Надополнето
По објавуваењето на текстот Столе Китановиќ не контактираше со неколку дополнување.На странски државјани без уредено живеалиште или престојувалиште во Македонија им е забрането да регистрираат .mk домени.
Компаниите можат да регистрираат .mk домен (.mk .com.mk, .net.mk, inf.mk), но регистраторите ќе треба да ги верификуваат со официјални документи од нивните држави, треба да знаат како изгледа тековна состојба во државите од кои потекнуваат документите.
Новиот правилник за регистрација на .мк домени ќе донесе значителни промени. Направените промени поминаа помалку незабележано од ИТ-заедницата. Деловите кои предизвикаа најмногу контроверзии вклучуваат: задолжителна идентификација на сите регистранти преку документи за лична идентификација, ограничување на регистрацијата на домени само за македонски резиденти и компании, како и укинување на можноста за регистрација на домени со помалку од три два карактери (го читате ова на IT.mk :O се спасивме за малку). Овие мерки, иако треба да ја зголемат безбедноста, наидоа на критики заради потенцијалното обременување на процесот на регистрација и можните негативни импликации врз македонскиот дигитален идентитет.
За оние што не се сеќаваат, Марнет во периодот пред дигитализација и либерализација на пазарот на домени, бараше рачно носење на барање за регистрација и промени на NS во канцелариите на Марнет – процес кој е подлежен на многу патешествија.
За направените промени разговаравме со Столе Китановиќ од Zemi.mk. Тој ги сподели своите размислувања за клучните измени и нивното влијание врз македонскиот дигитален простор.
Кои се главните разлики на новиот правилник со претходникот?
„Со новиот Правилник странски државјани го губат правото на регистрација на .mk домени доколку немаат дозвола за престој во Северна Македонија.
Истиот, сега бара Регистрарите, покрај правните лица, да ги идентификуваат и сите физички лица кои регистрираат .mk домени согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.“, истакнува Китановиќ.
Тој додава дека новиот правилник ја исклучува и можноста за регистрација на .mk домени со 1 карактер, а целиот процес на регистрација сега задолжително ќе се врши со пополнување на Барањето за регистрација на домени пропишано од МАРнет.
„Во претходниот Правилник јасно беше нагласено дека покрај пополнување на Барањето, може да се користи и електронска пријава со задолжителни полиња, кое сега е отстрането, што најверојатно не враќа во 2000-тите кога .mk домен се регистрираше единствено со пополнување на Барање. Преку корисничките портали т.е. веб-апликациите на Регистрарите ќе може да се врши промена само на именски опслужувачи, за секоја друга промена ќе мора да се пополни Барање.“
Иако главната причина за промените на правилникот е поголемата безбедност, .мк домените тука немаат некаква улога. Податоците од базата на малициозни домени од MKD-CIRT, покажала дека само 18 од вкупно 855 малициозни домени се .mk домени. Ова укажува на минимална злоупотреба на националниот домен, што дополнително отвора прашање за оправданоста на промените.
Според тебе, дали промената на правилникот е чекор во вистинска насока?
Секако дека не. Тоа што мене најмногу ме загрижува е отежнувањето на брзата регистрација на .mk домени наместо нејзино олеснување и охрабрување, како инструмент кој овозможува фер, транспарентен и доверлив систем. Непотребното обременување на регистрацијата на .mk домени со задолжителна идентификација на регистрантите секако дека ќе резултира со зголемување на цените за регистрација, но претставува и можност за селективност и монополизација на пазарот со домени, зголемен ризик од манипулација, корупција и нефер практики, што негативно влијае на целиот дигитален екосистем на земјата.
Тој предлага дека, доколку МАРнет инсистира на идентификација, таа треба да се спроведе по регистрацијата, а не како предуслов. “Новиот правилник ќе ги одврати македонските граѓани од регистрирање на .mk домени и ќе ги насочи кон интернационални домени како .com, што значи слабеење на нашиот дигитален идентитет.”
Иако сметам дека увид во документ за лична идентификација со цел регистрација на домен е преоптеретување на процедурата, доколку МАРнет и Управниот одбор одлучиле дека е неопходно, требаше да се предвиди временски период по инстант регистрацијата да се изврши верификација, не пред тоа.
Покрај тоа, податоците покажуваат дека 89% од .mk домените се регистрирани од македонски адреси. Ограничувањето на регистрацијата само на македонски резиденти може да има маргинално влијание врз безбедноста, но постои опасност да го намали интересот за националниот домен.
Има ли реакција од ИТ заедницата? Кое е твоето мислење и што можеше да се направи подобро?
„Македонската јавност воопшто не беше информирана за промените,“ вели Китановиќ. Според него, правилникот требаше да адресира проблеми како што се комплицираниот процес на регистрација и недостатокот на приватност за регистрантите. „МАРнет мораше да овозможи приватна регистрација на .mk домени, за да не мора за домен за личен блог цел свет да дознае каде живеете, вашиот телефонски број и мејл адреса“.
Дополнително, домените со кратки имиња, кои уживаат најголема доверба кај корисниците, се незначително злоупотребувани. Од базата на МКД-ЦИРТ нема ниту еден малициозен домен со еден или два карактера. Ова доведува до сомнеж за потребата од такви рестрикции.
„Ако целта е заштита на граѓаните од дезинформации и сајбер криминал новите промени тоа не го овозможуваат. Напротив, со зголемено користење на интернационални домени од страна на македонски граѓани и прифаќањето на .com домените како старо-новото нормално, во општествен контекст како македонскиот, со ниска стапка на медиумска и дигитална писменост, ќе се постигне токму спротивното”, заклучува Китановиќ.
Во документот кој Zemi.mk го сподели по јавната дебата предложените промени на Правилникот за управување со .mk доменот се посочуваат успешни примери од регионот. Еден пример кој би можел да се разгледа е успехот на Црна Гора. Со нивниот .me домен, кој привлече интернационални корисници и донесе значителен приход за државата. Наместо рестрикции, можеби треба да се фокусираме на промоција и развој на дигитална писменост како одговор на предизвиците.







