Не е тајна дека сме огромни фанови на акциони RPG игри. Има нешто посебно забавно во игрите како Diablo и вечната потрага по драгоцениот плен. Welcome to ParadiZe не е Diablo, далеку од тоа, но некои механики допринесуваат до подеднакво ист забавен фактор. Наспроти тоа што играта има само 60% позитивни рецензии на Steam, ние апсолутно уживавме истражувајќи ги огромните зашумени области, надградувајќи го нашиот лик и, се разбира, јавајќи го нашиот зомби слуга. Ова и многу повеќе по трејлерот!
Кој стои зад Welcome to ParadiZe?
Eko Software е француско развојно студио кое е основано во далечната 1999 година, а купено од издавачите Nacon во 2018 година, за 8.5 милиони евра.Нивната прва игра датира уште од 2000 година, но студиото вистински се прослави со освежувачката How to Survive, од 2013 година, а подоцна и со Warhammer: Chaosbane (2019 година).
Eko Software брои 40 вработени.

Што поради графиката и хуморот, а што поради одредени акциони механики, Welcome to ParadiZe се чини како следниот еволутивен чекор за студиото, интересен хибрид помеѓу How to Survive и Warhammer: Chaosbane.
Забавната страна на рајот!
Откако ќе се најдете себеси на територијата на ParadiZe, набргу ќе забележите како не е се совршено како што би можело да изгледа и голем број од зомби чудовиштата не можат баш да се контролираат со направата која им се става на глава.
За среќа, вие за брзо време ќе научите како да направите функционална направа која ќе можете да ја поставувате на кое било зомби чудовиште. Потоа, истото може да ве придружува во авантурите и да се бори со вас на начини на кои вие би сакале.
Имено, можете да наместите чудовиштето да напаѓа со ладни или огнени оружја, да го привлекува вниманието на непријателите, да специјализира во одредени напади, или пак да му поставите седло и да си го јавате насекаде.

Паралелно со вашето чудовиште, вие користите најразлични оружја кои ги наоѓате, крафтате или надградувате. За опремување на вашите сопатници, а и на самите вас од клучна важност е да собирате најразлични ресурси.
Истите овие ресурси можете да ги користите и за градење најразлични структури кои ви помагаат, на некој начин да создадете и управувате со една ваша зомби заедница. На самите зомби членови од заедницата ќе можете да им наредувате да собираат одредени ресурси или да исполнуваат одредени други улоги.
За подобра заштита на вашите кампови, ќе можете и да градите пречки и замки кои ќе се покажат до некаде ефикасни во спречување на гладните жители. Сѐ е толку смешно, откачено, а сепак крајно забавно и во чекор со темата.

Иако ние уживавме во Welcome to ParadiZe сами, играта ни се чини значително позабавна со пријател или два. За таа цел, имате на располагање солиден ко-оп режим во кој можете да поканите до три пријатели да ви се приклучат на авантурите.

Најголемиот проблем со Welcome to ParadiZe е тоа што се труди да биде повеќе работи од еднаш. Играва би била супер само како Diablo клон. Навистина така почнува и целосниот фокус е на истражување и hack-and-slash акција со напредно уредување на крајно корисен сопатник.
Но, потоа, полека во игра влегува и правење кампови, градење структури, собирање „слуги“, доделување улоги и ред други работи кои ја расченуваат играта во други можеби непосакувани правци.

Факт е дека Welcome to ParadiZe навистина не е лоша игра, напротив, ова е можеби најдобриот наслов кој студиото Zen го има исфрлено во нивните 25 години од постоење. Поради тоа, доколку сакате откачена hack and slash акциона игра со крафтачки примеси, не пропуштајте ја можноста да видите што ве очекува во ParadiZe!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Eko Software
- Издава: Nacon
- Жанр: акција, RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 29 февруари 2024







