Совршеност, реклами, филтри и високи бројки на следачи и фанови, надополнето со алгоритми чија цел е да го задржат вниманието на корисниците што е можно повеќе. Сето ова асоцира на социјална мрежа, зарем не? Случај за повеќето социјални мрежи, но не и за BeReal. Социјална мрежа во подем, лансирана во 2020 и развиена од Alexis Barreyat и Kevin Perreau. Дизајнирана да ја промовира автентичноста на објавите и нема достапни било какви филтри или пак видливи бројки на следачи. Накратко, не нуди никаква подготовка пред да објавите фотографија. Главната идеја е споделување на спонтани моменти од секојдневието.
Колку е популарен BeReal?
Моментално апликацијата има нешто повеќе од 73 милиони корисници. Кога беше лансирана во 2020 не доби некоја позначителна популарност, сѐ до 2022 кога работите се променија драстично, во корист на ново-создадената француска апликација. Во продолжение, табелата на која е прикажан растот на активни корисници на месечно ниво.
| Месец и година | Број на корисници | Раст во % |
| Јули, 2021 | 921,000 | / |
| Јули, 2022 | 21.6 милиони | 2245% |
| Август, 2022 | 73.5 милиони | 240% |
Koja е идејата на BeReal?
BeReal бара од корисниците да направат слики во формат со две камери(предна и задна), сѐ со цел да се долови моменталното опкружување на корисникот. Корисниците немаат можност за уредување на сликите или додавање на било какви филтри, со кои би ја “нашминкале” сликата. Дополнително, видеата не се формат на содржина наменет за оваа апликација.
Како се користи BeReal?
Еднаш дневно во случајно време(секој ден е во различно време), корисниците добиваат известување да направат фотографија од нивната тековна активност во рок од две минути и да ја објават на апликацијата. Фотографијата ја прикажува моменталната состојба и околина на корисникот, а тие можат да додадат наслов пред да го споделат со избраната публика (пријатели или сите) и да го зачуваат на својот уред. Меѓутоа, ако се сподели надвор од временската рамка од две минути, другите корисници ќе видат белешка што го покажува тоа. За да ги можат да ги гледаат фотографиите на другите, корисниците мора прво да објават своја фотографија за тој ден.
Откако корисникот ќе објави своја слика за тој ден, тој ќе може да ги гледа сликите на другите и да реагира на истите. Коментирањето е можно, само доколку двајцата корисници се пријатели меѓу себе, а реакцијата е овозможена за секој оној кој може да ја види фотографијата. Секоја фотографија објавена од страна на корисникот, автоматски се архивира, така што корисниците можат да се потсетуваат на своите мемории.
Постојат шест стандардни емоџија за реакција на фотографии, со можност секој корисник да си креира свои емоџија, со свои фотографии.
Политика на приватност
Според политиката на приватност на апликацијата, тие го следат францускиот закон кога обработуваат лични податоци. Бидејќи Франција е членка на ЕУ, корисниците кои користат технологија базирана на ЕУ подлежат на најстрогите светски прописи за лични податоци. Во суштина, BeReal мора да биде транспарентен за типот на податоците што ги собира, како се користат и колку долго се чуваат, а сето тоа е јасно прикажано на директна табела во нивната политика за приватност.
На BeReal нема реклами, па како апликацијата генерира приходи?
Социјалните мрежи, вообичаено најголемиот дел од приходите го генерираат од реклами, но BeReal нема реклами. Апликацијата развиена од Alexis Barreyat и Kevin Perreau моментално не генерира приходи. Финансирана е од инвеститорите Andreessen Horowitz, Accel, DST Global и Kima Ventures. Важно е да се земе во предвид дека социјалните мрежи Instagram и TikTok првин се фокусираа на растот на својата публика, а откако надминаа една милијарда корисници, со забрзано темпо почнаа да ја монетизираат својата база на корисници.
Дали бизнис логиката на BeReal ќе се промени во иднина? Времето ќе покаже…







