Од раздвижено коворкинг-кафуле и менторска програма во вид на реално шоу, до раздвижен хакерски простор, стартап заедницата во Македонија не е производ на една голема интервенција. Наместо тоа, таа се развива преку серија мали, одлучни иницијативи кои создаваат конекции, ги прошируваат видиците и ја зајакнуваат следната генерација што ќе го гради технолошкиот и стартап-екосистемот на нацијата.
Заклучно со 2025 година, Македонија е дом на над 500 стартапи, од кои 73 колективно имаат собрано 57,7 милиони долари ризично финансирање или venture funding. Овие бројки ја одразуваат одлучноста на основачите кои помалку се потпираат на формални програми, а повеќе на автентични врски – односно преку вмрежување. Ваквиот напор е и всушност моторот што го движи екосистемот, создавајќи различни идеи и искуства кои прераснуваат во одржливи бизниси.
Но, за да се случи ова вмрежување, потребна е вистинската средина каде што тоа може да се оствари. Коворкинг-просторите и настаните се одличен почеток, но не секогаш се доволни. Клучот е да се негува атмосфера каде што луѓето се дружат за да ги споделат своите искуства, неуспеси и успеси. Оваа магија се случува за време на неформални разговори на кафе, во моментите на соработка што се појавуваат сосема спонтано по некоја презентација (пич) и преку стабилното водство на менторите кои им помагаат на основачите да пловат низ непознати води.
Заедно, овие простори и односи градат основи на еден екосистем кој не е копиран од некое друго место, туку е уникатно македонски – вкоренет во локалниот менталитет, култура и начин на живот.
Поттикнување стартап-револуција
За Сашо Јовановски, сонот отсекогаш бил да поседува кафуле. Но, со текот на годините, неговата визија за неговиот сакан „Среќа Бар“ се издигна далеку над служење кафиња и продавање на брендирани чаши. Сашо првпат го согледува ова додека поминува време со претприемачи и иноватори во „Seavus“, односно во нејзиниот инкубатор. „Кога бев во инкубаторот на Seavus, не ни знаев што е ‘стартап’ или ‘инкубатор’“, се сеќава Сашо. „Таму научив толку многу – а тоа длабоко ме промени и го постави правецот на мојата претприемачка кариера.“

Првите чекори како претприемач биле збир од различни ангажмани, од водење дискотеки до создавање веб-страници како lapaj.mk, платформа во стилот на Groupon. Сепак, времето поминато во инкубаторот на Seavus го научило за тоа каква е моќта на вмрежувањето.
„Не се работеше за програмите, туку за луѓето“, вели тој. „Во тие 500 квадратни метри, ќе седневте на муабет и идеите едноставно течеа. Така ја основавме нашата маркетинг-агенција – а се започна од разните разговори што ги имавме кога пиевме кафе.“
Ова потоа ја поттикнува и трансформацијата на „Среќа Бар“ во коворкинг-центар во 2018 година, сместен на еден од озлогласените бродови од „Скопје 2014“ закотвени на реката Вардар. Но кога започна пандемијата на КОВИД-19, Сашо е принуден да го напушти тој сон.
Сепак, неговата долгорочна амбиција никогаш не згасна, и ова го доведе до создавањето на Startup Club Skopje – простор исполнет со графити каде што фриленсери, основачи и млади претприемачи можат да се поврзат, да работат и да учат.
„Мора да правиш грешки и да направиш неколку чекори назад за да можеш да одиш напред“, вели тој, истакнувајќи како пандемијата го принудила да преиспита сè. „Неуспехот е најдобрата лекција и најголемиот мотиватор за развивање на идеалниот бизнис-модел.“
Денес, Startup Club Skopje е домаќин на натпревари во презентирање на идеи, средби на фриленсери и едукативни настани, давајќи им на новите претприемачи пристап до вистинските информации во вистинско време.

„Секогаш барав луѓе за соработка, истражував како функционираат таквите центри, но мора да го доживееш тоа од прва рака“, објаснува Сашо. „А тоа го правевме во Seavus – делевме кујна, делевме храна и се чувствувавме како дома. Тоа е она што го сакав и за Startup Club Skopje: место каде што младите се чувствуваат како дома, ги запознаваат вистинските луѓе и ги добиваат вистинските идеи.“
Неговата следна цел е да отвори слични клубови во други градови, ширејќи го знаењето и негувајќи нова генерација претприемачи. Како што вели тој: „Стартапите создаваат стартапи, а искуството на некој што веќе го поминал тој пат е бесценето.“
Дополнително, Сашо исто така смета дека иако има достапен инвестициски капитал и бизнис-ангели, на екосистемот сè уште му е потребна подобра инфраструктура за тој проток на финансии да биде поефективен. Затоа, тимот на Startup Club Skopje сега организира конференција наречена Startup Revolution Summit во ноември – настан кој има за цел да создаде нешто значајно што потекнува од Македонија и придонесува за екосистемот како на локално ниво, така и низ Европа.
„Веќе правиме вистинска разлика“, нагласува Сашо. „Кога програмерите и ИТ-компаниите ќе се поврзат со вистинските луѓе, тие создаваат нови идеи и иновации. Така се случува вистинскиот придонес. Бизнис-климата е тука; а на новите генерации им треба само вистинско лидерство од искусни луѓе.“
Реално шоу со реално влијание
Сања Митровска, основач и извршен директор на The Founder Games, рано сфати дека градењето стартап-екосистем бара промена на фокусот – во нејзиниот случај,од едноставно поврзување на стартапи со инвеститори, кон нивна подготовка да бидат подготвени да добијат инвестиција.
Нејзиниот сопствен стартап, Networker, еволуираше од платформа за поврзување со инвеститори во venture studio кое гради стартапи од темел. Тоа им помага на основачите да ги валидираат своите идеи, да ги усовршат своите производи и да го развијат менталитетот потребен за успех на глобалните пазари.

„Networker е основан пред шест години“, вели Сања. „Тогаш мислевме дека најтешкиот дел ќе биде поврзувањето на инвеститорите со стартапите. Но, во првите три месеци сфативме дека си го губиме времето. Се покажа дека нашиот стартап-екосистем има доволно пари, но нема идеи подготвени за инвестирање.“
Тоа сознание го наведе Networker да стане venture студио. Користејќи ја методологијата Design Sprint на Google, тимот им помага на основачите да ги претворат идеите во валидирани прототипови за само пет дена. „Во тие пет дена, производот целосно се менува“, објаснува таа. „Тоа е клучот за успехот на еден стартап – самиот да сфатиш што треба да промениш во твојот производ за да ги решиш проблемите на корисниците.“
Највидливиот дел од оваа мисија е The Founder Games, реално шоу и акцелератор што се одржува низ регионот, од Полска до Турција. Сега работи со над 40 стартапи и зад себе има две сезони, од кои секоја ги прикажува патешествијата на локални и меѓународни основачи.

„Во првата сезона, во која учествуваа само македонски стартапи, сакавме да видиме кои основачи имаат не само производи, туку и способност да учат и да слушаат“, вели Сања. „Забавниот аспект помага да се инспирираат нови и идни претприемачи, како кај нас, така и во регионот, да продолжат по овој пат.“
Но, целта на шоуто е подлабока. „Стартапите не се само да се има идеја“, додава таа. „Фондот за иновации и технолошки развој ја популаризираше стартап-културата во земјата, но исто така испрати и една порака дека секој може да има стартап. Копирањето идеи од Србија можеби функционира некое време, но само по себе не е доволно. Сакаме овој тип на претприемништво да се сфати сериозно.“
За Сања, создавањето успешни примери од локалната заедница бара време. „Мене лично ми недостасуваа такви примери и меѓународни врски – не само со инвеститори, туку со вистинските луѓе кои би можеле да ми отворат врати. Не е сè до парите; се работи за запознавање на вистинските луѓе во индустријата.“
Нејзината следна цел е да изгради кредибилна мрежа на ментори и партнери низ регионот и на крајот да лансира инвестициски фонд. „Ова го градиме од темел“, вели таа. „Да имаме сопствен инвестициски фонд ќе биде природниот следен чекор.“
Хакерскиот дом на ИТ-заедницата
Освен на основачите, и на самата ИТ-заедница ѝ треба место за растење. Тоа место е Base42 – единствениот хакерски простор во Македонија, кој го поддржува секој аспект на локалната ИТ-сцена. Потеклото на Base42 е приказна сама по себе. Сè започна кога тимот на софтверската компанија CodeChem од Скопје се откажа од користењето на својата стрмна гаража за паркирање по премногу изгребани ретровизори. Наместо да ја остават неискористена, тие ја претворија во креативен центар за разните ИТ ентузијасти.
Денес, просторот обединува различни групи и иницијативи: BeerJS, PyData, AWS Macedonia, CyberSecurity – Beyond The Machines, UXplore, PHP Skopje, Angular Macedonia, „Донирај компјутер“ и гејмерски колективи како DnD и Pagoda.

