Во Македонија има талентирани уметници и производители на неверојатни ракотворби кои изработуваат различни предмети, од облека и играчки, до пијалоци. За жал и покрај претходните обиди, досега немаше место кое ќе ги обедини на професионален начин. Платформи како Etsy и Amazon Handmade се достапни глобално, но не и од Македонија. Кај нас купувањето уникатни ракотворби најчесто се сведува на исцрпувачко пребарување низ социјалните мрежи и пораки во инбокс. Vividoshop доаѓа токму за да ја пополни таа празнина. Платформата треба да биде прва локација која нуди модерен е-трговски пристап за македонските креативци, овозможувајќи им да го подигнат својот бренд на повисоко ниво и да станат лесно достапни за секој купувач. Платформата е дело на Маја Трајкова која го искористи своето искуство од работата во различни индустрии за креирање на оваа платформа.
„Корпоративната средина носи структура и сигурност, секогаш ми недостасуваа креативната слобода, флексибилноста и чувството дека директно гледам како мојата работа создава промена. Јас сум личност која сака да изгради нешто што ќе има значење и долгорочна вредност. Vividoshop е резултат на сето тоа, на моето искуство, вредности и желба да придонесам кон заедницата.“, вели Маја.

Со твои зборови, што е Vividoshop?
Vividoshop.com е онлајн платформа и заедница која ги поврзува занаетчиите, креативците, уметниците и малите производители со купувачите.
За продавачите, Vividoshop е место каде што тие добиваат сопствена онлајн продавница за да ги промовираат и продаваат своите производи и да настапуваат на пазарот како сериозни, професионални онлајн бизниси, без потреба сами да градат веб-страница или да се потпираат исклучиво на социјални мрежи.
Од друга страна, за купувачите платформата нуди едноставно и пријатно искуство на купување. Наместо долго пребарување по профили и објави на социјалните медиуми, сите производи од областа на рачна изработка и домашно производство се собрани на едно место, со јасни информации, лесна навигација и онлајн процес на купување.
Што те мотивираше да го креираш „Vividoshop“? Ако мора да го споредиш со светските гиганти како Etsy, каде е сличноста, а каде е уникатноста на твојата платформа?
Vividoshop настана од реална потреба и лично искуство. Често кога сакам да подарам нешто уникатно, се наоѓав во истата ситуација да мора да пребарувам по десетици Instagram профили, разгледувам објави, праќам пораки за достапност, цена, испорака… Процес кој одзема многу време и енергија, и за купувачите и за креаторите. Тогаш си го поставив прашањето: зошто кај нас не постои едно место каде сите овие производи ќе бидат собрани, јасно прикажани и лесно достапни за онлајн купување? Така се роди идејата за Vividoshop.
Кога станува збор за споредба со платформи како Etsy, сличноста е во основниот концепт, онлајн маркетплејс за уникатни и рачно изработени производи. Но, визијата на Vividoshop е поразлична. Уникатноста на платформата допрва ќе се развива и ќе дојде до израз со нејзиниот раст.
Она што нè издвојува уште од самиот почеток е тоа што Vividoshop нуди онлајн простор и за продажба на домашно произведени производи и пијалаци. Ја препознаваме сè поголемата потреба на луѓето да имаат пристап до квалитетна и домашни производи, но и потребата на малите производители да добијат видлив канал за онлајн продажба.

Како настана името и брендот „Vividoshop“?
Како и секој бренд што (треба да) има душа, и Vividoshop има своја приказна. На името и визуелниот идентитет доста време работев, затоа што сакав брендот да ја пренесе суштината на платформата уште при првиот контакт.
Името доаѓа од англиските зборови vivid и vividly, кои значат живописно, разнолико и полно со живот. Тоа директно ја отсликува идејата на платформата, место за уникатни производи, каде што не постојат два исти. Секој производ носи своја приказна, енергија и рачна работа, и токму тоа ја прави платформата посебна.
Во исто време, на македонски јазик, името асоцира и на нешто многу важно, видливост. Vividoshop е место каде креаторите можат да бидат видени.
Логото (пеперутка), симболизира раст и трансформација. Таа го претставува патот на многу креатори и мали производители: од хоби и страст, до сопствен мал бизнис. Дополнително, пеперутката симболизира уникатност, како што не постојат две исти пеперутки, така не постојат ни два исти рачно изработени производи.
И боите имаат своја улога. Примарната виолетова боја ја симболизира реткоста, квалитетот и уникатноста. Историски, оваа боја се сметала за кралска и била исклучително ретка и тешко достапна, што совршено се вклопува со вредностите на Vividoshop.
Идејата за „Vividoshop“ ја имаш три години. Што беше причината која те натера конечно да ја оствариш? Која беше најголемата пречка или страв што те кочеше во тие претходни три години?
Искрено, најголемата пречка беше самата идеја. Визијата за Vividoshop отсекогаш беше многу голема, јасно ја гледав платформата како треба да изгледа и да функционира за 5 – 10 години, но токму тоа ме кочеше. Не знаев од каде да почнам, затоа што во главата ми беше целосната, „финална“ верзија, за која сметав дека бара многу финансиски, човечки и технолошки ресурси.
Почнав од големата слика, а предизвикот беше како таа визија да ја „смалам“ на ниво на кое можам да почнам сама, со ресурсите што ги имам денес. Кога конечно го направив тоа, се појавија нови пречки или подобро кажано, изговори: немам тим, немам доволно финансии, ми треба ИТ поддршка…
Меѓутоа, во тие три години се случи голема промена со развојот на вештачката интелигенција. Сфатив дека со правилна употреба на AI алатки можам самостојно да изградам огромен дел од платформата. И навистина, Vividoshop го создадов целосно сама: од концепт, содржина и структура, до маркетинг и онлајн присуство.
Клучниот момент, сепак, беше личен. Сфатив колку многу време, енергија и посветеност вложувам во градење туѓи соништа, додека мојот стои во фиока. На крајот на 2025 година донесов одлука да дадам отказ од работата со полно работно време и целосно да се посветам на Vividoshop.
Зошто фокус на платформата се баш креативците и малите производители? Што е она што најмногу им недостига на македонските артисти кога станува збор за онлајн продажбата?
Фокусот на Vividoshop се креативците и малите производители затоа што токму тие создаваат автентична вредност, но најчесто немаат соодветен и професионален канал за онлајн продажба.
Не би рекла дека на македонските артисти им недостига видливост, многумина имаат солидно присуство на социјалните мрежи. Но видливоста не е исто што и продажба. Социјалните медиуми се добар канал за инспирација и комуникација, но ретко функционираат како сериозен, структуриран и доверлив продажен канал.
Она што реално им недостига е јасна маркетинг стратегија и централизирано место за продажба. Процесот на нарачување преку пораки, коментари и индивидуални договори одзема многу време, создава конфузија и за купувачите и за продавачите, и често ја кочи самата продажба.
Верувам дека секој професионалец е најдобар во својата примарна област. Креативците и малите производители треба да се фокусираат на тоа што најдобро го знаат, креирањето. Не секој има знаење, време или енергија паралелно да се занимава со маркетинг и продажба.
Токму тука доаѓа Vividoshop, како поддршка во маркетингот и продажбата, за креаторите да можат повеќе да се посветат на својата креативност, нови идеи и квалитет на производите. А тоа, на крајот, резултира со подобро корисничко искуство и за купувачите.

Во објавата на LinkedIn спомена „работа без изговори“. Како изгледаше твоето секојдневие во овој интензивен период на подготовки?
Кога велам „работа без изговори“, мислам на целосна посветеност. Во овој интензивен период работев секој ден, вклучувајќи ги и викендите, од рано наутро до 9 – 10 часот навечер. Во текот на денот постојано менував улоги: во еден момент сум маркетер, потоа „девелопер“, корисничка поддршка, истражувач, AI корисник, дизајнер… сè што беше потребно за да се завршат задачите и да се изгради платформата.
Клучот беше добрата организација и фокусот. Искрено, и самата бев изненадена колку многу може да се постигне кога имаш јасна цел, добра структура и целосен фокус. „Работа без изговори“ за мене значеше дисциплина, истрајност и прифаќање дека во одреден период мораш да дадеш максимум и малку да го „жртвуваш“ социјалниот живот.
Покрај простор за продажба, на кој начин платформата ќе им помогне на малите бизниси да го подигнат својот бренд на повисоко, попрофесионално ниво?
Едукацијата беше составен дел од идејата за Vividoshop уште од самиот почеток. Целта на платформата не е само да им понуди простор за продажба, туку активно да им помогне да го развиваат својот бренд.
