На 28 март 2025 година, Тревор Милтон, основачот на пропаднатиот производител на електрични камиони Nikola Motor Company, доби целосно помилување од претседателот на САД, Доналд Трамп. Оваа одлука најпрво беше објавена од Милтон на друштвените мрежи. Веста подоцна беше потврдена од официјален претставник на Белата куќа. Милтон пред помилувањето беше слободен со кауција и од слобода ја чекаше одлуката по неговата жалба на пресудата за измама со хартии од вредност и електронска измама. Сепак, Белата куќа не издаде официјално соопштение за помилувањето на официјалната веб-страница.
Today I was issued a full and unconditional pardon by @realDonaldTrump himself. He called me personally to tell me.
— Trevor Milton (@nikolatrevor) March 28, 2025
This pardon is not just about me—it’s about every American who has been railroaded by the government, and unfortunately, that’s a lot of people. It is no wonder… pic.twitter.com/qpT0jjI6Fy
Најголема штета од ова помилување, ќе имаат акционерите во Nikola. Осудата против Милтон, е избришана. Ова значи дека нема да мора да ги компензира акционерите кои претрпеа загуби во вредност од десетици милиони долари. Исто така, се очекува помилувањето да ја избрише потенцијалната обврска за враќање на стотици милиони долари што обвинителите ги бараа во име на измамените инвеститори.
Милтон јавно ја изрази својата благодарност до претседателот Трамп за помилувањето. Во обраќањето помилувањето го нарече „света амнестија на невиноста“, истовремено критикувајќи го Министерството за правда. Претседателот Трамп изјави дека ова помилување е резултат на препораки од многу луѓе. Дополнително, имплицираше дека Милтон бил прогонуван поради неговата поддршка кон него.
Времето на помилувањето доаѓа точно пред потенцијалната обврска за значителна реституција. Изјавите на Трамп за причините за помилувањето, кои се фокусираат на политичката поддршка наместо на прашања за вина или праведно судење, покренуваат сериозни прашања за политичко влијание во овој случај.
Тревор Милтон сега ќе се фокусира на документарниот филм „Conviction or Conspiracy: The Trevor Milton Saga“. Филмот го седи растот и падот на основачот на Nikola и неговата правна разрешница.
Затворска казна на Тревор Милтон за измама
Тревор Милтон беше осуден по една точка од обвинението за измама со хартии од вредност и две точки за електронска измама во октомври 2022 година. Во декември 2023 година, беше осуден на четири години затвор. Обвиненијата произлегоа од неговите лажни изјави дадени на инвеститорите со цел да се поттикне побарувачката за акциите на Nikola. Обвинителите тогаш го опишаа Милтон како „измамник“ кој постојано ги лажел инвеститорите преку различни медиумски платформи. Неговата осуда вклучуваше и парична казна од 1 милион долари и налог за реституција од 168 милиони долари.
Лагите на Милтон за компанијата Nikola беа насочени кон клучните аспекти на нејзината технологија и производни способности. Лажно тврдел дека Nikola развил сопствена револуционерна технологија за камиони. Компанијата користела производ на General Motors со логото на Nikola. Исто така, тој лажно тврдел дека компанијата имала успех во создавањето на целосно функционален прототип на камион (semitruck) „Nikola One“, иако знаел дека прототипот не работи. Покрај тоа, Милтон лажно тврдел дека Nikola развил сопствени батерии, иако знаел дека ги купуваат. Давал и лажни изјави за производство на водород по намалени цени.
Клучен доказ против Милтон е контроверзно видео од 2018 година. Обвинителите тврдеа дека ова видео прикажува прототип на камион на Nikola како самостојно се движи, додека во реалноста камионот бил влечен до врвот на удолницата и потоа пуштен да се тркала. Милтон беше обвинет дека бил лично вмешан во креирањето и објавувањето на ова видео. Видеото е креирано да ги измами инвеститорите за наводните способности на камионот. Nikola подоцна призна дека видеото е фалсификувано, тврдејќи дека камионот не се движел самостојно.
Дополнително, извештајот на компанијата за „shortselling“ Hindenburg Research, објавен во септември 2020 година, ги обвини Nikola и Милтон за „комплексна измама изградена на десетици лаги“. Извештајот содржеше детални докази за лажни изјави на Милтон, што доведе до пад на цената на акциите на Nikola и истрага од страна на Комисијата за хартии од вредност (SEC). Милтон поднесе оставка од функцијата извршен претседател на Nikola по објавувањето на извештајот. Иако компанијата ги отфрли обвинувањата, извештајот на Hindenburg Research одигра значајна улога за обвинението против Nikola и за правни последици за Милтон.
Политичките донации на Тревор Милтон и нивната поврзаност со помилувањето
Веројатно најконтроверзен дел од целата приказна се донациите кои Милтон и неговата сопруга ги направиле пред изборите во САД. Тревор Милтон и неговата сопруга донирале повеќе од 1,8 милиони долари за претседателската кампања на Доналд Трамп еден месец пред изборите во 2024 година. Популарниот портал за електрични возила Electrek го наслови својот текст „Основачот на Nikola Тревор Милтон помилуван откако му плати 1,8 милиони долари мито на Трамп“.
По неговата осуда во 2023 година, Милтон направил значителни политички донации, вклучувајќи 920 000 долари за комитетот „Трамп 47“ во октомври 2024 година и 750 000 долари за политичкиот акционен комитет „МАХА Алијанса“ (MAHA Alliance) на Роберт Ф. Кенеди Џуниор во септември. Ова e значителна промена во неговото претходно неангажирање во политичко финансирање. Податоците покажуваат дека 2024 година е првата година во која Милтон направил шестцифрени политички донации.
Постојат сугестии дека помилувањето на Милтон било поврзано со овие политички донации кон Трамп. Претседателот Трамп јавно призна дека поддршката на Милтон за него била еден од факторите за одлуката за помилување.
Времето и износот на политичките донации на Милтон, особено оние направени по неговата осуда и непосредно пред претседателските избори, сугерираат можна поврзаност со неговото помилување.
Спорот помеѓу Nikola и Tesla
Во 2018 година Nikola поднесе тужба против Tesla. Тогаш ја обвинија компанијата за нарушување на патенти за дизајн на нивниот камион Tesla Semi. Nikola тврдеа дека Тесла ги копирала дизајните на ветробранското стакло во форма на буквата „U“, страничните врати и аеродинамичната структура.
Tesla веднаш ги негираа обвинувањата и поднесоа противтужба, тврдејќи дека Nikola го украл нивниот дизајн од дизајнер на Rimac. Тужбата беше во мирување во 2021 година откако Тревор Милтон беше обвинет за измама.
Во јануари 2022 година, Nikola ја повлече тужбата против Tesla. Двете компании се согласија да ги повлечат сите тужби и против-тужби. Причината за повлекувањето на тужбата не е објавена. Веројатно обвиненијата за измама го принудиле основачот на Nikola да се фокусира на овој проблем.
Банкротот на Nikola и неговата поврзаност со обвиненијата против Милтон
Во февруари 2025 година Nikola поднесе барање за банкрот според Глава 11 од американскиот правилник за банкрот. Компанијата веќе предупреди дека може да остане без пари до почетокот на 2025 година. Nikola имал обврски меѓу 1 и 10 милијарди долари. Вредноста на компанијата достигаше и до 30 милијарди долари, но имаа значителен пад на вредноста.
Падот на Nikola од максималната вредност во 2020 година беше во голема мера предизвикан од изјавите на Милтон. Извештајот на Hindenburg Research, доведе до значителен пад на цената на акциите. Дополнително, компанијата плати 125 милиони долари во 2021 година за да се спогоди со SEC за граѓанска тужба поврзана со измама.
Други контроверзни помилувања од Доналд Трамп
Претседателот Доналд Трамп во релативно кус период направи неколку контроверзни помилувања. Еден од примерите е помилувањето на Рос Улбрихт, основачот на Silk Road, кој беше осуден на доживотен затвор за злосторства поврзани со неговата онлајн платформа за продажба на дрога. Друг пример е помилувањето на Мајкл Милкен, познат како „кралот на ѓубре обврзниците“, кој беше осуден за измама со хартии од вредност.
Овие помилувања отвораат прашања за злоупотреба на претседателската моќ и за поткопување на принципите на правдата и еднаквоста пред законот. Помилувањето на Тревор Милтон се вклопува во овој шаблон на контроверзни помилувања. Заедно со Тревор Милтон, Трамп ги помилува и основачите на крипто-берзата BITMEX. Берзата требаше да плати казна од 100 милиони долари, откако беа осудени дека „намерно ги прекршила американските закони за спречување на перење пари за да ги зголеми приходите“. Хејс, Дело и Рид се изјаснија за виновни во 2022 година за кршење на Законот за банкарска тајна и беа осудени на условна казна, пишува AP.









Осуда?