Рецензија: Роботска правосмукалка Roborock S7

Еден од најинтересните апарати за домаќинство во последните неколку години, роботска правосмукалка може значително да го олесни секојдневието. Наместо да чистите секојдневно, ја оставате истата да го прави тоа наместо вас, без воопшто да се грижите. За многу корисници, и тоа како вреди ваквиот уред.

Благодарение на Smartus, на рецензија добивме еден од нивните најпродавани модели, Roborock S7 на Xiaomi. Правосмукалката е достапна во нивната онлајн продавница, а ние имавме прилика да ја користиме неколку дена, сосема доволно за да видиме зошто моделот се распродава во рекордно брзо време.

Кои се Roborock?

Самата компанија е всушност дел од Xiaomi екосистемот во Кина, а во портфолиото има повеќе модели на роботски, како и безжични рачни правосмукалки. Истите рангираат од модели со поприфатливи цени, до премиум модели како S7 кој го разгледуваме денес.

Што има во кутијата?

Покрај самиот уред, во кутијата ја добивате и базата за полнење, кабел за истата, и моп додатокот. Внатре е и упатството за употреба, кое веројатно ќе ви треба доколку не сте користеле ваков уред досега – во истото детално е опишано како да го уклучите Roborock S7 за прв пат, а уредно се објаснети и некои од функционалностите на истиот.

Базата за полнење е многу компактна, и доколку самиот уред не е на неа, зафаќа многу малку место. Кабелот се приклучува од страна, што овозможува да ја залепите поблиску до зидот. Интересна работа која ја нема кај некои од другите уреди се малите четкички кои се поставени пред металните контакти за полнење – истите ќе тргнат нечистотија или прашина од контактите на правосмукалката, за да има непречено полнење.

Покрај тоа, го имате и самиот уред, кој на прв поглед, доколку не сте користеле роботска правосмукалка претходно, е веројатно поголем отколку што сте го замислувале. На рецензија го добивме моделот во бела боја, кој изгледа одлично и оддава чувство на премиум уред од моментот кога ќе го извадите од самата кутија.

Да ја разгледаме самата роботска правосмукалка

На горниот дел она што прво ќе го приметите се копчињата за работа. На средина се наоѓа копчето за вклучување и исклучување, а до него се копчињата за роботот да се врати на базата за полнење, како и копчето за Spot clean функцијата, кое во исто време може да се задржи три секунди за да се активира Child lock функцијата.

Копчето за вклучување и исклучување во исто време е и индикатор за батеријата – бело светло означува дека има над 20% батерија, додека црвено светло означува под 20% батерија. Светлото пулсира доколку роботот се полни.

До самите копчиња се наоѓа уште едно светло, кое е суптилно скриено под самата пластика, а менува бои во зависност од тоа што прави роботската правосмукалка. Бело значи дека роботот само смука, додека сино светло означува дека смука и брише. Исто така, зелено светло се вклучува кога роботот е на базата за полнење.

На другата “половина” од горниот дел, се наоѓа капакот под кој се светлото за Wi-Fi, како и копчето за ресетирање, а тука е и кутијата за нечистотии, која може лесно да се извади за празнење. Од тука добивате и пристап до резервоарот за вода, кој може да го наполните за влажно бришење на тврди подлоги.

На средина е LiDAR сензорот, кој е клучен за ориентација на роботот и значително помага во мапирање и снаоѓање низ вашиот дом. Од страните ќе најдете повеќе сензори кои се наменети за полесно снаоѓање во околината, но повеќето се сензори наменети за детектирање на зидови и високи препреки.

Од долната страна, има неколку сензори кои детектираат дали роботот е на раб (како на пример на врвот на скали), а тука се и тркалата за движење, страничната четка и главната четка која се наоѓа на средина.

Тркалата се гумирани, па роботот нема никакви проблеми со движење по мазни подлоги и воопшто нема пролизгување. Страничната четка е она што помага кога роботот е во агол на соба, или поминува покрај раб, за нечистотијата да биде пренасочена во главната четка.

На крај, од долу е и местото каде се става моп додатокот, а целиот VibraRise модул има можност да се подигне неколку милиметри доколку истиот не е во употреба.   

Прво вклучување

При првото вклучување, ќе треба да ја симнете апликацијата на Roborock, која е достапна за Android и iOS уреди. Самата апликација ќе побара да направите корисничка сметка, како и да го внесете регионот во кој се наоѓате. Ќе биде потребно и да дозволите пристап до локацијата на вашиот телефон, а кога ќе го направите сето тоа, добивате преглед на сите Roborock уреди кои се поврзани со вашата корисничка сметка.

Додавањето на Roborock S7 е многу едноставно – се што треба е да кликнете на Add Robot Vacuum Cleaner копчето, и да почекате апликацијата да го најде уредот. Секако, уредот треба да е вклучен, што се прави со притискање на Power копчето на горната страна. Откако апликацијата ќе го најде уредот, поврзете го на вашата домашна Wi-Fi мрежа, и дајте му малку време за да се конектира.

Откако ќе го завршите ова, време е за првото чистење. Со притискање на Start копчето, уредот ќе почне да се движи низ вашиот дом, а на апликацијата ќе видите дека полека исцртува мапа од истиот, на кој се обележани било какви пречки кои роботот не може да ги помине.

Кога станува збор за самото мапирање, роботот е одличен. Без проблем се снаоѓа околу пречки како на пример ногарки од маса или стол, а успева и да влезе на тешко достапни места каде останува минимален простор за маневрирање, и притоа да не удира по страните. Позитивно бевме изненадени од тоа како се снаоѓа со високи теписи – немаше апсолутно никаков проблем.

Треба да се напомене дека роботот нема можност да помине преку високи пречки, како на пример разлика во висината на подот помеѓу две соби, но не можеме да го категоризираме тоа како маана на Roborock S7 – истото важи и за било која друга роботска правосмукалка.  

При мапирањето на околината, роботот користи ултрасоничен скенер за да препознае дали се наоѓа на тепих, или на тврда подлога. Ова е важно бидејќи самиот робот доаѓа со моп додаток кој е наменет за влажно (или суво) бришење на тврди подлоги.

Roborock S7 чисти одлично

Една од најважните работи кај S7, споредено со претходниците, е зголемената вшмукувачка моќ, и доколку сте користеле постара роботска правосмукалка со помала моќ, разликата е и повеќе од забележителна. Роботот навистина чисти одлично, и тоа важи за сите видови на подлоги, од тврд дрвен под, до ламинат, плочки и теписи.

Покрај тоа, главната четка е направена од мека гума и се лепи ниско до подот, што овозможува поефикасно чистење. Роботот без проблем собира нечистотија, од влакна, до најситна прашина и други мали честички.

Капацитетот на корпата за нечистотија е 470ml, што е и повеќе од доволно за неколку чистења доколку го оставите роботот да чисти секојдневно. Резервоарот за вода собира 300ml вода, што исто така е доволно за неколку чистења – до 200 метри квадратни.

Она што многу ни се допадна е моп додатокот – истиот е одлично решение за влажно бришење низ домот кога се работи за тврди подлоги, како на пример кујнски плочки или ламинат. Додатокот е мек, што значи дека нема да го оштети подот, и сосем солидно собира нечистотии. Доколку од тврда подлога, роботот се префрла на тепих, додатокот заедно со целиот модул се крева и не пречи во движењето.  

Сé на сé, перформансите се и повеќе од задоволнителни. Снаоѓањето низ дом кој воопшто не е оптимизиран за ваков тип на уред (високи теписи, значителна разлика во висината на подот помеѓу две простории, кабли водени по подот) е одлично, и во неколкудневното користење не забележавме ниту еден проблем.

Апликацијата е интуитивна и нуди многу опции

Покрај фактот што конфигурирањето и првите чекори се едноставни, апликацијата е севкупно едноставна за користење.

Имате можност едноставно да ги означите собите во домот, што овозможува да му зададете на роботот само една одредена просторија за чистење, или одредена зона. Исто така, има опција да се означат No-Go и No-Mop зони, како и да се постават виртуелни зидови кои претставуваат пречки за роботот и не му дозволуваат движење во одреден правец.

Во горниот дел гледате колкав дел (во метри квадратни) роботот исчистил, како и на колку проценти е батеријата, и колку време трае моменталното чистење. На средина е мапата, на која јасно се гледа каде сé поминал роботот, како и каде се наоѓа во моментот. Има опција и да се паузира или прекине чистењето, како и да му се зададе задача на роботот да се врати на базата за полнење.

Исто така, вреди да се спомне и Carpet Boost функцијата, која го користи ултрасоничниот детектор за теписи и автоматски ја зголемува вшмукувачката моќ на максимум додека роботот е на тепих, за поефикасно и подлабинско чистење.

Во истото подмени, Carpet Settings, ќе ги најдете и различните модови – Rise, каде што VibraRise модулот се подига кога се чисти тепих, Avoid, каде што се избегнуваат теписи доколку моп додатокот е ставен на роботот, или Ignore, кој се користи ако нема теписи, или имате гумени подлоги кои може да се пребришат со моп додатокот.

Доколку не сте во вашиот дом, роботот може да го управувате рачно преку апликацијата, а истиот работи и со гласовни команди преку Google Assistant и Amazon Alexa.  

Одржување и батерија

За разлика од обична правосмукалка, кај роботските потребно е малку почесто празнење на корпата за нечистотија, како и редовна промена на водата во резервоарот со чиста. Со оглед на капацитетот, вакво нешто е за очекување, а истото важи за сите роботски правосмукалки.

Како што спомнавме, корпата за нечистотија се наоѓа на горната страна, и се вади прилично лесно. Тука е и филтерот кој може да го измиете со вода, а потребно е да се исуши пред повторна употреба.

Главната четка од долната страна исто така се вади лесно, а доколку приметите дека од страните се заплеткани влакна, може и да се расклопи за истите полесно да се отстранат.

Покрај овие две работи, ќе треба и да ја промените водата во резервоарот доколку го користите моп додатокот, а и ткаенината на самиот додаток убаво е да се исчисти. Истата лесно се трга од модулот, а може да ја измиете со млаз вода.

Батеријата е со капацитет од 5,200 милиампер часа, и истата е доволна за максимум од околу три часа чистење, доколку се користи тивкиот начин на чистење и намален проток на вода. Она што е убаво е што по завршување на чистењето, роботот сам се враќа на базата за полнење, па доколку чистите еднаш во денот, ќе имате полна батерија на секое чистење. Исто така, доколку батеријата е празна, а вашиот дом уште не е потполно исчистен, роботот ќе се врати на базата, ќе се наполни, и сам ќе продолжи со чистење на деловите кои не се готови.  

Севкупни впечатоци

Веројатно единствената работа која некои од корисниците ќе ја гледаат како негативна е цената – Roborock S7 воопшто не е ефтин, дури и во споредба со некои од другите уреди на компанијата. Но, нашето искуство е дека доколку барате робот кој потполно автономно ќе го “светне” вашиот дом додека вие не сте тука, цената и не е толку висока.

Фактот што Roborock S7 е едноставен за подесување и користење, бара минимално одржување, и скоро сите функции ги извршува без вие воопшто да се грижите, го прави одличен уред за секој корисник, и дефинитивно би го препорачале.  

Доколку сте заинтересирани, истиот е достапен на веб страната на Smartus и може да го нарачате веднаш. Имате избор помеѓу бела и црна боја, а добивате и бесплатна достава до вашиот дом. Исто така, доколку сакате да го видите и/или тестирате уредот, можност за истото имате во pop-up изложбениот салон на Smartus во Охрид (ТЦ Амам), кој е отворен до 31 август. 

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] post Рецензија: Робот… appeared first on […]

ит кариера

Data Masters

Data Engineer

Digilink Konsalting

Java Script Developer

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

види ги сите огласи на kariera.it.mk