Зошто да ја играте?
- Авантура преку која ќе читате километри текст
- Впечатливи ликови и уникатни способности
- Инвентивни загатки и солидни платформски можности

Судир на традицијата со технологијата
Threefold Recital обработува настани во богат фантазиски свет. Играјќи со три антропоморфни ликови ќе се најдете во магичен микс од древна и модерна технологија, трудејќи се да преминете бројни препреки и да разрешите длабоки мистерии. Со обработување ориентални филозофии, развојното студио Everscape Games нуди впечатлива приказна полна со скриени слоеви од културни вредности.

Threefold Recital е долга наративна авантура. Поради тоа, бидете спремни на читање бројни дијалози, монолози и внатрешни размислувања на ликовите. Секој од ликови со кои играте е воден од различни културни вредности. Па така, Трајратна e дисциплиниран будистички монах да ја толкува кармата на луѓето и да открие одредени работи за нив. Тајчинг, од друга страна, е свештеник кој специјализира во одредени трансформации, односно користење намирници за да направи предмети. Овој лик можеби не го бива премногу во овој дел, но е особено корисен во навлегување во временски процепи и сведочење минати случки. Како последен лик, Трансеја уметничка со посебна моќ да навлегува во одредени слики и да ги користи истите за да премине одредени просторни пречки. Како второстепена моќ, Трансеја може да го смени нејзиниот изглед и да извлече одредени работи кои не би биле доброволно понудени кога би била во оригиналната форма.

Наративна авантура со платформски можности
Покрај богато наративно искуство, Threefold Recital нуди одредени платформски можности, како и серија од мини игри (дел од мини игрите се поврзани со уникатните способности на ликовите). Со оглед на тоа дека ова е игра во дводимензионално опкружување, ќе можете да се движите лево или десно, да скокате, или да стапувате во интеракција со одредени ликови или предмети.
Играта отвора бројни внимателно изработени, но едноставни цртежи кои алудираат на огромен свет полн со лор. За разбивање на дводимензионалниот впечаток, често ќе наидувате на одредени суптилно анимирани детали, како чад, раздвижени инсекти, немирни сенки и слично. Надвор од мисиите, ќе можете да го украсувате вашиот дом со најразлични предмети, како и да откривате одредени корисни информации за светот и ликовите.
Музиката користи чисти ориентални тонови кои храбро преминуваат во модерни миксови, наметнувајќи несекојдневна, но фантазиска атмосфера.

Солидна авантура
Нема премногу предизвикувачки работи во Threefold Recital 三相奇谈, со што играта слободно се препорачува на сите оние што сакаат да навлезат во невообичаен свет полн со каризматични ликови и невообичаени случки. Но, потребно е да бидете ок со читање. Иако преводот е на исклучително високо ниво, некои работи „звучат“ чудно, губејќи го суштинското значење на одредена мисла.
Желбата да се разговара на секои три-четири направени чекори некако вештачки принудува дијалог само колку да се каже дека има дијалог, оставајќи впечаток на непотребни, наивни реакции кои повеќе би им биле интересни на помладата публика. И, како последна мала забелешка беше суптилното варирање на фрејмови. Како дводимензионална игра со впечатливи, но едноставни дизајни и цртежи, ни беше чудно тоа што фрејмовите често „шетаа“ помеѓу 56 и 60 – на компјутерска конфигурација која никако не е за потценување.
Threefold Recital 三相奇谈 е квалитетна наративна авантура која прави храбри екпериментирања во жанрот. Како резултат, добивате интересна игра со огромна вредност. Иако ние сметаме дека тие 850 денари, колку што чини играта, кријат голема вредност, сепак сме свесни дека ова не е игра во која ќе уживаат сите, особено помалку трпеливата публика. Поради тоа, потрудете се да го проверите првин демото за играта.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Everscape Games
- Издава: indienova
- Жанр: наративна авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 14 јануари 2025







