Студиото Heart Machine, најдобро познато по визуелно впечатливи и предизвикувачки наслови Hyper Light Drifter и Solar Ash, одново се враќа на сцената, посилни од кога било. Во соработка со Devolver Digital, го испорачуват Possessor(s) – нова брза акциона авантура која изобилува со интензивно борбено искуство инспирирано од механиките на платформерски борбени игри.

Приказната во Possessor(s) се врти околу Лука, домаќинот, и Рем, не толку кооперативниот сопатник. Необичното дуо е заробено во карантински мега-град, кој е разорен и поплавен како резултат на мистериозна меѓудимензионална катастрофа. Нивната единствена шанса за преживување лежи во учењето да коегзистираат и да ги комбинираат нивните способности, навлегувајќи, притоа, во средби со плејада на интересни ликови. Секој од ликовите е внимателно сомислен, нудејќи повеќе патеки за откривање на вистината зад нивната лична трагедија.

Голем акцент во Possessor(s) се става на прецизно и брзо движење низ платформски секции, нешто што е мајсторски надополнето со комплексен борбен систем. Ќе мора да балансирате помеѓу земјени и воздушни напади, изведувајќи комбинации и интересна механика за еден вид жонглирање на противниците. Ваквиот тактички пристап се бара во свет кој е исполнет со разновидни непријатели и предизвикувачки босови. За поголема разновидност, вашето напредување отклучува широк арсенал на моќни оружја и надградби. Дел од нив, овозможуваат пристап до претходно недостапни зони.

За исполнување на уникатната визулена визија, Possessor(s) користи комбинација од прекрасно изработени 3D околини, кои служат како мрачна позадина, врз која се истакнуваат рачно цртаните и анимирани ликови. Благодарение на ваков 2.5D пристап, се создава уникатна длабочина и атмосфера на научна-фантастика и хорор. Звучниот дизајн е подеднакво имресивен, одликувајќи се со амбиентален саундтрак кој го нагласува очајот и мистеријата, како и со остри звучни ефекти кои ја прават борбата уште поинтензивна.

Possessor(s) релативно успешно ги спојува најдобрите елементи од претходните дела на Heart Machine – брзата акција на Solar Ash и истражувачкиот дух на Hyper Light Drifter – додека воведува нов, интригантен наратив и еволуиран борбен систем. За љубителите на предизвикувачки акциони игри со длабока приказна и уникатен уметнички стил, овој наслов дефинитивно претставува искуство кое вреди да се разгледа.








