Avernum 4: Greed and Glory: одлична класична RPG игра која го заслужува вашето внимание

Серијалот Avernum има импресивно долго присуство во гејмерската индустрија, со длабоки корени во cRPG жанрот кои датираат уште од 1994 година – тема за која нашироко разговаравме и со самиот автор на играта. Avernum 4: Greed and Glory го означува триумфалното враќање на оваа сага, служејќи истовремено како римејк на оригиналната игра од 2005 година и како почеток на новата Great Trials трилогија. Доколку сте подготвени целосно да ѝ се посветите на една исклучително долга, длабока и впечатлива RPG авантура, која носталгично ќе ве врати во времето кога игрите се создаваа на сосема поинаков начин, тогаш најновото чедо на Spiderweb Software е наслов што никако не смеете да го пропуштите.

Богат и детален свет со фасцинантни ликови

Авернум е пространа подземна нација која се протега низ стотици километри од меѓусебно поврзани пештери, антички рудници и збунувачки лавиринти. Овој подземен свет се одржува благодарение на магијата и неверојатната издржливост на неговите жители, функционирајќи како еден вид дива граница – последната точка на цивилизацијата. Таквото нешто, подразбирливо, привлекува секаков вид на храбри авантуристи, бескрупулозни бандити, истражувачи во потрага по изгубено знаење и сеприсутни чудовишта, мислејќи дека лесно може да се приграбат огромните богатства и тајни што ги кријат темните длабочини. Вие пристигнувате токму во овој хаотичен амбиент, на самиот раб на познатиот подземен свет. Независно од вашите сопствени мотиви набргу ќе бидете соочени со моќни сили кои неуморно го кинат кревкото ткиво на Авернум. И , додека градовите паѓаат во урнатини, а орди на ѕверови ги напаѓаат населбите, спасот се става целосно во ваши раце.

Avernum 4 е љубовно писмо упатено кон вистинските фанови на класичните, turn-based RPG авантури. Играта се фокусира на создавање и водење на група од авантуристи низ светот, со систем за развој на карактери кој е исклучително комплексен и отворен. Со преку стотина различни способности, магии, карактеристики и други начини за стекнување моќ, можностите за тактичко прилагодување се речиси бескрајни. Борбата е потезна, барајќи од вас внимателно да ги позиционирате вашите херои, да ги користите нивните вештини во синергија и да ги искористувате слабостите на разновидните и честопати многу итри непријатели.

Покрај борбата, огромен дел од играта е истражувањето. Светот открива огромни, паметно дизајнирани зандани полни со стапици, загатки и скриени тајни. Системот за плен отвора можности кон стотици различни артефакти кои не само што можете да ги пронајдете, туку и да ги создадете преку детален систе за крафтање.

Третата силна точка е самата нарација. Приказната е испорачана преку квалитетно напишан текст, километри и километри текст преку кој се гради светот, ликовите и хуморот. Приказната е од отворен карактер, со повеќе фракции кои ќе ве молат (или ќе се обидат да ве поткупат) за вашата поддршка, давајќи ви можност да практикувате политика со чудовишта и да одлучите дали да донесете среќен мир или профитабилна катастрофа.

Сите овие три клучни елементи се мајсторски испреплетени, нудејќи исклучително долга и комплексна забава, под услов да сте спремни несебично да го посветите вашето време. Avernum 4 дава многу, но и бара многу од вас, така што понетрпеливите играчи можеби нема да знаат како правилно да го ценат богатството што се крие во играта.

Avernum 4: Greed and Glory е производ на независно студио и е, башка, римејк на игра стара речиси две децении. Графичкиот стил е изометриски, функционален и јасен, но дефинитивно не е нешто што ќе ве импресионира со најнова технологија или спектакуларни ефекти. Сепак, визуелниот приказ одлично си ја врши својата работа – да ви ги претстави комплексните мапи, различните непријатели и атмосферата на подземниот свет на читлив начин. Фокусот не е на визуелната раскош, туку на длабочината на содржината. Слично на тоа, звучниот дизајн и музиката се тука за да ја надополнат атмосферата, ефективно поставувајќи го тонот. Сите ресурси во оваа игра се јасно насочени кон она што ја прави посебна, а тоа е гејмплејот, приказната и огромниот свет.

Avernum 4: Greed and Glory е феноменален римејк на еден стар класик и претставува длабока и наградувачка RPG авантура. Оваа игра за вас доколку барате брза акција, филмска презентација или едноставно искуство кое не бара многу читање и размислување. Меѓутоа, ако сте љубител на вистински, олд-скул потезни RPG игри во стилот на првите Fallout или Baldur’s Gate наслови, и ако цените длабок систем за развој на карактери, тактичка борба која бара планирање, огромен свет за истражување и богата, текстуално-базирана приказна, тогаш оваа игра е апсолутна препорака, нудејќи стотици часови на интелигентна и ангажирачка забава, спакувана во уникатен фантазиски свет кој се разликува од вашите стандардни, генерични светови.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk