Што носи „Везилка“: Од македонски јазични модели до целосен екосистем за вештачка интелигенција

Вештачката интелигенција веќе станува новата инфраструктура на глобалната економија, па така прашањето повеќе не е дали земјите ќе инвестираат во неа, туку колку брзо ќе успеат да изградат сопствен капацитет. На Балканот веќе се движат сериозни иницијативи – Бугарија инвестира во ВИ фабрики, Србија исто така агресивно гради сопствена инфраструктура преку суперкомпјутерски капацитети, а сега и Македонија прави досега најголем исчекор во оваа област.

Со официјалниот старт на проектот „Везилка“, земјата го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција, иницијатива што цели да стане клучна инфраструктура за развој на знаење, иновации и современи технолошки решенија. Проектот се реализира преку партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, академската заедница и Европската Унија, а носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Презентација на „Везилка“

Проектот е финансиран преку Horizon Europe и иницијативата EuroHPC Joint Undertaking, со што Македонија станува дел од европската мрежа на AI Factory Antennas. Практично, тоа значи дека земјата ќе добие пристап до ресурси кои досега беа резервирани за многу поголеми и технолошки понапредни држави: суперкомпјутери, големи податочни простори и инфраструктура за тренирање и тестирање ВИ модели.

Македонскиот јазик како како главен дел на проектот

Иако на прв поглед станува збор за инфраструктурен ВИ проект, една од неговите најважни компоненти е македонскиот јазик. 

„Везилка“ е директно насочена кон дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел кој ќе може да го користат институции, универзитети, компании и граѓани, а ова е значајно бидејќи најголем дел од денешните глобални ВИ системи функционираат доминантно на англиски јазик, а малите јазици често остануваат недоволно претставени или погрешно интерпретирани.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочи дека токму тука лежи стратешкото значење на проектот.

„Европа јасно препозна дека нејзината конкурентност нема да се мери само со патишта, железници или фабрики, туку со пристап до суперкомпјутери, дата центри, податоци, алгоритми и таленти,“ рече Андоновски за време на презентацијата на проектот.

Според него, приклучувањето кон европската мрежа значи дека домашните истражувачи, компании и стартапи конечно ќе добијат пристап до инфраструктура што до вчера беше достапна само за најразвиените европски економии.

Стефан Андоновски

Андоновски дополнително додаде дека дигиталното присуство на македонскиот јазик денес е прашање и на културен суверенитет. „Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на заштита на македонскиот културен идентитет,“ рече тој.

ВИ што ќе го разбира локалниот контекст

Проектниот лидер, проф. Димитар Трајанов од ФИНКИ порача дека главниот предизвик не е само технологијата, туку брзината со која државата ќе успее да се организира.

„Главното прашање е зошто сега? Моментално светот се наоѓа во фаза на драстична промена и пред нас има технологија што има моќ да смени огромен број од работите што ги правиме,“ рече тој.

Според него, една од најголемите придобивки ќе биде создавање модели кои навистина го разбираат локалниот контекст. „Мора да имаме модел што добро работи на македонски јазик, ги знае локалните закони и прописи и може правилно да одговара на прашања,“ објасни Трајанов, додавајќи дека ова е важно за јавната администрација, правниот сектор и образованието, каде што контекстот и прецизноста се клучни.

За таа цел, Службениот весник на Македонија, Собранието, МАНУ, Националната и универзитетска библиотека, како и институтите за македонски јазик и литература веќе се вклучени во создавање квалитетна база на податоци, каде ќе влезат законски и подзаконски акти, стручна литература и други релевантни содржини.

Проф. Димитар Трајанов (ФИНКИ)

Дополнително, и граѓаните ќе можат да придонесат преку прикачување дигитализирани книги, магистерски и докторски трудови, со што директно ќе помогнат во збогатување на македонскиот дигитален корпус.

Имплементација во клучни области како здравство и енергетика

Вредноста на „Везилка“ изнесува околу шест милиони евра, при што најголемиот дел од средствата доаѓаат како грант од Европската унија. Евроамбасадорот Михалис Рокас нагласи дека амбициите на проектот се истовремено практични и трансформативни.

„Неговите амбиции се и практични и трансформативни во здравството, со цел да поддржи напредна дијагностика и персонализирана медицинска грижа. Во енергетиката, ќе придонесе за попаметни енергетски мрежи, интеграција на обновливи извори на енергија и предиктивно одржување. Во земјоделството, ќе им помогне на земјоделците да носат подобри одлуки и да ја подобрат одржливоста, како и во јавната администрација. Ќе ги зајакне дигиталните јавни услуги и ќе ја подобри ефикасноста и за граѓаните и за бизнисите,“ истанкна Рокас.

Тој посочи и на поврзаноста со грчката ВИ фабрика Pharos и суперкомпјутерот Daedalus, што дополнително ќе им овозможи на македонските истражувачи и стартапи пристап до компјутерски ресурси од светска класа.

Истовремено, премиерот Христијан Мицкоски го нагласи и економскиот потенцијал на иницијативата. “Проектот ќе овозможи идеи создадени овде да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво. Тоа претставува силен поттик за економски раст и отворање на нови работни места, како и за создавање нови можности за генерациите што доаѓаат,“ рече Мицкоски.

Според Трајанов, пак, ова е и проектот каде што сите заедно треба да учествуваме за да бидеме конкуренти и да исчекориме понапред од нашата околина. 

“Имаме доволно податоци и реално можност да направиме корист за државата бидејќи во системот веќе има доволно квалитетни податоци. Една од најзначајните работи ќе биде градењето на модели за вештачка интелигенција кои што ќе бидат базирани на македонски јазик,“ додаде професорот од ФИНКИ.

Сумирано, од сето она што беше презентирано се добива впечатокот дека „Везилка“ во моментов претставува едно навистина амбициозно инфраструктурно ветување. Вистинскиот тест, пак, доаѓа допрва, а тоа е дали околу неа ќе се создаде доволно силен екосистем од истражувачи, инженери, стартапи и институции што ќе го претворат сето ова во реални производи и услуги.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Olwen Boniface
Olwen Boniface
19 hours ago

Ова е навистина проницлив поглед на тоа како иницијативата за вештачка интелигенција „Везилка“ би можела да ја обликува не само технолошката инфраструктура, туку и културното и јазичното зачувување преку локално заснован пристап кон иновациите. Преминувајќи на полесна пауза од читањето, во последно време уживам играјќи Among Us, бидејќи нејзината брза игра со дедукција е забавен начин да се опуштите, а сепак да го задржите вашиот ум ангажиран.