Yakuza Kiwami 3 & Dark Ties: Tехнолошки триумф или изгубено наследство?

во гејминг

Од неодамна можете да го проверите најновиот, амбициозен проект на популарното студио Ryu Ga Gotoku. Yakuza Kiwami 3 & Dark Ties е, всушност двоен пакет кој нуди ем темелна преработка на класичната игра од 2009 година, ем целосно нов наслов поврзан со Јошитака Мине. Доколку ја заиграте играта на PS5, она што ќе најдетe е напреден графички енџин, кристално чиста 4K резолуција, супер брзи вчитувања и впечатливи светлосни ефекти во виртуелното Токио. Но, дали е ова доволно за еден квалитетен римејк и продолжување на приказната која со децении ги затоплуваше срцата на фановите?

Ново во старо руво

Доколку сте го играле хитот од 2009-та година тогаш позната ви е приказната од првата игра и очајничките обиди на главниот лик да остави зад себе минато исполнето со насилство. Преселбата во Окинава и вработувањето во локалното сиропиталиште е срцето на целата емотивна приказна. Во зависност од вашето искуство со оригиналот, тоа што сега ја немате баш истата приказна може да биде добра или лоша работа.

За разлика од оригиналното издание каде на одредени наративни сегменти се гледаше негативно поради нивната монотона природа, новата верзија воведува длабок систем за менаџирање кој бара активно градење на врски со децата. Ваквата интимна, секојдневна рутина формира одличен контраст со подоцнежните политички интриги во кои се вмешуваат странски разузнавачки служби и тајни организации. Но, потребно е да се потенцира ако одредени наративни елементи се променети, други се целосно исфрлени и лесно можете да се здобиете со впечаток дека новата верзија е посиромашната верзија која не ја пренесува целосната визија од оригиналот. 

Брутална борба и банди

Во Yakuza Kiwami 3 системот за борба има претрпено најрадикална трансформација. Препознатливиот и, според многумина фрустрирачки одбранбен модел кој беше како трејдмарк на старата верзија сега е заменет со исклучително динамична механика. Поради тоа, за ефикасно и уште позабавно спротивставување со непријателите имате воведена можност за инстантно менување помеѓу два паралелни стилови на борба. Од една страна, првиот стил се фокусира на традиционални, тешки удари и брутални ликвидации кои се карактеристични за долгогодишниот протагонист.

Од друга страна, вториот стил претставува иновативен пристап кој е инспириран од локалните боречки вештини. Вториот стил се одликува со различно мапирани оружја кои молскавично брзо се комбинираат среде акција, пружајќи феноменални услови за визуелно спектакуларни и тактички разновидни конфликти. Надвор од ова, имате на располагање и посебен стратешки режим преку кој предводите локална банда. Се работи за забавен и солидно реализиран режим кој ви дозволува да организирате опрема и да поставувате тактики кои подоцна се користат за тимски пресметки низ градските улици.

Мрачни врски

Dark Ties е поразлично животно од Yakuza Kiwami 3 и нуди сосема поинаква перспектива затоа што ви дозволува да го истражувате минатото на главниот негативец од оригиналната игра. Пред да навлезе во подземјето, Јошитака Мине е воден од остар финансиски ум и длабоко внатрешно чувство на празнина. Неговиот стил на борба е „ограничен“, ако може да се каже така, на бокс, нешто што совршено кореспондира со неговиот пресметан и ладен карактер. Во битките, акцентот е ставен на прецизноста, избегнувањето и контра ударите.

Специјалната механика на контролиран гнев маестрално ја манифестира неговата скриена агресија, одлично вклопувајќи се во целиот наратив. Надвор од кампањата, гладните за повисоко ниво на тежина ќе наидат и на предизвикувачки режими како подземна арена и лавиринт за преживување. Овие два режими бараат поинтимно запознавање со клучните борбени механики и исклучително добри рефлекси. Топла препорака за кога ќе завршите со главната приказна.

Што се однесува до самиот дизајн на светот, Yakuza Kiwami 3 иако се одликува со поразлично осмислени места, сепак останува верен на препознатливата филозофија за создавање компактни, но екстремно содржајни простори. Местата во Токио се густо населени и со задоволство ќе се губите во автентични ресторани, аркадни салони и клубови во кои има експлозија од традиционални мини-игри. Наспроти овој урбан хаос, меѓутоа, втората клучна локација нуди помирен амбиент со ревидирани и попристапни активности како, на пример, играње голф.

Мини игри играат улога на прекрасна дистракција од која колку и да сакавме не можевме да се замориме. Згора на тоа, често имаа и второстепена улога поврзана со економијата на играта, наградувајќи не со ресурси кои се неопходни за проширување, односно надградување на вештините. На крајот на краишата, има ли нешто поубаво од паузирање на главната мисија само за да си се опуштите пеејќи во локален бар? Ова е реторичко прашање, нормално дека нема! :) 

Давење на оригиналниот шарм?

Но, не е се мед и млеко и, покрај техничките триумфи, изненадува одлуката на тимот да се  обемноо намали оригиналната содржина. Како што напоменавме во горните редови, бројот на секундарни квестови е драстично скратен. Со особено жалење забележавме дека новата верзија им има удрено клoца на едни од најпрогресивните и најхумористичните мисии од изданието од 2009 година. Во истиот кош се има најдена и механиката за учење вештини преку фотографирање комични ситуации. Дали може Yakuza Kiwami 3 да биде она што беше без вакви работи е нешто што оставаме на вас да процените.  

Уникатно искуство на PS5

Доколку имате избор, нашиот совет е да ја проверите PS5 верзијата. Искуството на конзолата на Sony е дополнително збогатено преку длабоката интеграција и прилагодувања поврзани со перифериите. Забележително е како контролерот овозможува тактилна повратна информација во зависност од теренот на кој се наоѓате и акциите кои ги преземате. Ниеден друг контролер не може да ги издигне, пример, физичките пресметки на исто ниво. Тежината на ударите и блокирањето се чувствува различно во зависност од користеното оружје или стилот на борба, со реален физички отпор при користење на адаптивните копчиња. Длабоката тактилна димензија дополнително се надополнува доколку ги имате и слушалките на Sony или слични слушалки кои можат да ја искористат напредната технологија за просторен звук. Овие технологии, иако никако нови, создаваат неверојатна атмосфера која целосно ве вовлекува во уникатниот свет.

Од технолошка гледна точка, Yakuza Kiwami 3 & Dark Ties е вистинско ремек дело со невидена сензорна имерзија и флуидност во гејмплејот. Новите борбени системи и додадената самостојна кампања несомнено нудат висококвалитетна интерактивна забава која и-тоа-како ќе ги импресионира гејмерите кои по првпат ќе навлезат во играта. Но, агресивното кратење на оригиналниот материјал може да биде како трн во нога за тврдокорните фанови. Поради ова, доколку сакате да му пристапите на насловот од свежа, неосудувачка перспектива, тогаш нема да можете, а да не го цените модернизирањето на застарените механики и новиот начин на кој се раскажува една стара приказна.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ryu Ga Gotoku Studio
  • Издава: SEGA
  • Жанр: Акција, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 11 февруари 2026

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk