Одвреме-навреме, се случува да се појави игра која успешно го размрдмува калапот со свежи и иновативни идеи. The Wandering Village, развиена од швајцарското студио Stray Fawn Studio, е наслов кој не се плаши да заплива во непознати води. Оваа игра ве става во улога на водач на мала група преживеани во еден суров, постапокалиптичен свет, но со еден уникатен пресврт – вашиот нов дом е грбот на колосално, древно суштество кое талка низ опустошените предели. Резултатот е преубаво и релаксирачко искуство на кое со денови ќе му се навраќате.

Играта излегува од раниот пристап на Steam по цели 5 години макотрпна работа
Џиновски маки
Приказната ве носи во свет каде што мистериозни, токсични растенија ја имаат преземено планетата, испуштајќи отровни спори кои го прават животот речиси невозможен. Единствената надеж за вашата група е Онбу, џиновско суштество кое изгледа имуно на токсичната средина. Вашата задача е да изградите функционална населба на неговиот грб, да управувате со ресурсите и да обезбедите опстанок на вашите луѓе. Ова веднаш воведува клучен предизвик во форма на ограничениот простор. Секоја одлука за изградба мора да биде внимателно испланирана, а производните синџири мора да бидат оптимизирани за максимална ефикасност.

Онбу
Она што навистина ја издвојува The Wandering Village од другите игри е длабоката механика на односот со Онбу. Вие не сте само градител, туку и партнер на живо суштество. Играта ви нуди избор. Од една страна, можете да развиете симбиотска врска, заснована на меѓусебна доверба и грижа, или, од друга, да заземете паразитски пристап, искористувајќи го Онбу до крајни граници, под изговор дека таквото нешто го правите за доброто на вашиот народ.
Оваа одлука има и директни последици врз гејмплејот. Ако се грижите за Онбу, го храните и лекувате, тој ќе ви верува и ќе ви помага. Ако, пак, премногу ги црпите неговите ресурси или го принудувате да се движи низ опасни предели, неговото здравје и доверба ќе опаднат, што може да доведе до катастрофални последици за вашата населба. Ваквата морална и стратешка дилема е постојано присутна и претставува емотивен столб на целото искуство.

Преубаво, но опасно истражување
Патувањето на Онбу ве води низ различни биоми – од пустини и џунгли до замрзнати предели и новододадените океански и урбани руини. Секој биом носи уникатни климатски услови, можности за собирање ресурси и специфични закани. Ќе мора постојано да ја прилагодувате вашата стратегија, да испраќате експедиции за собирање ретки материјали и древни артефакти, и да се соочувате со предизвици како што се крвопијни паразити, сурови временски непогоди и сеприсутните отровни спори. Истражувањето на остатоците од стариот свет ви овозможува да откриете и истражите заборавени технологии, кои можат да ви дадат значајна предност, но нивната употреба носи и свои ризици.

Еволуција од ран пристап до целосно издание
Од своето појавување во Early Access во 2022 година, играта доживеа значителни надградби кои ја продлабочија и збогатија. Додаден е Story Mode кој воведува повеќе контекст, мисии и крајна цел. Економијата е целосно ревидирана, со подобрено управување со селаните и реработен систем за истражување. Додадени се нови механики како трговија, нови видови згради, ресурси и команди за Онбу. За поискусните играчи, воведени се и модификатори за тежина. Со целосна поддршка за контролери и Steam Deck, како и портови за Xbox, PlayStation и Switch, играта сега е достапна за поширока публика.

The Wandering Village е освежувачки и емотивно ангажиран наслов кој успешно комбинира елементи на градење град, преживување и стратегија. Нејзиниот уникатен концепт, прекрасниот визуелен стил и длабоката механика на односот со Онбу ја прават задолжително искуство за љубителите на жанрот кои бараат нешто поинакво.
Иако верзијата 1.0 го означува крајот на една важна фаза, тимот на Stray Fawn Studio веќе најави идни планови. Се подготвува надградбата 1.1, фокусирана на подобрување на корисничкото искуство, а подоцна во текот на годината се очекува и верзијата 1.2, која ќе донесе дополнителни подобрувања во интеракцијата и врската со Онбу. Иднината е светла!











