѓа. Ако не сакате да ги гледате овие сумирани резултати на врвот на пребарувањето има неколку опции. Наједноставен начин да не го гледате „AI Overview“ е да додадете вулгарности. Едноставно додавање на „fuck“ во резултатите автоматски го гаси AI Overview.
Екстензијата „Bye Bye, Google AI: Turn off Google AI Overviews, Discussions and Ads“ ги крие резултатите. Иако скриен, за жал одговорот е генериран, ама барем нема да го гледате.
Конечно најкомплицираниот начин е следниот и го сподели Engadget. На десктоп верзијата на Chrome отворете го менито во горниот агол (три точки).

- Одете во Settings (Поставки) > Search engine (Пребарувач) > Manage search engines and search (Управување со пребарувачи и пребарување).
- Во Site search (Пребарување на сајтови), кликнете на Add (Додади).
- Внесете Name (Име): Google/Web
- Внесете Shortcut (Кратенка): https://www.google.com/
- Внесете URL: {google:baseURL}search?udm=14&q=%s
- Кликнете Add (Додади).
- Потоа, поставете го овој тип на пребарување како стандарден. Кликнете на трите точки до кратенката која штотуку ја создадовте и изберете Make default (Направи стандардно).
- Прославете! Повеќе нема да гледате AI Overview во резултатите од пребарувањата.