Со излегувањето на Diablo 4, hack and slash жанрот се врати на големата врата и секој сака дел од колачот. Арно ама, многу е тешко да се погоди формулата и да се произлезе со квалитетен продукт кој може да стои раме-до-раме со гигантот на Blizzard. Killsquad не може да му го преземе тронот, но е солидна дистракција доколку не можете баш да си го дозволите Diablo 4 или пак сакате научно-фантастичен тејк на целиот жанр.
Во Killsquad фокусот е на брза, адреналинска bullet-hell акција. Сами, или со уште тројца други играчи, уништувате сè што ќе се осмели да се провлече или пролета околу вас. Најсветлата точка во Killsquad се класите со кои можете да играте. Девелоперите Novarama се имаат потрудено да создадат што е можно поуникатни класи, како во изгледот, така и во механиките. Во ниедна друга игра немаме наидено на толку детална и комплексна разработка на класите. Секоја од нив се игра апсолутно различно и ви се даваат одлични можности за преигрување на мапите.
Првите неколку договори (читај: мисии) ги преземавме и извршивме со Cass – смртоносна калуѓерка-воин која користи сечила, шурикени и користи телепортирање за инстантно преминување на далечините и блиски пресметки со непријателите. Потоа, решивме да видиме што сме пропуштиле и пробавме со Zero. Во зависност од класата со која играте, Killsquad драстично се менува и зазема поразлични димензии. Ако Кас беше за сецкање од близина, Zero ja користи секоја прилика да ги стопи непријателите со различни ласери, замки и електромагнетни проектили. Кога работите ќе станат проблематични, Zero е одлична класа за лечење и пружање поддршка.
Иако сите класи се интересни за играње, со едни класи напредувањето е значително полесно, а со други – многу потешко. Па така, со Zero полесно се справувавме со стандарните непријатели и босови, додека со Cass бевме принудени повеќе да тактизираме и да внимаваме како се приближуваме. За полесно напредување помагаат и бројни пасивни и активни способности кои ги отклучувате и надградувате, а тука е и разноврсна опрема која ве прави поискусни на бојното поле. Со преземање на секој договор, ќе добиете информација за природата на непријателите. Ова е особено важно затоа што одредени непријатели се поиздржливи на едни елементи, како огин, а послаби на други, како лед. Различни оружја се одликуваат со различна ранливост и ако навлезете со погрешен елемент, па, очекувајте дека предизвикот ќе е значително поголем!
Killsquad се игра одлично соло, но е значително подобра кога ја играте со вистински лица. Во тие ситуации, акцијата е значително подинамична, непријателите се побројни и попредизвикувачки и се ограбрува одредена меѓусебна соработка и тактизирање, што ги прави работите позабавни. Во суштина, Killsquad нема приказна туку триесетина договори кои ги прифаќате и реализирате на некоја од петте планети. Пред започнување на секој договор би можеле да чуете краток монолог од вашиот контрактор, но потоа е акција, акција и само акција. За жал, на одредени моменти се чувствува лоша избалансираност во поглед на тежината и еден момент работите се премногу лесни, друг момент се сосема ок и под контрола, а трет момент сè е брутално тешко, до тој степен да едноставно не знаете како е можно да извлечете жива глава.
Внимателно избирање опрема знае да помогне, но често немате доволно пари за да купите опрема и оружја кои се на доволно висок левел, или пак немате доволно ресурси за отклучување дополнителни способности преку надградба. Претпоставуваме дека ова е направено со цел да ве „охрабри“ да преигрувате едни исти мисии со други класи и на тој начин да ги соберете потребните ресурси – тактика која не веруваме дека е ценета од помалку трпеливите играчи кои сакаат да претрчат низ мисиите.
На одредени гејмери би можело да им „боде очи“ дизајнот на одредени мапи. Одредени места се шаренолики и интересни, а други имаат имлементирано едноставен дизајн и, на моменти, знаат да оставаат впечаток како да се дизајнирани набрзинка, само колку вештачки да се прошири илузија за разноликост.
Сево ова бледи во споредба со светлите точки, а тоа е разноликоста на класите, оружјата, бројните можности на опремата и, секако, непријателите. Како напредувате низ мапите така се откриваат непријатели со непредвидливи тактики кои првично треба да ги простудирате и соодветно да им се прилагодите. Како огромни фанови на Diablo и слични Hack and Slash акциони RPG игри, Killsquad е игра чија PC верзија ни се подметна под радарот, но особено сме среќни што ја откривме PS верзијата. Играта излезе за PS4 на 20 јули. Се работи за одлично оптимизирана верзија со која се дружевме неброени часови и во ниеден момент немавме проблеми иако, не можеме да разбереме зошто нема PS5 верзија заедно со сите предности кои доаѓаат од повисока резолуција и супериорните контролери.
Доколку и вие сте фанови на H&S игри, тогаш Killsquad е позитивен пример за овој жанр и примамлива лектира, особено доколку поминете низ неа со пријател или два!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Novarama
- Издава: Novarama
- Жанр: лутер шутер, hack and slash, акциона RPG
- Платформа: PlayStation 4, Microsoft Windows,
Оценка
- Вкупна оценка: 7.25
- Приказна: 6
- Гејмплеј: 8
- Графика: 7
- Звук и музика: 8