На интернет може да пронајдете куп корисни онлајн алатки, всушност пронаоѓањето на добра листа и на добри алатки бара многу тестирање, проверка на сите и не баш секој го има времето за тоа. Од таа причина, листи направени од луѓе кои решиле да ги истестираат алатките или имаат долгогодишно искуство во полето се доста значајни и корисни.
Оваа листа на топ 10 онлајн алатки за продуктивност е всушност листа креирана од Заин Кан, претприемач, инвеститор, советник и креатор. Листа ја сподели на својот Twitter профил со наслов „10 бесплатни веб-страници кои се толку корисни што се чини дека е илегално да ги знаете…“.
1. TinyWOW
TinyWOW е веб-страницa на која може да пронајдете различни алатки за манипулации со слики, PDF, видео, и некои фајлови, своевидна бесплатна верзија на Acrobat Reader Pro и Photoshop.

Платформата овозможува едноставно зголемување на резолуција на сликите; бришење на позадина; изострување и заматување на слика; конверзија од еден во друг формат; отсекување на дел од слика, и слично. За корисниците на кои им е потребна конверзија од слика во текст, алатката може да препознае текст од слика и да го претвори во текст. Препознавањето на текст зависи од квалитетот на сликата, и ако вие имате проблеми да го прочитате текстот веројатно препознавањето на текстот нема да работи како што треба. За слики со подобар квалитет, можеби ќе биде потребно да направите некои поправки, но генерално работи ок.
Корисникот може и да креира и да уредува PDF фајлови. Слично како и кај сликите корисникот ќе може да направи конверзија од и во PDF. Поддржани формати се различни, од текст, Excel и JPG, па се до MOBI и Powerpoint. Дополнително може да се извадат слики или текст од PDF фајловите.
За дел од корисниците ќе бидат поинтересни конверзиите од еден во друг вид фајлови. TinyWOW овозможува креирање на XML од JSON, JSON од XML, XML во CSV или Excel и слично.
2. Jenni AI
Jenni AI е алатка базирана на вештачка интелигенција која треба да им помогне на луѓето кои често пишуваат. Корисникот започнува да пишува, а Jenni AI нуди сугестии како да ја заврши реченицата. Дополнително вештачката интелигенција може да пишува и цели реченици, иако без контрола и уредување текстот почнува да делува сомнително по неколку параграфи.

Алатката може да креира различни текстови, и во зависност од потребата има неколку различни тонови кои може да ги користи. Предефинирани се блог, професионален, академски и уште неколку. Разликата помеѓу различните стилови е тешко да се забележи за краткото време во кое ја тестиравме Jenni.
Користењето на Jenni AI за пишување на македонски не доаѓа предвид. Алатката може да се користи на кирилица, но уште во првата реченица го препознава јазикот како руски и продолжува натаму. Ова веројатно беше за очекување со оглед на тоа дека вештачката интелигенција не може да функционира без соодветен тренинг.
Секако ако пишувате текстови на англиски, Jenni AI може да биде супер корисна алатка.
3. Temp-mail
Во време во кое речиси секој сервис, алатка и веб-страница, за регистрација ни ја бараат имејл адресата Temp-mail е супер корисен сервис. Алатката не само што ќе спречи спам пошта и тон маркетинг мејлови, туку може да биде корисна и за поголема безбедност.

Сервисот креира времена имејл адреса која може да се користи за регистрација и како потврда при оваа регистрација. Адресата е краткотрајна и не мора да помните ништо за неа, а со тоа вистинската пошта ќе остане чиста и безбедна.
4. QuillBot
За жал QuillBot е уште една алатка која нема да ви биде корисна ако не ви се потребни текстови на англиски јазик. Алатката функционира исклучиво за американски, британски и австралиски англиски, и практично е бескорисна на другите јазици.

Ако јазикот не ви е проблем QuillBot e супер корисен. Алатката може да се користи за парафразирање на постоечки текст, проверка за плагијат и резимирање на текстови. QuillBot е помалку контроверзен во универзитетите, бидејќи им помага на учениците да креираат и да скријат плагијати.
5. Loom
Loom е уште една одлична алатка за сите на кои им треба да комбинираат видео од екран со видео од камера. Ова е одличен начин корисниците полесно и подобро да објаснат нешто говорејќи и покажувајќи ги акциите на екранот.

Алатката е супер едноставна за користење и може да се преземе како апликација или како екстензија за Chrome.
6. Otter AI
За жал Otter AI е уште една алатка која е покорисна за оние кои работат исклучиво на англиски. Алатката овозможува автоматска транскрипција на говор. Otter овозможува креирање на белешки од состаноци. Корисниците потоа можат да се навратат на овие информации да ги доуредат да одбележат некој поважен дел и да ги споделат овие податоци за подобра колаборација. Во бесплатниот модел Otter AI нуди транскрипција на 600 минути разговор, најмногу 30 минути транскрипција од разговор.

7, Pexels
Pexel е платформа за преземање на квалитетни сток фотографии и илустрации. Вакви платформи има повеќе и веројатно било која ќе заврши работа за преземање слики за вашите проекти, Заин Кан во 10 супер корисни алатки ја одбра оваа.

8, Removebg
Removebg е онлајн алатка која овозможува отстранување на позадина од сликите. Ова понекогаш е само делумно точно, и ако ја користите ќе мора да се навикнете дека некој пат ќе мора рачно да добришете делови од позадината. Истата функционалност ја има и TinyWOW, но Removebg е специјализирана и подобро ја препознава позадината. Користењето е супер едноставно само качувате слика, чекате кратко време да биде обработена, и ја преземате сликата без позадина.

9, Convertio – File Converter
Convertio како што може да се насети од името може да направи конверзија на различни фајлови од еден во друг тип. Алатката поддржува над 300 различни видови фајлови. Користењето е едноставно, корисникот го качува фајлот одбира екстензија и за некоја минута може да го преземе новиот фајл.

10, Microcopy
Microcopy е онлајн алатка која е своевидна база на наслови и слогани кои се достапни за посетителите. Речениците се достапни и презентирани на страницата, а ако ве мрзи да ги препишете дури е достапно и копче кое овозможува копирање на текстот. Microcopy е малку покорисен за користење на англиски, ама секако може да ги преведете речениците за сопствени потреби.








