Виза за дигитални номади е релативно нов концепт на виза која е наменета за луѓе кои може да работат од далечина (remotely). Идејата е да се привлечат дигитални номади кои можат да помогнат со своето знаење на локалните стартапи, но и да ја стимулираат локалната економија. Овој тип на виза е специфичен бидејќи за разлика од туристичката виза им овозможуваат на дигиталните номади легално да работат за компании надвор од посетената дестинација. Визата за дигитални номади, иако го носи името „виза“ не е тоа во традиционалното значење на овој збор. Наместо ова повеќе е дозвола за престој/работа.
Македонија уште од почетокот на 2021 најави воведување на виза за дигиталните номади, но за жал ова и натаму не е остварено. Дел од државите во регионот веќе имаат воведено дигитална виза за номади. Иако куп држави во Европа имаат ваква виза, веројатно една од најинтересните дестинации во Европа е Хрватска.
Само еден поглед на рекламите е доволен да видите зошто Хрватска е популарна дестинација за дигиталните номади. Од климата, римските локалитети, активна стартап заедница, па дури и локации во Сплит и Дубровник на кои се снимаат популарни серии како Games of Thrones.
Што треба да знаете за да се преселите во Хрватска како дигитален номад
Хрватската виза за дигитални номади ги опфаќа сите држави кои не се дел од Европската Унија, Европска економска област и Швајцарија. Максималното време за престој е една година и не може да се продолжи. Помеѓу две издавања на дигиталната виза мора да поминат барем 6 месеци.
Покрај дигиталниот номад кој добил дозвола за престој, во Хрватска може да престојуваат и членовите на неговото семејство. Ова се однесува на традиционалните брачни заедници, но и партнери кои живеат во заедница подолго од 3 години.
За дигиталната виза, барањето може да се поднесе онлајн, но може и да се направи лично во хрватските претставништва.
За добивање на оваа виза потребни се документи кој ќе докажат дека вработениот е само-вработен или работи како фриленсер за компанија надвор од Хрватска. Барателот на виза треба да има стабилни приходи од 2300 евра месечно.
Со хрватската виза за дигитални номади се избегнува и двојното даночење. Корисниците на виза нема да треба да плаќаат данок во Хрватска.
Дел од барањата се и здравствено осигурување кое ја покрива Хрватска; доказ за неосудуваност; документи за престој, како договор за плаќање наем.
Хрватска не е единствена држава во регионот со виза за дигитални номади
Виза за дигитални номади издава и Грција. Барањата се слични, иако не и идентични. За добивање на виза за дигитален номад потребно е барателот да е државјанин на држава која не е членка на Европската Унија. Барателот на виза треба да работи како дигитален номад и мора да докаже дека работи со користење на телекомуникациска технологија. Како и во случајот со Хрватска работодавачот мора да биде надвор од државата, во случајот Грција. Минималните потребни финансии за визата за дигитални номади во Грција се повисоки, и изнесуваат барем 3500 евра месечно.
За грчката виза за дигитални номади не постои можност за онлајн аплицирање, барањето мора да се направи во претставништвата.
Повеќе држави во регионот со најави за визи за дигитални номади
Една од државите во регионот кој најавија визи за дигитални номади е Црна Гора. За жал во моментов сѐ уште не е достапна. Неофицијално кога ќе биде достапна црногорската виза за дигитални номади ќе трае 2 години. По ова ќе биде можно дополнително продолжување за уште 2 години. Кога ќе бидат достапни, апликациите треба да бидат достапни и онлајн.
Како и Црна Гора, и Србија нема виза за дигитални номади. Визата треба да биде достапна наскоро, и неофицијално ќе биде со траење од една година, но месечната заработка на номадите ќе треба да биде над 3500 долари месечно.
До каде е Македонија?
Македонија во февруари 2021 првпат најави воведување на виза за дигитални номади. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров неофицијално ја најви визата во декември 2020 на Конференцијата на ЦИВИЛ „Перспективи 2021“. Имаше планови за пренамена на Македонско село“ во Нерези во „Дигитално номад село“ што и натаму останува само ветување.
Без официјална потврда visaguide.world шпекулира дека визите за дигиталните номади може да бидат официјализирани оваа година.