S.T.A.L.K.E.R. 2: Враќање во зоната преку PS5

во гејминг

Пристигнувањето на S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl на конзолата на Sony, точно една година по првично појавување на PC и Xbox, претставува значаен момент за фановите на франшизата, бидејќи она што ќе го најдете во оваа стратеско одложено излегување е исклучително добро и максимално исполиран наслов. PS5 верзијата, која, како што сигурно знаете, произлегува од исклучително турбулентен развоен процес обележан со воени конфликти и геополитички кризи, пристигнува на PlayStation 5 во својата верзија 1.7.

Благодарение на ова, трпеливите фанови на конзолата на Sony автоматски го имаат прескокнатато болниот период на технички несовршености што ги мачеше и PC и Xbox гејмерите. Таа временска дистанца од една година всушност има овозможено трансформација на играта од ветувачки, но технички нестабилен проект, во робустен производ кој успешно го комбинира жанрот на симулација на преживување со елементи на психолошки хорор, притоа задржувајќи ја својата бескомпромисна тежина и одбивноста кон модерните трендови на прекумерно водење на играчот низ наративот.

Од технички аспект, вдомувањето на S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl на хардверот на PlayStation 5 е амбициозен потфат кој, да, резултира со визуелен спектакл, но не е имун на ограничувањата на конзолната архитектура. Користејќи ги напредните технологии Lumen за глобално осветлување и Nanite за геометриски детали, играта создава веродостојна атмосфера на распаѓање и изолација, нешто што е речиси опипливо и во Performance режимот. Кога сме кај ова, мора веднаш да нагласиме дека играта најдобро може да се искуси само во овој режим, дури и да имате PS5 Pro.

Позахтевниот режим вампирски ги цица сите ваши фрејмови, недозволувајќи ви да уживате во играта, особено кога ќе се најдете во густо населените урбани средини или при интензивни пресметки. Згора на ова, треба да се нагласи и дека постојат одредени технички аномалии поврзани со VRR, што, пак, може да предизвика микро-сецкања при брзо движење на камерата. Ова, повторуваме, не е проблем само кај основната, туку и кај про верзијата. За жал, играта бара значително поголема процесорската моќ потребна за симулација на комплексниот свет, нешто што ни двете варијанти на конзолата не можат да го понудат. Но, на перформас, играта е одлична за играње и се забележуваат падови под 60FPS само во одредени, ретки ситуации.

Имерзијата е, без сомневање, најсилниот адут на PS5 верзијата, при што интеграцијата на DualSense контролерот ја игра централната улога. GSC Game World студиото има вложено значителен труд за да ги искористат хаптичките мотори и адаптивните тригери како би исполнувале функција на еден вид сензорни алатки кои пренесуваат информации за состојбата на светот и опремата.

Па така, вие можете физички да ја почувствуваат разликата помеѓу одењето по кршливо стакло и калливо мочуриште, максимално да го искусите механичкиот отпор на оружјето што, за возврат, варира во зависност од неговата истрошеност и калибар. Дополнително, тактилното искуство е надополнето со впечатливиот дизајн на звукот преку Tempest 3D Audio.

Технологијата го трансформира звукот и го издигнува на целосно ново ниво, дозволувајќи ви да го користите како витален инструмент за преживување и акустично да ги лоцирате опасностите во темнината (од далечните истрели на снајперистите до морничавите звуци на мутантите).

Приказната ви дозволува да го водите Скиф – осамен трагач чија лична трагедија го има доведено во длабочините на Зоната. Потребата за личната одмазда брзо се преплетува со пошироките политички и егзистенцијални конфликти на фракциите како Ward и Spark, водејќи ве низ свет кој се протега на импресивни 64 квадратни километри. Сево ова е без видливи вчитувања помеѓу регионите, функционирајќи како динамична сцена каде што приказната се одвива нелинеарно, зависно од вашите морални избори и вашата интеракција со клучните ликови. Системот A-Life 2.0, иако сè уште подложен на повремени грешки при генерирањето на непријателите, успева да создаде илузија на жив екосистем каде што фракциите и фауната водат битки независно од вашето присуство. На овој начин, се создаваат уникатни, нескриптирани моменти кои влијаат на непредвидливоста и тензијата при секоја експедиција.

Механиките на играње во S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl остануваат верни на корените на серијалот, нагласувајќи го преживувањето преку строг менаџмент на ресурсите како храна, лекови против радијација и одржување на опремата. Доколку никогаш не сте го провериле серијалот и навлезете во него очекувајќи дека ќе понуди слично искуство на модерните наслови, тогаш ве очекува шок-два.

Борбата е брутална и тактичка, со реалистична балистика која бара внимателно планирање и употреба на заклони, бидејќи дури и најобичните бандити можат да претставуваат смртоносна закана доколку се потценат.

Со додавањето на поддршка за модови преку платформата mod.io и ветувањето за идна мултиплеер компонента, PS5 верзијата нуди комплетен пакет кој, и покрај високата цена на поединечните едиции, обезбедува стотици часови содржина, но, повторуваме, само за оние кои се подготвени да ги научат суровите правила на Зоната.

S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl на PlayStation 5 е монументално ремек-дело кое успева да ја пренесе атмосферата на изолација и постојана опасност на начин на кој малку други игри можат. И покрај тоа што одредени технички аспекти како VRR имплементацијата и повремените падови на перформансите сè уште бараат внимание од студиото, целокупниот пакет е несомнен триумф на амбицијата, нудејќи прекрасно дизајниран свет. S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl е игра која бара трпение, толеранција кон фрустрација и подготвеност да се учи преку неуспех. Поседувајте вакви квалитети и она што ќе најдете во нејзините длабочини е едно од најнезаборавните и највознемирувачките искуства во оваа генерација на конзоли. Чекањето од една година се чини целосно оправдано за добивање на вака рафиниран и атмосферски богат производ.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk