Почнувајќи од денеска Apple најави промени во App Store и компанијата ќе овозможи алтернативни методи за плаќање за апликациите во САД.
Компанијата ќе промени дел од условите за популарната продавница за апликации, за да биде во согласност со одлуката која судот ја донесе во спорот со Epic Games. Одлуката на судот е од септември 2021 година, но тогаш Apple доби дозвола за нејзино одлагање.
Apple ќе овозможи додавање на копче во апликациите за алтернативни сервиси за плаќање за корисниците од САД. Девелоперите ќе може да додадат копче кое ќе ги насочи корисниците на веб-сервис во кој ќе внесат информации за плаќање. Ова не значи дека Apple ќе им ја олесни работата на девелоперите. Плаќањето не може да биде во pop-up прозорец во апликацијата, ниту може да има повеќе копчиња. Линкот за алтернативни системи за плаќање може да постои само на една локација во апликацијата и не може да биде искористен нигде надвор од оваа страница. Откако корисникот ќе го отвори линкот, ќе биде предупреден за потенцијалните опасности.
„На Apple, неговите вработени, лице во активен договор со Apple, или учество во Apple, трајно им се забранува да ги спречуваат развивачите во додавање во нивните апликации и метаподатоци на: копчиња , надворешни линкови или повици за акција што ги насочуваат клиентите кон механизми за купување (покрај купувањето во апликацијата); и комуникација со корисниците преку контакти добиени доброволно од корисниците преку регистрација на сметка во апликацијата“, ова е дел од судската одлука која се однесува на алтернативите за плаќање во апликациите на App Store.“, вели судската одлука од 2021 година.
За жал, ова не значи ниту дека цените ќе се намалат, ниту дека девелоперите ќе заработат повеќе. Apple и натаму ќе собира провизија од апликациите кои не го користат неговиот систем за наплата. Девелоперите кои се дел од Small Business програмата на App Store ќе плаќаат 12 отсто, а сите останати 27 отсто провизија. Провизијата се однесува на сите плаќања 7 дена откако корисникот ќе го отвори линкот кој води кон веб-страницата. Ако компанијата се посомнева дека развивачите на апликацијата не се чесни, може да преземе повеќе чекори. Најригорозна казна е отстранување од App Store.
Очекувано ова воопшто не им се допадна во Epic Games. Тим Свини веќе ги обвини за недобронамерност и забележа неколку проблеми. Главниот, секако е висината на „Apple данокот“, што директно влијае на конкуренцијата. Тука се сите дополнителни пречки кои ги додава Apple, на пример дополнителни неудобности при плаќањето, и предупредувањата кои ги заплашуваат корисниците. Свини веќе најави тужба пред Окружниот суд.
На средината на декември Epic го доби судскиот спор со Google кој се однесуваше на високите провизии на Google Play.







