Регионалните ангел-инвеститори од Zephyr го бележат својот прв exit преку Veli, финансиско-технолошка компанија која развиваше решенија за управување со крипто-инвестициски портфолија и инвестициска инфраструктура.

Членови на Zephyr Angels беа меѓу раните инвеститори во Veli, поддржувајќи ја компанијата во фаза кога најважни беа тимот, чувството за производ и пазар, и потенцијалот за европска релевантност. Дел од инвестицијата беше структуриран преку Zephyr Equity, посебна инвестициска структура (SPV) за здружено ангел-инвестирање, поврзана со регионалната мрежа Zephyr Angels. Структурата е управувана од Гого Рафајловски, директор на Zephyr Equity.
Данската компанија Penning објави дека го презема бизнисот на Veli за управување со инвестициски портфолија и го лансира Penning Wealth, нова понуда во рамки на европска платформа за дигитални средства регулирана според MiCA. Според јавните објави, постојните европски клиенти на Veli ќе бидат мигрирани кон Penning Wealth до крајот на јуни 2026 година, со континуитет на производите, порталот за финансиски советници и корисничкото искуство.
„Ова е нашиот прв exit milestone. Не холивудски, не едноставен и не линеарен – туку вистинска стартап приказна. Таквите процеси најчесто се технички, преговарачки и комплексни, но токму затоа се вредни,“ изјави Игор Мишевски, ангел-инвеститор.
Според Мишевски, значењето на оваа трансакција не е само во самиот milestone, туку и во развојот на основачите и довербата што се гради низ целиот процес.

„Veli беше рана инвестициска приказна во која верувавме поради тимот, чувството за производ и пазар, и амбицијата. Првиот чек беше верба. Продолжувањето на поддршката е доказ. Затоа особено ни е драго што продолжуваме да ги поддржуваме Стеван Радоњанин и Марко Селаковиќ во развојот на основната идеја зад Veli – крипто индексни производи како Index-as-a-Service платформа преку Abund,“ додаде Мишевски.
Гого Рафајловски, управен директор на Zephyr Equity, истакна дека оваа трансакција е важна потврда за моделот на здружено ангел-инвестирање во регионот.
„Ова е мал, но важен доказ дека регионалниот капитал може да поддржи основачи во рана фаза и да стигне до конкретен инвестициски резултат. За нас, најважно е што не се работи само за една трансакција, туку за градење доверба меѓу основачи и инвеститори. Кога тимот покажува зрелост, издржливост и способност да создаде вредност, природно е да продолжиме да го поддржуваме и во следниот потфат,“ изјави Гого Рафајловски.
Veli беше развиена како платформа за долгорочно крипто-инвестирање и алатки за финансиски советници, со фокус на инвеститори кои сакаат структурирана изложеност кон дигитални средства, наместо краткорочно тргување. Со интеграцијата во Penning Wealth, овој дел од бизнисот добива посилен регулиран европски дом и можност за понатамошен развој во рамки на платформа регулирана според MiCA.
„Ова е пример како се гради стартап екосистем – не само преку конференции и панели, туку преку рани инвестиции, трпение, ризик, учење и повторна поддршка на основачи кои покажале дека знаат да градат,“ истакнува Мишевски.







