Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) последниве недели сѐ почесто се сретнува како главна тема на социјалните мрежи и медиумите… При крај на март ФИНКИ организираше протести за решавање на проблемот со просторот кој го имаат 13 години, а изминативе неколку дена е дел од интересна онлајн дебата откако факултетот одлучи официјалната пракса на студентите да може да се изведува само во компании што ќе се претплатат на нивната партнерска програма.
Досега, секоја компанија можеше бесплатно да потпише меморандум за соработка со ФИНКИ, со што добиваше можност да соработува со студенти-практиканти и да добие овластување да им потпише официјален дневник и документи за пракса, која факултетот потоа им ја уважуваше на студентите. Меѓутоа, со новиот Правилник за засновање на годишен партнерски пакет, ФИНКИ бара од компаниите да изберат еден од 4-те пакети за партнерство:
- Партнер на факултетот – 500 евра/годишно,
- Сребрен партнер – 2.000 евра/годишно,
- Златен партнер – 8.000 евра/годишно,
- Премиум партнер – мин. 20.000 евра/годишно.
Секој од пакетите нуди соодветни бенефити – од соработки при тимски проекти и дипломски трудови до брендирање на амфитеатарот. Ваквите партнерски програми не се новост за ФИНКИ кои низ годините ги практикуваат и брендирањата и научните соработки, меѓутоа главната промена со оваа одлука е да секоја компанија која ќе сака да соработува официјално со студенти да мора да одбере еден од пакетите.
На социјалните мрежи Facebook и LinkedIn може да се забележат постови кои ја критикуваат оваа одлука и велат дека истата може негативно да се одрази врз индустријата – односно дека студентите ќе имаат помал избор за тоа каде ќе одат на пракса, а компаниите ќе бидат изложени на дополнителни трошоци и ограничувања. Дополнително се критикува и одлуката што државен факултет, кој се финансира од самите граѓани, се одлучува на ваков чекор.
Од друга страна пак, од ФИНКИ велат дека борбата е преку ова да се обезбедат подобри услови за студентите, бидејќи инвестираните средства од компаниите ќе бидат насочени целосно кон студентите.
За да подобро ја разбереме одлуката на ФИНКИ, побаравме одговори од деканот на факултетот, проф. д-р Боро Јакимовски.

ФИНКИ донесе Правилник со кој се менува начинот на кој може да се верификува пракса на студент, а одлуката за истиот покрена активни дискусии во индустријата. Која беше мотивацијата за носењето на одлуката?
“ФИНКИ не донесе нов правилник за пракси, туку воведува нова програма за партнерства со индустријата по теркот на познатите светски универзитети. Праксите се само еден мал сегмент од програмата за партнерство. Мотивацијата за носење на овој правилник беше зголемување на квалитетот за праксите, како и за поддршка на активностите на студентите и подобрување на условите за студирање. Сето ова го правевме и претходно, но со оваа програма само го формализираме. Согласно програмата, сите средства кои би се собрале со истата ќе бидат наменски потрошени за подобрување на условите за студентите, поддршка на нивното учество на локални и меѓународни настани и натпревари, ослободување од партиципација на успешните студенти и давање на можност на студенти кои се од ранливи категории да студираат на Факултетот. За оваа намена ФИНКИ веќе одвојува приближно 50.000 евра годишно.” – појаснува проф. д-р Јакимовски.
Зошто одлучивте токму во овој момент, кога ИТ индустријата како и сите други поминува низ негативен економски циклус, да ја донесете оваа одлука која наметнува и дополнителни трошоци за ИТ компаниите?
“Потребата за воспоставување на програма за партнерство беше утврдена уште пред стапување на сила на новите студиски програми на ФИНКИ, кога ситуацијата во ИТ индустријата беше далеку од негативен економски циклус. Програмата за партнерство ја градевме внимателно и ја донесовме после голем број дополнителни анализи за потребите на студентите на факултетот. Дури и кога е донесена има одложно дејство од 1 година за да може компаниите да се приспособат на новонастанатите околности. Сметаме дека износот за основниот пакет е симболичен и не би претставувал проблем за ниту една ИТ компанија, без разлика на моменталните состојби. Дополнително, стартапите, непрофитните и јавните установи го добиваат основниот пакет бесплатно.”
Како би го искоментирале ставот дека државен факултет, платен од данокот на граѓаните и компаниите, не треба да ограничува можности за пракса само на партнери кои оствариле платиле на факултетот туку треба да го овозможи признавањето на пракси на секоја активна компанија?
“Преку програмата за партнерство сакаме да ставиме ред во изведувањето на пракси од студентите на факултетот како и подобрување на нивниот квалитет. Нашата цел е студентите кои студираат на ФИНКИ да обавуваат пракса во компании кои имаат искрена желба да инвестираат во студентите и нивното студирање. Средствата кои ги одвојува државата за оперативното работење на факултетот, за жал, не предвидуваат поддршка на студентите надвор од стандардната настава и не предвидуваат модернизирање на условите за студирање. Ние ги следиме светските трендови и преку соработка со нашите партнери сакаме да изградиме уште поквалитетни кадри кои ќе имаат пристап до најмодерните технологии и алатки.”
Дали ќе постои било каков друг начин за компании кои не платиле за партнерската програма на ФИНКИ да може да примат практикант на кој ќе може да му издадат потврда за пракса?
“Целата постапка за упатување на пракса и нејзино валидирање на Факултетот е пропишана со програмата за партнерство и процедурата за пракса. Апсолутно не постои ограничување на студентите да одат на пракса согласно Законот за практиканство, единствено што истото нема да се валидира како исполнување на задолжителната обврска која се бара во нивната студиска програма.Идејата на практиканството вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, а не е начин како студентите да бидат изложени на волентерска работа, пробна работа или исполнување на приправнички стаж. Единствен начин да го контролираме целиот процес е со вклучување на соодветни компании во програмата за партнерство.”
Од ФИНКИ потврдуваат дека новите правила ќе започнат да важат од почетокот на наредната учебна година, односно од септември 2024-та кога по автоматизам сите досега потпишани меморандуми за соработка ќе бидат инвалидирани.