Идејата за Base42 постоела со години, добивајќи на сила за време на пандемијата на КОВИД-19 благодарение на група инженери кои живеат и дишат технологија. Изграден врз волонтерски напор, тој продолжува да се развива како што се појавуваат нови идеи, објаснува менаџерката на заедницата, Павлина Бучевска.
„Заедниците се живи организми – тие постојано се формираат и менуваат, а истото важи и за Base42“, вели Павлина, додавајќи дека овие луѓе се движечката сила што го обликува просторот. „Тој им припаѓа ним.“
Изминатата година, Base42 беше домаќин на големи настани како What The Stack, UXplore и Global Azure Day, со голема посетеност што докажува колку се потребни овие иницијативи. Просторот беше домаќин на сè, од месечни средби и хакатони до неформални сесии за споделување знаење.
Тој е исто така дом на многу проекти со отворен код (open-source), обезбедувајќи алатки како серверски рек, 3Д-печатачи и микроконтролери, овозможувајќи им на луѓето да истражуваат и учат без да треба да инвестираат во сопствена опрема.
Размислувајќи за подлабокото значење на заедницата во технологијата, Павлина исто така сака да ја промени вообичаената перцепција за ИТ како изолирана професија.

„Иако ИТ во последниве години се поврзува со индивидуализам и самостојна работа зад компјутер, личниот и општествениот раст се случуваат само кога постои чувство на припадност – кога луѓето си помагаат и се поддржуваат едни со други“, вели таа. „Само тогаш можеме да развиеме одлични инженери и претприемачи, што води до успех за целата индустрија.“
Гледајќи напред, Base42 планира повеќе средби за развој на игри, проширување на своите алатки за електроника и претстојната конференција What The Stack во септември, на која ќе учествуваат десетици говорници.
„Соработката е од суштинско значење“, додава Павлина. „Base42 е секогаш отворен за нови луѓе, заедници и партнерски компании. Секој што се чувствува поврзан со нашиот концепт е добредојден.“
Иднината не изгледа како Силиконската долина
Стартап-иднината на Македонија нема да изгледа како онаа на Силициумската долина – ниту пак има потреба за такво нешто.
Таа ќе изгледа како масите во „Среќа Бар“, на кои има лаптопи и чаши еспресо, каде што идеите течат слободно како што тече кафето од кафематите во локалот. Ќе изгледа како рефлекторите на The Founder Games, кои светат на основачите додека тие ги презентираат своите идеи пред инвеститорите, колегите и менторите. Ќе изгледа како клупите за лемење во Base42, каде што програмерите се учат едни со други до доцна во ноќта.

На овој начин, екосистемот ќе го одразува духот на заедницата во земјата: мали простори исполнети со големи идеи, водени од луѓе кои решаваат проблеми со кои се соочуваат секој ден. Неговата сила нема да доаѓа од вреднување на компании во милијарди долари, туку од создавање можности што го задржуваат локалниот талент овде, додека истовремено го поврзуваат со светот.
Оригиналната статија е објавена на веб-страницата на Swiss EP.







