Интервју со МКхост: .мк домените ќе станат поскапи и одбивни

Новите измени во Правилникот за .мк домени кој Марнет го воведе неодамна предизвикаа бурни реакции кај регистраторите и интернет заедницата во Македонија. Марнет воведе строги правила за верификација, ограничувања за странски корисници и промени во управувањето со личните податоци на регистрантите. Првите реакции се дека Правилникот нѐ враќа во периодот пред дигитализација и либерализација на пазарот на домени, кога требаше рачно носење на барање за регистрација и промени на NS во канцелариите на Марнет.

На оваа тема веќе разговаравме со Столе Китановиќ од Zemi.mk, а одлучивме да ги прашаме што мислат за новиот правилник на Марнет и Билјана Шијаковска и Иван Петрушевски од МКхост, една од најактивните хостинг компании во Македонија која има над 20,000 регистрирани домени и 30% удел на пазарот за домени во државата.. Билјана е извршен директор на компанијата, додека Иван, кој е во Шведска е основач и сѐ уште сопственик на компанијата.

Во интервјуто разговараме за позитивните и негативните аспекти на новиот правилник,  но и за предизвиците со кои ќе се соочи интернет просторот во Македонија.

Билјана Шијаковска, CEO на МКхост

Кои се главните разлики со претходниот правилник?

Билјана: Прва голема разлика во новиот правилник е неможноста за закуп на .mk домени од странски државјани, односно лимитацијата на .mk наставката на домени да може да биде закупена само од Македонски државјани, или странски – со моментално престојувалиште во Македонија

Втора голема разлика е тоа што сега, секој еден кој сака да закупи Македонски домен брзо, лесно и онлајн и да има активација веднаш, ќе мора да поседува дигитален идентитет, со кој ќе го потпише барањето. Втората опција е да дојде лично до просториите на регистрарот, за да го поднесе барањето со приложуваање на документ за лична идентификација – на увид, ако се работи за физичко лице, или заверена копија – документ од централен регистар за организации и компании (правни лица).

Слика – МКхост / Facebook страница

Според вас дали е ова чекор во вистинска насока?

Иван Петрушевски, основач на МКхост

Иван: Ние го разбираме предизвикот со кој се соочи Марнет, регистрарите и Интернет заедницата во Македонија изминатиов период. Во неколку наврати беа регистрирани домени кои беа наменети за вршење злоупотреба и кражба на лични податоци.

Иако оригиналниот план бил вo креирањето на правилникот да се вклучат и регистраторите, МАРнет не ги земал предвид предлозите на регистраторите и најголем дел од нив се отфрлени.

Марнет првично ги консултира регистраторите со цел да дадат предлози за најефективно и долгорочно не повторување на вакви случаи во иднина.

За жал 95% од предлозите на регистраторите не беа прифатени воопшто од страна на МАРнет. “Предлозите се очобол” – беше еден од коментарите на претставник од Марнет, и покрај тоа што предложивме реални и специфични механизми за промени кон подобрување на безбедноста на мк доменот. Уште од самиот почеток, односот беше игнорантен спрема нас – регистраторите.

Само МКхост испратил 15 различни предлози со конкретни решенија, за подобрување на безбедноста на мк доменот како и за заштита на личните податоци. Од нив, прифатен е само еден, открива Петрушевски.

Предлози за кои немаше простор во новиот правилник

– За верификација на лицата -> дадовме долгорочно решение на генерално ниво да се внесува матичен број. Тука државните институции можеа многу да помогнат за валидација преку API до централниот регистар за население.

– Дадовме предлози со верификација на телефонски број (за кој мора да се има договор со оператор), со верификација преку СМС, на имејл адреса со код итн.

– Дадени беа предлози за подобрување на моменталниот систем кој сѐ уште користи застарена технологија.

– Предлог за воведување на заштитита на whois податоците на сите регистранти кои сега се јавно достапни.

– Членот 15 од новиот правилник укажува дека повторно, сите податоци од регистрантот, административниот и технички контакт ќе се јавно објавени. Контрадикторно е тоа што Марнет сега во условите кои ги побарува од регистраторите, наведува дека регистраторот е задолжен да ги штити личните податоци на регистрантите, а од друга страна, самиот Марнет јавно на нивната веб страница ги објавува личните податоци на регистрантите (име, презиме, адреса на живеење, телефонски број, емаил адреса). Ова е уште еден факт кој ги „одбива“ корисниците од регистрација на мк доменот и кој предизвикува манипулација со неточни податоци при регистрација на домените.

Одлуката за новиот правилник на Марнет и одборот (во кои се и професори од ФИНКИ) – е избрзана, не доволно промислена, и тотално игнорантна спрема искуството и стекнатото знаење на регистраторите кои со години директно работат со корисниците (регистрантите)

Наместо да придонесе со полем интерес за мк домените, промените ќе предизвикаат повеќе негативни ефекти, вели Петрушевски.

Марнет зад затворени врати, под влијание на само неколку индивидуи, го донесе новиот правилник. Оваа одлука не е базирана на факти и искуства, туку напротив, е донесена како импулсивна реакција која е недоволно промислена и недоволно из-анализирана. Новиот правилник со многуте построги правила и валидации, дефинитивно не е решение кое ќе спречи дополнителна злоупотреба во иднина.

Еве само дел од негативните последици кои се директно предизвикани од новиот Правилник.

  • одбивност на физичките и правните лица да регистрираат мк домени поради воведување на дополнителните административни обврски, папирологии, верификации…
  • Бројот на мк домени полека ќе опаѓа и стагнира.
  • Корисниците ќе ги избираат интернационалните наставки кои не побаруваат дополнителни обврски и папирологии.
  • Ќе се зголеми цената на мк домените.
  • Ќе се губи време во вадење папирологии, патување и остварувања на физички средби – кои дефинитивни ќе го намалат корисничкото искуство околу мк доменот и напразно ќе се трошат средства (време и пари), кои би можеле да се инвестираат во по иновативни идеи.

Со овој нов правилник ќе се вратиме 20 години назад. Ова дефинитивно не е чекор кој треба да е превземен во 2025та година кога работите се целосно на Интернет и кога живееме во брз свет и потребата од закуп (или промена), треба да е инстантна. Дополнително, затворањето на македонскиот домен воопшто нема да донесе никаква предност нити бенефинит нити на државата, нити на бизнисите.

За среќа има и добри страни

Иако најголем дел од коментарите кои ги слушаме досега се негативни, има и добри страни. Дел од направените промени како појаснување на минималните технички и безбедносни барања беа неопходни.

Позитивен дел од промената на Марнет, се донесените нови услови за регистраторите (општи и технички). Тука се објаснети минималните технички и безбедносни барања што еден регистратор треба да ги имплементира за да е правилно усогласен. Ова е добра промена, затоа што регистраторите имаат сега построги безбедносни механизми кои треба да ги имплементираат низ нивните системи што вршат управување со мк доменот. Кога би бирал регистратор, за мене лично би бил избран оној кој има најдобри безбедносни контроли за мојот домен. МКхост уште од самиот старт како официјален регистратор, безбедноста и стабилноста на системите ја става како приоритет број еден.

Пропуштена можност

МКхост регистрира Македонски домени речиси 20 години. Се чини дека со новиот Правилник е пропуштена можност да се искористи нивното искуство. Сличен впечаток споделија и Земи.мк.

Она што нас најмногу не загрижува – е насоката и визијата која ја имаат државните институции, како и професорите од ФИНКИ, кои го поддржаа ова уназадување. Наместо да се искористи технологијата на денешното време, вештачката интелегенција и другите модерни cloud технологии во подобрување на безбедноста на Македонскиот Интернет и мк доменот, ние се враќаме назад каде времето ќе го инвестираме во рачни валидации и креирање на безпотребна папирологија.

Доколку се вратиме во минатото, јас лично (Иван Петрушевски), бев голем потикнувач и “борец” за либерализација на мк доменот. Тогашниот министер за информатичко општество Иво Ивановски, оддржуваше средби со нас, регистрарите и потикнувачите на Интернетот во Македонија. Нашите мислења и предлози беа внимателно сослушувани и како резултат на тоа беше реформиран Марнет и се направи либерализацијата на мк доменот.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk