Concept Two е вториот супер електричен автомобил на Rimac Motors. Компанијата го претстави новото возило на Саемот за автомобили во Женева.
Станува збор за потполно ново возило, а перформансите се навистина луди. До 300 km/h возилото забрзува за само 11.8 секунди; максималната брзина му е 412 km/h, а од 0 до 100 km/h му се потребни само 1.97 секунди. Со само едно полнење на батеријата Concept Two може да помине 650 километри.
Внатрешноста на возилото изгледа подеднакво имресивно. И на прв поглед се забележува дека возилото е наменето за уживaње. Од луксузната внатрешност, па се до електрониката и компјутерот, сѐ ви става на знаење дека ова ќе биде луксузно, но и екстремно скапо возило.
Можеби она што е поимпресивно е податокот дека целиот автомобил и сите делови се изработени во Хрватска. Возилото доаѓа и со систем за автономно возење, а од системите кои се користат спомнати се: ADAS, oсум камери, 1 или 2 LIDAR-и, 6 радари и 12 ултрасонични сензори. Што се однесува до онборд компјутерот, од Rimac велат дека перформансите може да се споредат со 22 Macbook Pro компјутери, пренесе Top Gear.
Возилото секако нема да биде евтинo, но според перформансите може да им конкурира на сите електрични возила. Кога сме кај цената, возилото ќе чини неверојатни 1.7 милиони долари.
Според најавата, Rimac повторно ќе произведе ексклузивен автомобил. Ќе бидат произведени само 150 Concept Two автомобили, јави Index.hr. Ова можеби изгледа на мала бројка, но оригиналниот Concept One продаде единствено 8 возила.