The Lord of the Rings: Return to Moria e вашата стандардна survival игра, сместена во преубавиот универзум на Толкин

Книгите „Господар на прстените“, а потоа и филмовите направија вистински бум во светот на фантазијата и се сметаат за монументални остварувања кои ја издигнаа славата на Толкин на епско ниво. Ни гејмерската индустрија никако не е заобиколена и многу игри се потрудија веродостојно и со забавни механики да ги обработат настаните од книжните, односно филмските остварувања. Покрај квалитетни акциони авантури, стратегии и ММО, на ред дојде да се заплива и во водите на survival жанрот.

Тмурно патешествие

Наспроти нашата првична претпоставка, The Lord of the Rings: Return to Moria започнува во прилично затворен и мрачен биом, нешто што можеби требаше да ни биде јасно и од самото име. Покривајќи настани кои се одвиваат 50 години по настаните од The Lord of the Rings трилогијата, во играта ја започнувате авантурата така што се наоѓате заробени во еден од рудниците на Мориа.

Иако играте со џуџе, опциите за прилагодување на вашиот лик се релативно длабоки и финалниот резултат може пријатно да ве изненади. Штом завршите со ова, потребно е да се префрлите во еден од огромните рудници на Мориа. Интересно е тоа што секој од световите е создаден од вештачката интелигенција, но вашето влијание во светот, дали преку решавање на квестови или собирање ресурси, е сочуван и можете комотно да навлегувате со овој или некој друг лик (откако претходниот ќе го пензионирате), како и да ги поканувате вашите пријатели да ви се приклучат на авантурите.

Истражувај, собирај, гради!

Како огромни фанови на Valheim, особено мило ни беше што препознавме одредени заеднички или суптилно променети механики. Рудниците во Мориа се полни со предизвици и опасностите демнеат од сите страни. Поради тоа потребно е да создавате бази на операција, како и да правите најразлични алатки и станици за процесирање клучни ресурси кои ги собирате низ светот.

Ресурси има за извоз и се наоѓаат на најразлични места, некои од нив очигледни, а некои прилично замаскирани. Па така, покрај собирање штици или железо, можете да цепите дрвја, да разрушувате стари градби или да ги претражувате мртвите тела на непријателите. Со она што ќе го соберете, можете да правите алатки, оклопи, оружје, станици за процесирање материјали, како и да градите најраразлични ѕидови, врати и прозорци.

Градењето е особено важно во ситуации на опсади. Имено, порано или подоцна, вашата база ќе биде под опсада – бранови и бранови орци и гоблини ќе се организираат и ќе пробаат во масовна бројка да го уништат целиот ваш труд, особено насобраните ресурси. Ѕидините кои ќе ги направите ќе им го привлечат вниманието до некаде и ќе ви дадат доволно време да пробате да им ставите крај. Тука доаѓаат на ред битките.

За жал, ова е уште една игра од survival жанрот која страда од исклучително едноставен систем на пресметки, кој се состои од стандарден и посилен напад, како и блокирање и избегнување напади. Поради тoa, најголемата забава произлегува првенствено од истражувањето, пронаоѓање драгоцени ресурси на ретки места и откривање богатства кои можат значително да ви помогнат за вашите идни патешествија.

The Lord of the Rings: Return to Moria е предизвикувачка игра, особено како подлабоко навлегувате низ рудниците. Карактеристично за игри од ваков калибар, секогаш можете да направите поквалитетни алатки, опрема и оружја. За отклучување дополнителни способности, можете да вметнувате руни со кои полесно се справувате со непријателите. Некои руни не се само за зголемување статистички податоци, туку и кријат магични способности кои, пример, предвреме ве известуваат за наближувачки непријатели.

Светлината на крајот на тунелот

Кога ќе се земе се во предвид, The Lord of the Rings: Return to Moria е солидна survival игра. Доколку сте фан на овој жанр, тогаш ќе се чувствувате како да сте дома со играва. Но, дома-како-дома, ако не се прошири со новитети знае да понуди монотоно, па дури и угнетувачко искуство. Обработување на настани, лор, и места од The Lord of the Rings трилогијата резултира со освежително искуство, но механиките кои имаат пуштено корени во сево ова се веќе десетици пати рециклирани до сега. Како што кажавме: забавно, но веќе-видено.

Развојното студио Free Range Games работи макотрпно на исправување багови и балансирање на тежината, а искрено се надеваме и на посодржителни надополнувања кои ќе ја размрдаат познатата формула со преживување.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Free Range Games
  • Издава: North Beach Games
  • Жанр: Survival авантура
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 24 октомври 2023

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments