Robot Cache ќе ви дозволи да ги продавате вашите дигитални игри, а и да копате крипто-валути

Во гејмерската индустрија и продавање дигитални игри, Steam и понатаму е на врвот. Само во 2016 година, платформата на Valve има спечалено неверојатни 3.5 милијарди долари така што зема 30% од секоја продажба на игра, а ги дава останатите 70% на издавачите. Од друга страна, гејмерите не ги купуваат игрите навистина, туку само лиценци кои не можат да ги продадат на некој друг откако ќе завршат со нив. Дополнително, единствен начин на кој би можеле да заработите на Steam е да продавате карти или пак одредени предмети кои ги добивате по случаен избор. Ваквото нешто не би ни смеело да се нарече заработка, затоа што во поголемиот број случаи не можете да соберете кој знае какви пари и треба да вложите многу за да добиете малку.

Во просек, картите се продаваат за 0.04 долари.

Брајан Фарго е човекот кој ќе проба да го промени ова и да им пружи и на гејмерите и на издавачите многу повеќе. Можеби го знаете Брајан како основачот на Interplay и InXile Entertainment и како човекот зад серијалите Fallout, Wasteland и Baldur’s Gate. Брајан и неговата компанија, Robot Cache, која е составена и од Ли Џејкобсон (продуцент за Virgin Entertainment и Viacom) и Филипе Ервин (Warner Bros. и Activision Blizzard), планираат да го срушат моментниот монопол кој го држи Steam и да им дозволат на играчите да ги продаваат сите игри кои претходно ги имаат купено и изиграно. Па така, кога играчите ќе купат одредена игра, до 95% од средствата ќе одат директно кај издавачите, а не само 70%, како што е моментниот случај со Steam. Потоа, откако играчите ќе завршат со играта, ќе можат да ја продадат истата и да си повратат 25% од продажната цена, која ќе биде диктирана од издавачите. Издавачите, пак, ќе добијат 70% од таквата продажба.

Не е многу, но сепак, индустријата со продавање користени игри во физичка форма е профитабилна. GameStop, на пример, спечали неверојатни 9.36 милијарди долари само во 2016 година, и тоа од продавање користени видео игри. Од таквите препродажби, меѓутоа, издавачите не добиваат ни еден цент. Нормално, само игрите кои ќе бидат купени од Robot Cache ќе можат да бидат препродавани. Вакво слично нешто беше имплементирано од дигиталната продавница Green Man Gaming. Во првата година од нејзиното постоење, продавницата ви дозволуваше да купувате игри кои подоцна можете да ги вратите за одредена сума која пак ја користевте за купување други игри. Таквото нешто за нив не се покажа профитабилно и сега продавницата само продава клучеви за активација на платформи како Steam и Uplay.

Како изгледаше GMG Trade-in услугата на времето

Враќајќи се назад на Robot Cache, тие 25% кои ги добивате за продадена користена дигитална игра ги добивате во форма на IRON, целосно нова крипто-валута создадена од тимот зад Robot Cache. Со оваа променлива валута можете да купувате други игри или пак да ја извлечете  и да бидете исплатени преку банка или PayPal. Оние кои се желни за повеќе од валутата, можат да дадат дозвола нивниот гејминг PC да се користи за автоматско копање IRON, иако треба да се земе во предвид дека оваа крипто-валута е директно врзана со екосистемот на Robot Cache.

Сѐ уште не се знае дали софтверот за копање ќе може да копа одредена паричка која е најпрофитабилна и за гејмерот и за издавачите, ниту пак колку треба да се копа за да може да се дозволи една игра. Robot Cache треба да се појави во втората половина на 2018 година, а моментно компанијата работи на финализирање на договорите со одредени издавачи. На почетокот, Брајан очекува да понуди неколку стотици игри преку платформата.

Robot Cache

Како ви звучи ова? Би користеле ли Robot Cache? Кажете нѝ во коментарите или на социјалните мрежи!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments