Интервју за тоа како Sparrow Night ја изградија уникатната News Tower

News Tower е длабока економска симулација која мајсторски спојува комплексни наративни избори. Доколку ѝ пружите шанса на играта на независното студио Sparrow Night, ќе навлезете во турбулентните 1930-ти години во Њујорк и ќе изградите сопствена медиумска империја од нула.

По успешниот период во раниот пристап на Steam, тимот се подготвува за официјалното издание на верзијата 1.0 во ноември 2025. За да дознаеме повеќе за инспирацијата, предизвиците во дизајнот и иднината на играта, разговаравме со Јан-Мартен Нахтегелер (Jan-Maarten Nachtegeller), креативниот директор во Sparrow Night.

Инспирација од златната ера на печатот

Запрашан зошто го избрале токму овој бурен период од американската историја, Нахтегелер открива дека главната инспирација дошла од неочекуван извор.

„Мислам дека главниот извор на инспирација зад основниот концепт на ‘News Tower’ беше еден напис од 2017 година за методите на печатење во The New York Times во 1930-тите и 40-тите години“, објаснува тој. „Написот детално ги опишуваше машините што се користеле и улогата на секој вработен. Како љубител на тајкун жанрот, концептот за водење и градење весник од 1930-тите навистина ми се истакна. Особено машината Линотип ‘врескаше’ да биде дел од тајкун игра. Производството на весници во тоа време навистина беше на својот врв.“

Тимот брзо сфатил дека целата деценија нуди богата подлога за наратив. „1930-тите беа една од најважните децении во историјата на САД, мешајќи внатрешна и меѓународна политика, големи социјални проблеми со мафијата, прохибицијата и крајот на една од најдлабоките економски кризи.“

Како други големи инспирации, Нахтегелер ги наведува филмот The Post, како и игрите This Is the Police, Frostpunk и Yes, Your Grace, од кои ја црпеле идејата за комбинирање на силен менаџмент со влијателни избори кои ги одразуваат уредничките притисоци од тоа време.

Градење на кулата: предизвик за архитектите

Еден од централните механики во играта е буквалното градење на облакодер, кат по кат. Дизајнирањето на овој систем за да биде истовремено предизвикувачки и креативно наградувачки, било клучно.

„Целиот процес се врти околу итерација на основната структура, производната линија на весникот: Напис → Уредување → Слагање (Compositing), со работни станици поставени блиску една до друга“, вели Нахтегелер. „Штом оваа основна архитектура е воспоставена, можеме да воведеме варијации што се поврзуваат со неа: фотографијата ги менува првите два чекора, додека пневматските цевки ја намалуваат потребата од блиски работни станици.“

Овој пристап им овозможил да додаваат нови предизвици за распоред без да го нарушат текот на производството. За да им дадат на играчите поголема контрола, тимот додал декорации, бонуси, особини на вработените и доделување катови. „Од таму, балансирањето станува најтешкиот дел од секоја тајкун игра. Затоа и одлучивме да лансираме во ‘Early Access’, за да собереме повратни информации од играчите и да ја издадеме најдобрата можна верзија.“

Балансирање на уредничката линија

Можеби најкомплексниот предизвик за дизајн, според Нахтегелер, бил системот на „уредничка линија“. Како да се направат изборите на играчот да се чувствуваат значајни—влијаејќи врз фракциите и перцепцијата на јавноста—без системот да стане премногу комплициран?

„Кога првпат ја објавивме играта во ‘Early Access’, единствениот одржлив начин да се успее беше со производство на весник со висока продажба и што е можно повеќе ‘ознаки за златна приказна’“, признава тој. „Но, отсекогаш ни се допаѓаше едноставноста на системот со комбо-ознаки и не сакавме да го претрупуваме. Затоа го воведовме мерачот на перцепција и календарот за награди како дополнителен слој, додека страниците на весникот ги одржувавме чисти.“

Овој систем им овозможува на играчите да заземат информативен, умерен или сензационалистички пристап. Одржувањето конзистентна уредничка насока со текот на времето отклучува специјални правила што носат бонуси за продажба, симулирајќи успех кај лојалната публика, додека сè уште им остава доволно слобода на играчите да го променат својот пат без да се соочат со премногу тешки последици.

Жива редакција со 24 улоги

Со над 20 уникатни работни улоги, балансирањето на вештините, потребите и особините на персоналот било огромен предизвик. „Да се има 24 уникатни работни места не беше премногу тешко, бидејќи секое беше поврзано со специфични улоги и работни станици“, вели Нахтегелер.

„Вистинскиот предизвик лежеше во балансирањето на секоја особина за да се најде вистинската средина помеѓу особините на личноста и особините за учење, осигурувајќи дека тие имаат реален импакт без да станат премногу моќни (overpowered).“ Ова е нешто што тимот ќе продолжи да го следи, бидејќи играчите секогаш наоѓаат нови креативни начини за комбинирање на распоредот и особините. „Нашата цел е ниедна особина или распоред да не стане ‘единствениот начин за играње’, додека сепак дозволуваме некои комбинации да се чувствуваат моќни кога ќе се откријат. Сакаме редакцијата да се чувствува жива, место полно со вистински, несовршени луѓе кои трчаат наоколу обидувајќи се да го направат следното издание подобро од претходното.“

Што доаѓа во верзија 1.0?

Како што се наближува целосната верзија, Нахтегелер е најисполнет за новиот систем на фракции. Во „Early Access“, играчите можеле да добиваат задачи од градоначалникот, мафијата или високото општество, но тие немале голем долгорочен импакт.

„Со новиот систем, секоја фракција сега има значајни, влијателни задачи со мерач на доверба што води кон награди. На пример, ако ја заработите довербата на мафијата, ќе отклучите казина и слот-машини за вашите вработени. Има повеќе приказна, повеќе позадина и позначајни одлуки, бидејќи сојузништвото со една фракција ќе ги блокира односите со нејзините ривали. И секако, конкурентските весници носат нов кул аспект во играта.“

Покрај тоа, едно од најголемите изненадувања од „Early Access“ било барањето за „бесконечен режим“ (endless mode). „Играчите едноставно не сакаа да престанат да играат… Секогаш мислевме дека луѓето ќе сакаат јасен крај на искуството, но некои играчи само сакаат да продолжат и беа многу гласни за тоа, хаха.“

Совети за инди-програмерите

Врз основа на долгото патување со „News Tower“, кое започнало во 2019 година, Нахтегелер има два клучни совети за инди-програмерите кои почнуваат со својата прва тајкун или менаџмент игра:

  1. „Имајте цврста, едноставна gameplay loop на која можете да се потпрете, а потоа градете повеќе содржина околу неа.“
  2. „Проценете го вашиот временски рок за продукција, а потоа дуплирајте го за да биде реален.“

„Почнавме да ја развиваме ‘News Tower’ во 2019 година, планирајќи да го објавиме ‘Early Access’ во 2021-2022. Наместо тоа, го објавивме во 2024, а верзијата 1.0 доаѓа во ноември 2025. Беше долго, но многу наградувачко патување.“

За одржување на проектот, тимот користел комбинација од состаноци за клучните фази (milestone meetings) со целиот тим (вклучувајќи го и издавачот, Twin Sails) и лесна употреба на алатки како Jira и Trello. Но, најискрено, Нахтегелер ја истакнува заедницата како клучна алатка.

„Нашиот ‘Early Access’ фидбек од заедницата на Discord и Steam форумите ја обликуваше ‘News Tower’ повеќе отколку која било алатка во енџинот. Слушајте, итерирајте и останете скромни.“

Каква игра е News Tower?

Како што сигурно заклучивте и од самото интервју, News Tower ве носи во хаотичниот, но возбудлив Њујорк во 1930-тите години. Ваквата тајкун менаџмент игра, ви дозволува да ја преземете улогата на уредник со цел да изградите сопствена новинска куќа од темел, неметнуваќи ви обврска да водите компанија низ бурниот период на големата депресија и да се справувате со тензиите пред Втората светска војна.

Во News Tower, започнувате со празен простор и сами го дизајнирате распоредот на вашата редакција. Како што весникот расте, така отклучувате нови катови и додавате клучна опрема – од станици за печатење и бироа за составување, па сè до правен оддел за контрола на штети. Паметниот распоред на елементите, како лифтови и пневматски цевки, директно влијае врз ефикасноста на тимот. Исто така, мора да се грижите и за моралот на вработените со додавање апарати за кафе, постери и неопходните канцелариски растенија.

Управувањето со тимот е од суштинско значење во News Tower. Ќе ангажирате повеќе од 30 различни типови вработени, вклучувајќи репортери, фотографи, па дури и продавачи на огласи, секој со свои вештини и потреби како глад и фокус. Секоја недела носи нов рок за неделното издание. Ќе мора да им доделувате приказни на вашите новинари, да го изберете уредничкиот пристап (криминал, политика, спорт) и да одлучите дали ќе се стремите кон углед со добро истражени статии или кон поголема публика со сензационални наслови.

Секој ваш избор влијае врз перцепцијата на јавноста, продажбата и може да доведе до тужби или дури и, ахем, пријателски посети од мафијата. Ќе мора да балансирате помеѓу четири главни фракции во градот – градоначалникот, мафијата, војската и високото општество – кои ќе ви нудат сомнителни договори за да ги протуркаат своите агенди. Додека го ширите весникот низ квартовите на Њујорк, од Харлем до Вол Стрит, ќе се соочите и со два агресивни ривали кои ќе се обидат да ви ги украдат најжешките приказни.

Нема никакво сомневање дека News Tower е длабока и комплексна симулација. Чедото на
Sparrow Night успешно го комбинира деталниот микро-менаџмент во зградата и со вработените паралелно со стратегискиот притисок на новинарската професија. Сместувањето во 1930-тите и вклучувањето на политички фракции додаваат уникатен слој на предизвик, принудувајќи ги ве постојано да балансирате помеѓу етиката и деловниот успех. Доколку сакате вакви наслов, тогаш News Tower е еден од ретките, ветувајќи длабоко и богато тематско искуство.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments