ANTRO е амбициозна и крајно уникатна игра која е создадена од новото студио Gatera Studio од Барселона. Играта претставува амбициозен спој на повеќе жанрови: 2.5D акција, платформер, загатки и, најважно од сè, ритам. Дејството е сместено во дистописки подземен град под рушевините на Барселона, каде што уметноста и музиката се забранети, а вие ја презема улогата на доставувачот Нитч, кој несвесно станува долго-очекуваната искра на револуцијата.

Приказната на ANTRO нè носи во мрачна иднина по глобален колапс, каде што преживеаните се принудени да живеат во огромен подземен град. Ова ново општество е под безмилосна контрола на корпорацијата La Cúpula, која воведува тоталитарен режим заснован на технолошка продукција и целосна контрола. Во овој свет, секој облик на индивидуално изразување, особено уметноста и музиката, е строго забранет.

Во срцето на овој угнетувачки систем се раѓа движење на отпорот наречено Los Discordantes. Тие ја користат токму забранетата музика како оружје и симбол на бунтот. Главниот лик, Нитч, на почетокот е само циничен доставувач од најниските слоеви на општеството, но неговата задача да достави мистериозен пакет го втурнува во центарот на револуционерните случувања. Иако наративот ги обработува познатите теми на борба против авторитарен режим, тој е збогатен со силни метафори за цензура, социјална правда и моќта на уметноста како двигател на промени. Сите овие елементи се умешно имплементирани со забавните гејмплеј механики, нудејќи освежителен коктел полн со можности за впечатливо искуство.

Гејмплеј управуван од музиката
Она што ја издвојува ANTRO од другите игри е нејзиниот, таканаречен music-first пристап. Наместо музиката да биде само позадина, таа е фундаментален дел од гејмплејот. Секоја акција, скок, удар, па дури и движењето на околината, се синхронизирани со динамичната саундтрак, составена од хип-хоп, R&B, електронска музика и други урбани жанрови. Вие едноставно мора да го следите ритамот за да напредува низ нивоата, да решавате загатки и да ги совладувате непријателите.
Овој механизам ја претвора играта во интерактивно музичко видео, каде што прецизноста и тајмингот се клучни. Сепак, иако концептот е брилијантен, има шанси да бидете благо исфрустрирани од одредени технички недостатоци, како што се повремени проблеми со контролите и непрецизни hitbox полиња. Но, имајте во предвид дека играта е дизајнирана да биде предизвикувачка и бара од вас да учите преку обиди и грешки. И покрај ова, би можеле да се разочарате откако ќе видите колку е кратка играта и дека забавата завршува по само двочасовно дружење. Штета, навистина. Концептите се одлично разработени и посакувавме играта да трае подолго.

Визуелниот стил на играта е опишан како бруталистички, со темна и клаустрофобична атмосфера инспирирана од индустрискиот дизајн и графити културата. Палетата на бои е намерно ограничена на сиви, кафеави и жолти тонови, што го засилува чувството на свет без радост. И покрај тоа, визуелните ефекти се креативни, со елементи кои пулсираат во ритамот на музиката.
Сепак, најголемиот адут на играта е нејзиниот оригинален саундтрак, создаден од талентирани шпански артисти. Музиката е опишана од многумина како исклучително квалитетна и емотивна, совршено доловувајќи го бунтовничкиот дух на приказната. Дефинитивно ќе сакате да го преслушувате саундтракот долго откако ќе завршите со самата игра.

ANTRO е храбар и уметнички амбициозен проект што нуди нешто навистина свежо. Нејзината најголема сила лежи во иновативната интеграција на музиката во гејмплејот и моќната тематска порака. Иако страда од недостатоци како кратка должина и одредени технички проблеми, таа успева да остави силен впечаток. Но, доколку барате бараат кратко, но интензивно и значајно искуство, каде што уметноста и ритамот го имаат главниот збор, тогаш ова е игра која би требало да ја проверите.