Поддршката започнува уште при самиот старт. Преку досегашната работа со креативците кои веќе отворија продавници на платформата, увидов дека еден од најчестите предизвици е како правилно да се претстават производите, од квалитетни фотографии, до јасни, привлечни и продажно ориентирани описи. Затоа воведов мини аудит за секоја продавница и кратки 1-на-1 менторски сесии, каде што директно укажувам што може да се подобри и како.
Во следната фаза, Vividoshop ќе развива едукативни работилници, настани и курсеви, прилагодени на реалните потреби на малите бизниси. На овој начин, платформата не е само продажен канал, туку партнер во растот на малите бизниси.
А за мене, ова е и начин да го споделам моето знаење и искуство во маркетинг и е-трговија и да придонесам креаторите да градат посилни, поодржливи брендови.
Што може да очекуваат купувачите? Какво искуство нуди платформата?
Купувачите на Vividoshop можат да очекуваат поедноставно корисничко искуство. Платформата им овозможува лесно да пребаруваат низ различни категории и да откриваат уникатни производи од рачна изработка и домашно производство, собрани на едно место.
Доколку веќе имаат доверба во одреден продавач, купувачите можат директно да ја посетат неговата онлајн продавница и да купуваат од целата понуда на едно место, без дополнително пребарување.
Со креирање кориснички профил, купувачите добиваат целосен преглед на своите нарачки, статуси и детали, што ја прави целата постапка транспарентна и организирана.
Целта на Vividoshop е купувачите да добијат лесен пристап до автентични производи и позитивно корисничко искуство, знаејќи дека поддржуваат вистински луѓе и мали локални бизниси.
Ако постои, каков е процесот на селекција на производите? Дали постојат одредени критериуми кои еден креативец треба да ги исполни за да стане дел од заедницата на Vividoshop?
Процесот на селекција на производите на Vividoshop е дизајниран да обезбеди автентичност со цел да ги заштити купувачите и да ја одржи уникатноста на платформата.
Прво, проверуваме дали производите се рачно изработени или домашно произведени и дали креаторот е всушност автор на производите. Тоа е основниот критериум, секој производ мора да биде дел од личната креативност на продавачот. Дополнително, постои јасна листа на дозволени и недозволени производи, која е достапна во политиката за продавање на платформата, за да нема недоразбирања.
Не секој производ или продавница веднаш станува активен. Прво се прегледуваат сите апликации и се одобруваат само оние што се во согласност со правилата и целите на Vividoshop.

Што би сметала за успех по првата година од работењето на Vividoshop?
По првата година, би сметала за успех ако успееме да ги имплементираме сите планирани подобрувања на платформата и ако барем половина од стотиците креатори и мали бизниси кои денес продаваат на социјалните медиуми се приклучат на Vividoshop.
Успех ќе биде и ако Vividoshop стане првиот избор на купувачите кога ќе размислуваат за уникатни или домашно произведени производи, да кажат: „Од каде да купам? – Види на Vivido“.
Покрај ова, лично ќе го сметам за голем успех доколку успеам да најдам ко-основач, партнер кој пред се’ ќе верува во визијата која ја имам и со кој ќе можам заедно да ја развиваме платформата.
Кој е твојот совет за сите оние кои во моментов „чуваат идеја во фиока“ и се плашат да го направат првиот чекор?
Секој почеток е страшен. Прашањата „што ако не успеам?“ или „што ако ме осудуваат?“ се нормални и јас ги имав истите. Но со време сфатив дека стравот не исчезнува, само треба да научиш да не го слушаш.
Не чекајте да ја имате целата слика совршено јасна за да започнете. Патот не се гледа до крај уште на почетокот, туку се појавува додека одиш по него. Ресурсите, луѓето и можностите се појавуваат токму тогаш кога ќе тргнеш.
Многу е важно и од кого бараме совет. Не секој ќе ја разбере твојата визија, и тоа е во ред. Но ако слушаш луѓе кои не го гледаат она што ти го гледаш, лесно можат да те обесхрабрат. Наместо тоа, научи да си веруваш себеси и на својата интуиција. Таа секогаш знае, само треба да ѝ дадеме простор, тишина, мир и искрен разговор со самите себе.
И за крај, верувам дека ако една идеја ти се појавила тебе, таа не е случајна. Без разлика дали тоа ќе го наречеме Бог, Универзум или виша сила, идејата ти е дадена со причина. Тоа значи дека ја имаш и способноста да ја реализираш. Па, време е да почнеш :)







